12.8 C
Скопје
13:59 - 16 мај, 2024

ИНТЕРВЈУ Биљана Муратовска: Пандемијата изгради граници и таму каде што ги немаше

Пандемијата со ковид-19, покажа дека транспортот на стоки и услуги, мора и може да се одвива и покрај фактот дека многу држави во светот поставија „вештачки“ бариери со единствена цел да не се проширува заразата. Светската трговска организација во својот најнов извештај, забележува дека многу влади спровеле мерки за ублажување на прекините на економската дејност поврзани со пандемијата, по пат на изземање на одредени превознички екипажи од ограничувањата за патување или со зајакнување на квалитетот и пристапот до ИКТ. Во Извештајот се проценува дека, трошоците за патување и превоз претставуваат речиси една третина од трошоците за тргување, во зависност од секторот.

Со какви проблеми се соочува транспортот поради пандемијата?

-Превозот на стока во патниот сообраќај поради пандемијата помина во неколку фази од кои првата беше најтешка поради големите чекања на затворените гранични премини, потоа конвоите во кои имаше и жртви и повредени возачи, поради замор и стрес од ситуацијата. Во оваа последна фаза, донекаде се нормализираа условите за превоз со спорадични проблеми. Тука би ги споменала одлуките на италијанската и на грчката здравствена комисија, да не примаат македонски граѓани, но на крај со заеднички сили и споделувања на информации меќу асоцијациите, министерствата за надворешни работи и амбасадите, проблемите и недоразбирањата се решаваа за неколку дена.

Дали компаниите кои вршат транспорт, добија некаква помош од државата или самите се снаоѓаат?

-Дел од превозниците аплицираа за добивање на средства за исплата на нето плата, поради фактот дека истите нема да мораат да ги вратат, доколку на крајот на годината покажат дека дел од добивките ги употребиле за унапредување на стручните квалитети или обнова на возниот парк. Многу малку се задолжија со кредити, бидејќи стравуваат за иднината. Речиси сите превозници се потпреа на своите резерви и рационално ги користеа, за да се издржи притисокот. Со олабавување на мерките и зголемениот обем на работа (иако не во полн капацитет), донекаде се охрабрија. Но, сепак пак мора да се каже, дека работата и опстанокот на превозниците, се во директна врска со брзото закрепнување на севкупната светска економија.

Возачите се најдиректно изложени на заболувањето, бидејќи се во постојан контакт со многу   луѓе. Дали некој од нив се зарази со ковид – 19?  

-Факт е дека превозот на стока не смее да запре, бидејќи ќе се предизвика огромен хаос и криза во секоја држава поради поврзаноста на економиите, па во секоја одлука за забрана за влез во некоја земја, професионалните возачи се иземаа. Тие се самоизолирани во кабините на возилото, постојат протоколи кој се почитуваат на местата на утовар и на истовар, како и на граничните премини. Во целиот овој период на пандемијата немаме информација дека имало заболен возач од ковид – 19. Возачите се свесни дека доколку не се придржуваат на упатствата за лична хигиена, носење заштитна опрема, прво претставуваат опасност за своите семејства, а потоа и за секој друг.

Инаку, првиот протокол кој го усвои Кризниот штаб на нашата држава, беше протоколот за постапување на местото на утовар, на гранични премини и на местото на истовар на стоката. Сите возачи добиваат средства за хигиена и заштитна опрема. На местата на утовар, насекаде во Европа се постапува по посебен режим, а возачите воопшто не излегуваат од кабината. И на граничните премини се запазуваат сите здравствени протоколи, за да се намали можноста од било каков контакт.

Ова не е само здравствен, туку и психолошки проблем. Како возачите се справуваат со стресот?

-Во почетокот на пандемијата имаше многу притисоци врз децата и жените на возачите, кои беа осудувани од околината, во градинка, на училиште, на работа, само затоа што таткото, односно сопругот е возач и од нив често се бараше да не ги носат децата во градинка, односно да не одат на школо, а некои од работодавачите им се закануваа и со отказ од работа. Ова преставуваше голем психолошки притисок врз сите нив, што се одразуваше и на ефикасноста и работата на превозните трговски друштва, кои беа приморани да паркираат дел од своите возила, затоа што возачите одбиваа да работат со цел да ги заштитат своите семејства.

Пандемијата влијаеше врз потрошувачката. Очекувате ли во догледно време да се нормализира состојбата?

-Во услови на пандемија, се намали и размената на стоки меѓу државите поради запирање на светската економија, а со тоа се намали и обемот на превоз, особено за стоката која не спаѓа во групата на неопходни производи за одржување на хигиена, лекови, прехранбени производи и сл. Во првите месеци се работеше со намален капацитет од едвај 30 проценти од вообичаеното ниво, за постепено да се зголеми на 60 проценти, но сепак заздравувањето на економијата ќе биде основниот предуслов, се да се врати во нормала во превозот на стока во патниот сообраќај.

Сега се соочуваме со недостиг на возачи кои се подготвени да управуваат со возилата, со намалена ликвидност поради стопирање на исплатата на доспеаните побарувања, како и со намален обем на работа. Капацитетот на возилата не е целосно искористен, а нивните сопственици немаат средства да го регистрираат возниот парк и да ги обезбедат сите задолжителни осигурувања. Транспортерите се соочуваат и со доспеани ануитети од кредити и рати за лизинг договори за набавениот возен парк, имаат тешкотии во исплатата на плата. И сето тоа се одвива во ситуација кога се намалени цените за превоз.

Колку се зголемуваат трошоците за транспорт поради затворените граници?

-Во услови на застој на граничните премини кога имаше повеќе денови, во кои возилата не беа функционални, се зголемија обврските на работодавачите за исплата на дневници на возачите и надоместоци за храна и средства за хигиена. Со самиот факт дека се чекаше на граничните премини, сите превозници се соочија со намален обрт, помала понуда на  повратни превози, многу поминати километри со празно возило. Од друга страна, се случува енормно намалување на цените за превоз поради малата понуда на стока за превоз на транспортниот пазар во Европа и намалената цена на  горивото. Генерално, трошоците се зголемија во просек за 30 проценти и се работи за да се преживее, за да не се изгубат долгогодишните партнери.

Мора да се признае дека благодарение на транспортерите, на македонскиот пазар не се почувствува недостиг од било каква стока. Кој период од кризата беше најтешко?

-На почетокот сите им искажуваа благодарност на храброста и упорноста да се работи иако условите за работа беа катастрофални. Но за жал  како одминуваше пандемијата, луѓето почнаа да забораваат дека се би застанало ако не работеа превозниците, рафтовите во продавниците би биле празни или полупразни, особено кога се знае дека нашата држава е увозно зависна од стоката за широка потрошувачка или репроматеријалите за одреден производен процес. Најтешко беше во првите 60 дена од прогласената пандемија и затворањето на сите држави. Никнаа граници и таму каде што ги немаше (помеѓу членките на ЕУ), се со цел да се заштитат од пренесување на вирусот. Сепак треба да се одаде огромна благодарност на професионалните возачи, кои и покрај проблемите, си ја вршеа својата работна задача. Превозот е гранка, која не може да чека подобри времиња. Возилата прават трошок од минимум 50 евра дневно, дури и ако стојат паркирани поради високите фиксни трошоци кои ги има превозникот.

The post ИНТЕРВЈУ Биљана Муратовска: Пандемијата изгради граници и таму каде што ги немаше appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Биљана Муратовска: Пандемијата изгради граници и таму каде што ги немаше was first posted on август 21, 2020 at 8:54 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....