-5.2 C
Скопје
06:37 - 24 ноември, 2024

Изборот на Џафери значи дека има гласови за владата на Заев

Новото парламентарно мнозинство од 62 пратеника на СДСМ, ДУИ и ДПА вчера попладне го избраа Талат Џафери од ДУИ за нов претседател на Собранието, кому ова му е втор последователен мандат на функцијата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не му дадоа поддршка на Џафери, а пратениците од коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива претходно најавија дека ќе ја напуштат седницата во моментот на гласање.

По почетокот на седницата што доцнеше цел час, пратеникот од ДУИ Изет Меџити образложи дека Џафери е добар кандидат за спикер затоа што успешно и одговорно ја извршувал функцијата во претходниот мандат согласно Уставот и Деловникот, но опозицијата не се согласи со тоа. На расправата главно збор земаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои образлагаа дека нема да гласаат за Џафери затоа што масовно ја злоупотребувал функцијата во претходниот тригодишен мандат и не бил чувар на процедурата, особено што 40 отсто од законите се донеле во скратена постапка, а голем дел од законите биле носени со европско знаменце иако немале врска со реформите за влез на Македонија во ЕУ.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ меѓудругото го критикуваше Џафери што не го свикал Собранието за време на вонредната состојба и што обемни закони од 100 страници и повеќе спротивно на Деловникот во минатиот мандат се носеле во скратена постапка

– Немате стабилно мнозинство со 62 пратеника, едвај ги менаџирате и овие неколку дена со конститутивната седница и секако ова мнозинство нема да потрае долго. Во претходните три години усвоивме 8.590 закони од кои 330 во скратена постапка, а претходно велевте дека скратената постапка ќе биде минато. Имавме осум интерпелации, а шест од нив не ни беа ставени на разгледување – рече Мицевски.

Нему му реплицираше Јован Митревски од СДСМ дека за време на претходниот мандат кога мнозинство имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од 1.000 донесени закони дури 800 биле во скратена процедура.

– Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми казните и ги уништи и фирмите и граѓаните. Ова мнозинство ќе трае четири години – одговори Митревски.

Расправата во Собранието вчера течеше со серија обвинувања и напади меѓу пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сегашната опозиција смета дека Џафери нема да има кредибилитет како спикер, а кредибилитетот му го уништил токму владиниот партнер СДСМ, кој не штедеше критики за ДУИ во кампањата и им предвиде дека ќе заминат во опозиција.

Пратеничката Гордана Давкова Силјаноска рече дека може да го најде записникот од првото заседание на АСНОМ, но не може да го најде записникот од изборот на Џафери за спикер од минатиот мандат, што се случи на 27 април 2017 година, кога според пратеничката, бил избран со прекршување на Деловникот на Собранието.

Пратеникот Скендер Реџепи рече дека пратениците од Алијансата на Албанците и Алтернатива ќе излезат од салата кога ќе се гласда за Џафери.

– Албанците досега протестираа за репресии од македонските органи, а прв пат во историјата го кренаа својот глас против неправдите кои им ги нанесуваа други Албанци, тие од ДУИ. Тие им ја убија надежта на сите млади да живеат тука, им ја украдоа демократијата и го стимулираат отселувањето. Затоа сега кога зборуваме за кандидат за претседател на Собранието, не можеме да зборуваме за патриотизам. Верувам дека меѓу оние од ДУИ има и правично избрани, но една третина се избрани со уценети и украдени гласови. Секој кандидат на вреќата наречена ДУИ е кандидат со изгубена демократија. Патриотизам не е да го осиромашиш својот народ, а ДУИ ова го направи успешно и сега полесно го купува. Кај Албанците е убиена надежта – рече Реџепи.

Собранието ја прекина расправата во 15 часот. Во попладневните часови се очекуваше Џафери да биде избран за спикер и да заврши конститутивната седница, по што Собранието треба да почне да работи и како први задачи да ги разгледува одлуките на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна ссостојба за борба против коронавирусот и уредбите со законска сила што ги носеше владата.

Се „препознаа“ Че Гевара и Фидел Кастро

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица рече дека нема да го поддржи Џафери затоа тој во минатиот мандат постапувал спротивно на процедурите. Тој рече дека Џафери фрлал амаманмдани на опозицијата во корпа, како што беше во случајот со донесувањето на законот за двојазичноста и дека со фуснота со Службен весник го прескокнал потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов кога беше објавен законот за да стапи на сила.

Тој го нарече Џафери Че Гевара затоа што од герила влегол директно во фотелја, а Џафери му возврати дека ја прифаќа споредбата, доколку Апасиев се смета себеси за Фидел Кастро, па така во наредните четири години ќе водат интересни дискусии.

The post Изборот на Џафери значи дека има гласови за владата на Заев appeared first on Слободен печат.


Изборот на Џафери значи дека има гласови за владата на Заев was first posted on август 22, 2020 at 9:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....