0.8 C
Скопје
23:14 - 18 декември, 2024

Големи очекувања на малите партии: Како договорени против Преспанскиот договор!

Дванаесет помали партии и коалиции со големи предизборни ветувања се обидуваат да ги симнат од владејачкиот трон трите најголеми партии во Македонија, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои 30 години се менуваат на власт. Судејќи според партиските програми на малите, трите најголеми досега баш и не успеале да обезбедат квалитетен и достоинствен живот за граѓаните, па сѐ уште се ги ветуваат истите основни нешта какви што се правда, реформи во здравството и образованието, чист воздух и подобра економија. Но, се ветува и бесплатно доделување на по еден хектар земја на секое домаќинство, шестчасовен работен ден, закон за употреба на канабисот итн., како и намалување на државната администрација, укинување на пратеничкиот имунитет, намалување на бројот на функционерите и сл.

Голем дел од малите партии гласовите ќе ги бараат и со ветување дека ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе го вратат името Република Македонија, а тоа се Левица, коалицијата Никогаш северна само Македонија, Глас за Македонија, Интегра и МОРО Работничка партија, а негативен став за Договорот со Грција имаат и од партијата Демократи.

Шестчасовен работен ден, Собрание со 61 пратеник

Едно од поинтересните ветувања на Левица е воведување шестчасовен работен ден, без да се намалат платите. Целта на оваа мерка е да се намали невработеноста и со неа Левица очекува побарувачката на работната сила да порасне за 33 отсто. Од оваа партија се уверени дека на изборите на 15 јули ќе освојат пратенички места, а својата програма ја претставуваат со еден предизборен спот, средби со граѓаните и со отворање канцеларии во поголемите градови, од кои последната во Куманово.

Левица нуди прогресивно даночење на профитот и на стекнатото богатство на олигархијата, како и државна помош за компаниите со пониски добивки. Компаниите на кои не им оди добро, ќе ги претворат во јавно-приватни претпријатија. Од партијата ветуваат дека правото на живот ќе биде пред правото на профит, па затоа водите, шумите, рудите и минералните ресурси ќе ги прогласат за национални богатства и ќе го забранат нивното издавање под концесија. Нудат и бесплатно образование и бесплатно здравство, силно работничко движење, лесен пристап до правда и правна сигурност, како и регулација и рестрикции во банкарскиот систем за да се елиминира вишокот на ликвидност во овој сектор.

Од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) информираат дека главен и основен приоритет за нив е  реформа на администрацијата и промена на политичкиот систем за да се намалат јавните трошоци и парите да се вложат во образованието и во здравството. Според лидерот Петар Колев, бројот на пратеници треба да се намали за почеток на 90, а потоа на 61.

– Собранието е премногу скапа гласачка машина. Повеќе од седум милиони евра се трошат само за плати на пратениците. За оваа година буџетот на Собранието е десет милиони евра. Потребни се и реформи во извршната власт, преку рационализација на администрацијата. Во ГДУ веруваме во мала, но ефикасна администрација. Тоа значи влада со 15 министри, без министри без ресор. Ние сметаме дека практиката на купување политички мир во земјата со назначување министри без ресор мора да престане, затоа што граѓаните не се должни да плаќаат високи плати и привилегии на луѓе што не работат ништо – вели Колев.

Програмата на ГДУ предвидува и намалување на бројот на советници на премиерот, на бројот на државни агенции како и на администрацијата, и тоа преку рационализација и предвремено пензионирање.

Македонски концепт деновиве се претставува пред гласачите во Охрид, Струга и во Кичево. Лидерот Петар Богојески вели дека оваа нова политичка платформа е шанса конечно да се изгради нормална и модерна држава и да се стави крај на долгиот и уништувачки посткомунистички транзициски период.

– Историското и културното наследство ќе го заштитиме по европски стандарди, а туризмот по земјоделството треба да биде втората суштинска гранка за развој на стопанството. Охридскиот регион преку туризмот може да го храни македонското образование и здравство. За да имаме достоинствено здравство, претходно треба да создадеме достоинствен туризам – рече Богојески во Охрид.

Еден од нивните адути на изборите е предлогот за закон за финансиска лустрација и потекло на имот, а програмата ја претставуваат на социјалните мрежи и преку директни средби со граѓаните.

Слободни граѓани и самомислечки пратеници

За партијата Интегра една од главните задачи е во првите 100 дена да го врати претходното уставно име на државата, Република Македонија, најави лидерот Љупчо Ристовски во емисијата „Утрински брифинг“ на  Слободна ТВ.

– 30 години во Македонија живееме во еден сон, фатаморгана. Не можев да се помирам да бидам дел од генерацијата што ја губи полека татковината од свои раце. Ниедна владејачка гарнитура не успеа да понуди извесна перспектива. 30 милијарди што ги украдоа од овој народ СДС и ДПМНЕ да беа внесени во економскиот циклус, со оние мизерни стапки на раст, сега ќе имавме плата 1.700 евра по вработен во Македонија. Тоа значи дека 30 години некој го краде и го разграбува крволочно мојот народ. За првпат во Европа го вадиме либертаријанизмот како вредносен систем, а тоа е личната слобода да се унапреди до максимална граница без да се загрози слободата на другиот – вели Ристовски.

Јове Кекеновски од коалицијата Никогаш северна само Македонија вчера истакна дека нивните стратешки определби се враќање на името и преиспитување на Договорот со Бугарија и на Законот за двојазичност.

– Ние сакаме да бидеме народни пратеници, а не политички платеници и извршители на желбите на лидерите на политичките партии. На државата не ѝ требаат слепи и послушни пратеници, кои само ќе стискаат зелено и црвено копче според директивите. За разлика од досегашниве собраниски платеници, избраните народни пратеници од нашата коалиција ќе имаат слобода самостојно да одлучуваат – рече Кекеновски.

Тој ги коментираше и бомбите што се пуштаат од почетокот на кампањата, во кои главни актери се функционери од двете најголеми партии.

– На сите ни е јасно што правеле и што прават раководствата на овие партии. Едниот добивал пари за спас на партијата, а за возврат го рушел СЈО и се обидувал да влијае врз текот на кривичната постапка која се води за бизнисменот финансиер и за останатите учесници. Другиот постојано ги рекетирал сите оние што имале потреба да им се заврши некоја работа и со пари добиени од корупција работел на промена на името односно на успех на референдумот, кој, за среќа, беше неуспешен. И едниот и другиот веќе знаат што ги чека ако не дојдат или не останат на власт – рече вчера Кекеновски.

Коалицијата ветува дека ќе го укине имунитетот на пратениците и патните трошоци на пратениците, дека ќе ја преиспита работата на Советот на обвинители и на Судскиот совет, ќе го распушти Уставниот суд и ќе ги расчистат случаите „Рекет“ и „Диво Насеље“.

 

The post Големи очекувања на малите партии: Како договорени против Преспанскиот договор! appeared first on Слободен печат.


Големи очекувања на малите партии: Како договорени против Преспанскиот договор! was first posted on јуни 30, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....