Здравиот начин на исхрана е во мода, а добрите нутриционисти се сè побарани. Особено, ако здравиот диетен режим би можеле да го комбинираме со физичка активност. Па затоа, задоволство ни е да поразговараме со нутриционистката, веганка и фитнес-инструкторка, Елена Мирческа.
Елена е дипломиран инженер-технолог нутриционист, но има и бројни доедукации во областа на природната медицина, нутриционизмот и квалитетот и безбедноста на храна. Со еден збор, таа е нутриционист „пар екселанс“, или по „нашки“, експерт за храна без конкуренција.
Го форсираш веганскиот режим на исхрана, можеш ли да ни кажеш пет причини зошто?
– Веганизмот не е само начин на исхрана, тоа е филозофија на живеење, која цели кон подобар живот на сите живи суштества на планетава и не го става човекот како супериорен вид врз останатите. Секој може да најде своја причина зошто би бил веган, почнувајќи од здравствени, етички, еколошко-одржливи или морални причини. Веќе е познато дека зголемената употреба на животински продукти делува негативно на нашето здравје, од друга страна пак, за да се задоволат енормните апетити за месо на еден дел од популацијата, останатиот дел од светот буквално гладува. За илустрација, за да се произведе еден килограм месо потребна е површина која е засадена со житарки, која би можела да нахрани 20 луѓе. Исто така, тука е и огромната потрошувачка на чиста вода за поење на стоката, за која сите сме свесни дека многу набрзо ќе биде луксуз и за човекот. Ефектот од загадувањето од месната и млечната индустрија врз животната средина е огромен, почнувајќи од сечата на огромни површини шуми за создавање на полиња за храна за животни, па сè до ефектот на метанот, кој се произведува со изметот на животните, врз глобалното затоплување. И последен, но не и најмалку важен е моралниот аспект и страдањето на животните преку нехуманиот третман за производство на храна, облека и лекови, за кои секој од нас може да најде еколошка замена.
Можат ли и малите деца да следат веганска диета без ризици?
– Секако дека можат, а тоа го потврдува и самата Светска здравствена организација. Но потребна е добра едукација на родителите или консултација со нутриционист за да се создаде добро избалансиран план на исхрана, кој би ги задоволил дневните потреби за правилен раст и развој на детето. Впрочем, како и за секоја останата диета.
Може ли да ни препорачаш ефикасна веганска диета?
– Јас како веган на професионален план не инсистирам за веганска исхрана кај своите клиенти, доколку нема одредена медицинска индикација или желба на клиентот за тој тип на исхрана. Но морам да признаам дека веганското мени ми е омилено за составување и го работам со задоволство. Општите препораки за вегански начин на исхрана се доволен внес на свежо овошје и зеленчук во сите бои на виножитото на дневно ниво, проследено со целозрнести житарки, мешунки, јаткасти плодови и семиња како здрав извор на масти. Кога сето тоа би се внесувало во правилен сооднос, тогаш вишокот килограми и болестите би се елиминирале. Стапката на современите хронични заболувања кај веганската исхрана наспроти конвенционалната е на значително ниско ниво.
Кето диетата, која е многу популарна во светот, но и меѓу спортистите, е спротивна на веганскиот режим. Што мислиш за оваа диета? Познато е дека гарантира брзо топење на мастите, но кои се предностите и недостатоците според тебе? Најпосле, бидејќи не сме сите вегани ни вегетаријанци, за која диета би рекле дека е најфункционална?
– Кето диетата не е толку нова во нутриционизмот и медицината како што зеде популарност во последните неколку години. Почетно била дизајнирана за превенција и помош при одреден тип заболувања како, на пример, епилепсија. Оваа диета го доведува консумирањето на јагленохидратите на минимум, на сметка на протеините и здравите масти и го доведува телото во состојба на кетоза, при која телото ги користи мастите како примарен извор на енергија во организмот. Диетата е несомнено ефикасна и се топат калориите, тоа е факт, но мене како нутриционист повеќе ме интересира фактот што природно, примарен извор на енергија за телото се јагленохидратите, а мастите, и на крај протеините се втора, односно трета опција и така функционира секој организам на биохемиско ниво. Од медицинска гледна точка, најтоксичната супстанција во организмот на човекот е уреата, а тоа е крајниот производ од разложувањето на протеините. Не постои организам кој на долгорочно ниво би се одржал во таа состојба без да се појават негативни последици врз здравјето. Затоа, внимавајте!
Често слушаме диети од типот за три дена може да ослабнете пет килограми. За да „стопиме“ килограм, од друга страна, треба да потрошиме 7.700 килокалории. Па да ги разбиеме митовите во однос на времето – колку реално ни е потребно време за да „стопиме“, на пример, пет килограми со умерена физичка активност?
– Не постои универзално правило кое би важело за сите, секое тело е приказна за себе. Се разбира дека колку е поголем процентот на дебелина, толку е побрзо симнувањето на килограмите, односно човек од 120 килограми многу побрзо ќе симне пет килограми и со најмала промена во животниот стил, отколку човек кому истите тие пет килограми му се последни до идеална тежина. Во овие два случаи ниту физичката активност, ниту режимот на слабеење не би биле исти. Но за сите важи едно исто математичко правило. Имено, кога потрошувачката на калориите е помала од нивниот внес, слабеењето е неминовен процес. Кога на тоа ќе се додаде и физичка активност, не само што тој процес ќе се забрза, туку и формата на телото ќе биде многу поинаква отколку да се ослабе само со диета. Интернет диетите од типот „пет килограми за три дена“ се многу опасни по здравјето, огромен шок се за организмот, а по завршувањето речиси секогаш килограмите се враќаат и тоа во поголем број.
Си освоила повеќе планински врвови. Кои ти беа најголемите предизвици во планинарството, а кои врвови ти се следни на листата?
– После напорни шест дена во сала, неделата е вистинска релаксација за духот кога е помината на висина и надвор од цивилизацијата. Планинарам од многу одамна, најчесто на планините во нашата земја, но не ретко и на околните. Со текот на годините, многу нормално е дека апетитите за височините растат, така ја ставам на тест својата издржливост и се тестирам до каде всушност ми се границите. Минатата година го достигнав својот максимум со успешно искачување на планината Дамаванд во Иран, висока 5671 мнв и секако дека не застанувам тука, ја имам целта следната година да го урнам сопствениот рекорд со искачување на Килиманџаро (5896 мнв) во Африка, се разбира, доколку успеам да го изменаџирам сето тоа.
Кои се твоите лични врвови во однос на амбициите на приватен план, кон кои целиш во следниве години?
– Сопствениот врв сè уште не го гледам, ниту пак сакам да дојдам до точка кога ќе кажам дека ми е доволно тоа што сум го постигнала. Планирам постојано да се надоградувам на професионален план во земјава и во странство, каде што исто така веќе одреден период се трудам да се промовирам, во Шведска поточно. Во план ми е запишување на постдипломски студии на универзитетот во Копенхаген, отсек „Хјуман нутришн“, студии кои ќе придонесат многу во мојата кариера и едукацијата. Фитнесот го следам во чекор, како и најновите истражувања и програми во светот, така и со најновите реквизити на пазарот. А, на приватен план, тука се планините и промоцијата на планинарството како спорт, посебно за женската популација во нашата земја. Активно работам на тоа да се разбијат стереотипите дека во спортот мажите се доминантни, воедно и дека како веган не можеш да постигнеш супериорни резултати на тоа поле.
Фитнесот и спортот се дел од твојот живот. Кои кардио-вежби даваат најголем и најбрз ефект доколку сакаме да ослабнеме?
– Моето долгогодишно искуство како фитнес-тренер покажа дека вежбите со отпор и со сопствена тежина даваат многу поголем и побрз ефект во слабеењето од измачувачките кардио-вежби, како што е трчањето на лента, на пример. Факт е дека со кардио-вежби се согоруваат калории, но тоа е само во моментот, додека трае физичката активност, додека тежинските вежби имаат долготраен постефект врз согорувањето на калориите, односно, после еден тежински тренинг телото продолжува да согорува калории и додека гледаме телевизија. Од друга страна пак, е фактот дека едно добро дефинирано тело троши далеку поголем број калории за својата одржливост, од тело со мал процент на мускулна маса. Затоа во просек мажите можат да си дозволат да јадат многу поголеми порции од жените, а да не се дебелеат, поради тоа што процентот на нивната мускулна маса е поголем. Сепак, една добро испланирана фитнес-програма ги вклучува и двата сегменти во правилен сооднос.
The post Елена Мирческа: Работам на тоа да се разбијат стереотипите дека во спортот мажите се доминантни appeared first on Слободен печат.