Опозиционерот Алексеј Навални веќе се опоравува од труењето со нервен агенс и завчера беше отпуштен од болницата во Берлин, каде се лекуваше речиси еден месец. На почетокот, сите мислеа дека опозиционерот се отрул од чашата чај што ја пиеше на аеродромот во Томск. Но, брзата реакција на член на неговиот тим ги убеди германските истражители дека супстанцијата „Новак“ влегла во телото на Навални многу порано.
Кога се појави првата вест дека Навални е во кома, Марија Певчих сфати дека треба да дејствува брзо. Таа побрза назад кон хотелската соба што тој ја напуштил тоа утро.
„Тоа не беше одлука што требаше да ја разгледаме – знаевме дека тоа е единственото нешто што можеме да го направиме“, изјави Певчих за Би-Би-Си.
Алексеј Навални требал да се врати во Москва, а неговиот тим од антикорупциската фондација да остане во Томск за да ја заврши истрагата на која работеле. Марија Певчих ја предводела оваа екипа. Тие објавуваат многу детални извештаи кои укажуваат на корупција и злоупотреба на моќ на различни нивоа на руската политичка сцена и деловно работење.
„Алексеј беше здрав човек. Ние бевме со него последните неколку дена – прво во Новосибирск, потоа во Томск. Здравите луѓе не паѓаат во кома без причина. Знаевме дека нешто не е во ред. И, се разбира, ова е Русија. За мој ужас, труењето тука е нормално “, рече Марија.
Ако Навални навистина е отруен, Певчих сугерира дека ќе има траги од тоа.
Научникот кој го создал отровот „Новичок“ му се извини на Навални
Како се пронајдени шишињата?
Еден од вработените во хотелот отишол со неа во собата во која Навални ја поминал вечерта.
„Првично, тие не нè пуштија да влеземе, па ја чувавме вратата – за да се осигураме дека никој не влегол пред нас. Буквално ставивме стол пред вратата и дежуравме во смени”, рече Певчих.
Тие немале план што да прават, но кога влегле во собата, снимиле сè и подоцна снимките ги објавиле на Инстаграм.
„Влеговме внатре и за среќа имавме здрав разум да носиме гумени ракавици, благодарение на коронавирусот што секогаш ги носиме со нас“, вели Марија.
Нејзиниот тим собрал сè што Навални можеби допрел. На видеото се гледа како тие пакуваат разни предмети, вклучувајќи три пластични шишиња со вода. Во позадината се слуша гласот на вработениот во хотелот: „Ако земете нешто, ќе ви треба полициска дозвола, така ми рече директорот на хотелот“. Еден од приврзаниците на Навални одговара: „За жал, не можеме да го исполниме тој услов“.
Марија Певчих и нејзиниот тим имале малку надеж дека ќе најдат нешто. Таа станала уште повнимателна кога требале да ги извадат собраните предмети и да ги дадат на испитување.
Песков: Шишето од кое пиел Навални би можело да биде доказ, но е изнесено од Русија
Како доказите ја напуштија Русија?
Директни летови од Томск до Омск немало. Затоа Марија и тимот со автомобил отишле до Новосибирск, а од таму со авион до Омск. Сè што собрале од собата тактично го ставиле во нивниот багаж за да привлечат што е можно помалку внимание. Кога руските власти дозволиле Навални да биде однесен на лекување во Берлин, Марија се качила во авионот заедно со него и неговото семејство.
„Да не ги земевме овие шишиња од хотелот во Томск, тие ќе исчезнеа без трага“, рече таа.
Според неа, тие докажуваат дека Навални бил отруен пред да го испие чајот на аеродромот во Томск, но самите шишиња не се извор на отров.
Додека Навални беше во кома, експертите во Германија исто така пронајдоа „недвосмислени докази“ дека тој бил отруен со нервниот агенс Новичок. Овој резултат е потврден од две независни лаборатории во Франција и Шведска.
Берлин добил потврда од две европски лаборатории – Навални е отруен со новичок
Сепак, Русија тврди дека кога му биле земени примероци во Омск, немало ништо сомнително во нив. Иако Русија не ја отфрла целосно идејата дека е отруен, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека Германија треба да им достави информации „кои, за жал, досега не ни беа доставени“.
Кои прашања остануваат без одговор?
Она што останува нејасно е точниот момент кога се отрул Алексеј Навални и дали постои опасност некој друг да биде повреден, како што се случи во Солсбери.
Експертот за биолошко оружје, Владимир Углев, за Би-Би-Си рече дека верува дека труењето на Навални со Новичок било повеќе насочено отколку труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март 2018 година. Додека тие биле нападнати со течност, нападот во Томск бил поинаков и затоа е помалку опасно за другите, тврди тој.
Според портпаролот на Навални, траги од Новичок биле пронајдени само на едно од шишињата со вода, а не и на другите негови работи.
Германските истражители немаа пристап до облеката што Навални ја носеше дента кога се почувствувал лошо. Здравствените власти за ТАСС изјавија дека облеката е запленета од руски истражители и дека веќе не е јасно каде се наоѓа.
Засега критичарот на Кремљ мора да остане во Германија за да ја заврши својата рехабилитација, но има намера да се врати дома.
„Се надевам дека еден ден ќе дознаеме како е отруен Алексеј, Сега немаме идеја. Вистината не зависи од нас“, рече Марија.
Навални повторно застана на нозе, објави нова фотографија на Инстаграм (ФОТО)
Подготвил: А.А.
The post Како тимот на Алексеј Навални успеа да ги најде шишињата со Новичок? appeared first on Слободен печат.
Како тимот на Алексеј Навални успеа да ги најде шишињата со Новичок? was first posted on септември 25, 2020 at 10:05 am.