Мајката на малиот Илче, детето со ретка болест кое беше згрижено во мал групен дом во Демир Капија, пред неколку дена била модра во ликот од тепање, дознава ,,Слободен печат” од очевидци. Жената има тешки психички и физички попречувања, со години е жртва на насилство, но сепак заработи кривична пријава зашто го остави синот, дете со посебни потреби без грижа, храна и нега, со што беше доведен во прашање животот на единасесетгодишникот.
Слободен печат се обрати до МВР и до Центарот за социјални работи-Охрид за повеќе информации, дали случајот со тепањето на мајката е пријавен во полиција, со оглед на тоа што тепањето било евидентирано од социјални работници кои дошле на лице место во куќата каде што живее мајката.
– Ја видов од едната страна на ликот, беше модра, а присутни беа и четворица од Центарот за социјални работи на лице место и ѝ дадоа нешто да потпише. Таа постојано ме прашува за Илче, вели каде ми е детето. Кога ќе и речам дека е добар, знае да се насмевне, вели нашиот извор.
Мајката доби кривична пријава која полицијата ја поднесе по службена должност, откако неколку недели без храна, грижа и терапија го оставила Илче во закрила на познаници без медицинска компетенција ниту знаење како да се грижат за дете со ретка дијагноза. Откако се случи ова, детето беше доведено на раб на смртта, бидејќи било хрането само со по една чаша млеко дневно, а кога стигнало во болница било екстремно потхрането, со контрактури и со рана од десната страна на телото која настанала од деноноќно лежење во иста позиција на подот во охридската куќа.
Слободен печат го посети Илче: За само еден месец опкружен со љубов, почнал да пее!
Иако МВР поднесе кривична пријава за мајката на Илче по службена должност, сепак таа има тешки психички и физички попречувања, односно не поседува интелектуален капацитет за расудување што беше причина голем број граѓани да се запрашаат како правдата се задоволува на начин што на лице кое не може да се грижи за себе, му се бара одговорност пред законот, наместо да му се пружи помош. Исто така, познаници се обидуваат да ја искористат ситуацијата и да ја присвојат куќата за себе, иако формално правно не им припаѓа.
Пред две недели, како што дознава ,,Слободен печат” од свои доброупатени извори во Центарот за социјални работи во Охрид, Светлана, мајката на Илче била ставена под постојан надзор над вршење на родителското право во траење од три месеци. Надзорот го врши стручен тим при центарот за социјални работи Охрид и се работи на евентуално зголемување на нејзините родителски капацитети и капацитетите за грижа на самата себе, за менување на навиките за одржување на лична хигиена и хигиена во домот и зголемување на нејзините капацитети за подобрување на критериумите за избор на нејзините социјални контакти.
Меѓутоа, нејзиното дете е сместено во мал групен дом во Демир Капија, па нејасно останува како се работи на зголемување на капацитетите кога двајцата се разделени. Исто така, сосема е исклучена варијантата дека мајката и детето ќе се соединат повторно, бидејќи во објектот во кој е најдено трајно живеалиште за Илче не се дозволуваат нови сместувања, а мајката не е работоспособна.
Стручниот тим по крајната проценка на капацитетите на мајката ќе заземе конечен став околу нејзините вистински потенцијали и евентуалното институционално сместување. Врз основа на досегашните сознанија од надзорот врз неа, земајќи го предвид фактот дека таа тешко ги усвојува советите и сугестиите од страна на стручниот тим, манифестира склоност кон бесцелно лутање и воспоставување социјални контакти со лица со општествено неадекватно однесување, можеби институционалното сместување на ова лице ќе биде најадекватно, вели за ,,Слободен печат” директорката на Центарот за социјални работи Охрид, Ајтен Мусли.
На Центарот за социјални работи Охрид му требаа 11 години и медиумски притисок да почне да размислува да ги згрижи мајката и детето. Според информации од блиски на ова семејство, мајката често питачела со синот пред џамијата бидејќи сопругот и ги земал парите од социјалната помош што ја примала и заминувал од живеалиштето.
Случајот со малиот Илче, дете од дисфункционално семејство не бил непознат на социјалните служби и претставувал охридско секојдневие на голем број граѓани со години. Нивната семејна куќа се наоѓа на помалку од 50 метри од канцеларијата на центарот за социјални работи, но сепак потребно беше медиумско алармирање за да се ангажираат околу наоѓање капацитет за вдомување на малиот Илче.
Во изјава за ,,Слободен печат” директорката тогаш рече дека категорично не се согласува дека институцијата што ја води добро се справила со овој случај, меѓутоа причината за тоа ја посочи во немањето институционални капацитети и места во домовите како и кризата со коронавирусот.
The post Кој ја тепа мајка му на Илче?! appeared first on Слободен печат.
Кој ја тепа мајка му на Илче?! was first posted on август 27, 2020 at 11:55 am.