11.8 C
Скопје
13:36 - 25 април, 2024

Епидемиолозите „се раскинаа од работа”: Тешко се постигнува да се прават контролни брисови за Ковид 19

Еден епидемиолог, еден возач и еден медицински техничар од Центарот за јавно здравје Велес едвај постигнуваат да ги сработат сите случаи на коронавирусот и нивните контакти, тврди епидемиологот Билјана Трајкова од ЦЈЗ Велес по бројните реакции на позитивните кои се на домашно лекување, дека никој не дошол да ги тестира за да можат да излезат од дома.

Работнички од текстилната и месната индустрија во Свети Николе, иако дома седеле подолго од 14 дена после првиот позитивен тест, сега не можат да го напуштат живеалиштето. Се водат во регистарот на позитивни на Ковид 19, контролирани се од полицијата да не ја напуштаат адресата каде престојуваат, имаат решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но сепак, навремено не им се прават контролни тестови со што во самоизолација поминуваат долг временски период.

Епидемиологот од ЦЈЗ Велес, Билјана Трајкова тврди дека се работи по протокол и дека кога некому ќе му дојде редот, се тестира. Сепак, таа напоменува дека дневно им доаѓаат и по 50 случаи на заразени и на контакти и дека капацитетите се оскудни.

– Имаме инвазија од по 50 души на ден, а имаме само еден пункт со еден техничар, еден епидемиолог и еден возач. Луѓе изгубија свои најблиски и не ми е јасно што е тоа жалење по медиуми, за седење дома некој ден фазла. Ги тестираме некои пациенти и повторно излегуваат позитивни, па потоа се објаснуваме дали биле, зошто биле, едноставно капацитетите се тие. Жалби и поплаки не треба да има. Не можеме да се раскинеме. Ни праќаат пациенти од Скопје, од Свети Николе, од Куманово, од Кочани. Станавме центар на светот. Си имаме протокол и работиме по него, вели доктор Трајкова.

Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Свети Николе пак, воопшто нема епидемиолог и не е надлежна за закажување термини за контролни брисови.

Работнички од Свети Николе во текстилната и во месната индустрија кои инсистираат на анонимност, за ,,Слободен печат” тврдат дека работата со контролните тестирања оди многу споро. Некои од нив и по 35 дена се дома, без контролен брис, немаат симптоми но немаат ниту слобода да излезат од становите и куќите зашто се запишани во регистарот на Ковид позитивни и чекаат да се ослободат медицинските работници од преголемиот наплив на обврски за да дојдат на ред.

– Имав еден позитивен тест за коронавирус на 9 јули, со многу благи симптоми. Само два дена го загубив чувството за мирис и вкус. Но, и 18 дена после тој прв тест, никој не дошол да ме тестира повторно, ниту пак смеам да излезам од дома. Децата ми ги чува свекрвата а сопругот ми е во болница исто со коронавирус. Го губам веќе трпението. Зошто сум затворена дома подолго од 14 дена и никој не доаѓа да ме тестира? Во Центарот за јавно здравје ме препраќаат во тој во Велес, а од Велес си ја префрлаат топката во Св. Николе. Нема кој да ми закаже тест. Има многу жени што сме затворени дома од истата дата сме тестирани. Како да излезам кога сум во регистар на заразени а неизлечени и затоа што не сум правела тестови кои треба двапати да излезат негативни и уште сум под надзор секој ден, прашува пациентката.

Таа е револтирана што животот и е ставен на пауза.

– Нели е срамота што сме затворени дома? Пет души се јавија да ме известат дека морам да седам дома и дека не смеам да излезам надвор, а сега каде се? Нели 14 дена се седи во изолација, петнаесеттиот ден треба да правиш прв тест, а после два три дена втор контролен тест? Ние во кои пациенти спаѓаме, заборавени седиме дома веќе 18 ден и никој ниту се јавува ниту не повикува да правиме тест. Не сум си ги видела децата и многу ми е тешко, објаснува таа.

Вработена во прехрамбена индустрија во Свети Николе пак, тврди дека 35 дена е затворена дома со решение за изолација.

„Триесет и пет дена сум дома. Шести ден чекам за резултат од вториот тест. Првиот ми е негативен. Ако ви е за утеха на вас што сте дома само 18 дена“, пишува втора жена која се жали за истата проблематика.

Според податоците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, најрапиден раст на бројот на активно болни од коронавирусот во последниве две недели има во Штип и во Свети Николе.

На подрачјето на Центарот за јавно здравје во Свети Николе, на 13 јули имало само 42 активно болни. Една недела после тоа има 182 случаи. Во проценти, бројот на болни за неполни две недели се зголемил за близу 450 проценти.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски вели дека денеска добиле одлука од Владата Свети Николе да добие мобилен пункт за тестирање за коронавирусот.

– Како Општински кризен штаб чекаме детали за пунктот за тестирање и колку пати во неделата ќе доаѓаат епидемиолози од Центарот за јавно здравје-Велес. Веднаш штом ќе добијам информација ќе ги информираме граѓаните на Општина Свети Николе, вели Велковски.

Тој истакна дека се уште чекаат одговор на нивото барање за санитетско возило за транспорт на болните од Ковид-19 до болниците во Штип и Велес. Иако бројката од 188 активни случаи за Свети Николе е голема, лидер по растот на новозаразени од коронавирус на истокот од државата е Штип.

The post Епидемиолозите „се раскинаа од работа”: Тешко се постигнува да се прават контролни брисови за Ковид 19 appeared first on Слободен печат.


Епидемиолозите „се раскинаа од работа”: Тешко се постигнува да се прават контролни брисови за Ковид 19 was first posted on јули 27, 2020 at 1:25 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....