4.8 C
Скопје
18:11 - 18 декември, 2024

Ексклузивно интервју со првата дама, Елизабета Ѓоргиевска: Прегратката во овој миг може да се замени со топол збор

Безмалку еден месец граѓаните во земјава живеат во состојба на зголемена вознемиреност и во стравување за својот и за животот на своите најблиски. Преку ноќ, сѐ стана секундарно, освен како да се заштитат од опасната зараза што демне реално. Госпоѓо Ѓоргиевска, дали и Вашето секојдневие се промени драматично?

– Секако, како и кај сите граѓани не само кај нас, туку и ширум светот, секојдневната динамика претрпува огромни промени. Сите се обидуваме да се адаптираме на новиот начин на живот, да се свртиме кон себе и кон најблиските, да најдеме можеби и нов начин на функционирање во овие вонредни услови. Мое мислење е дека од целата непогода ќе излеземе поумни и побогати за едно мачно, но сепак корисно искуство: да се радуваме на секој нов ден, да ја цениме убавината на мирниот, спокоен, едноставен секојдневен живот, без премногу брзање.

Како изгледа еден ден на првата дама во период од закана за ширење на коронавирусот, кој, веруваме дека имајќи ги предвид Вашите активности, претходно, беше мошне динамичен. Всушност, како изгледа самоизолацијата и заштитата во семејството на претседателот?

– Во овој период активностите се ограничени, сепак се обидувам да придонесам макар на симболичен начин. Освен секојдневните редовни обврски дома, имам повеќе време да посветам на читање книги, гледање филмови, но и пишување трудови за кои подолго време не можев да најдам доволно време да ги завршам. Деновиве, почнав и со инцијативата за читање на приказни за децата, бидејќи Ајнштајн вели: „Ако сакате децата да ви бидат умни, читајте им бајки, ако сакате да бидат уште поумни, читајте им уште повеќе бајки“. Последниве денови, со Фондот за население на Обединетите нации работиме на испорачување на првите пратки на донирана помош за нашите сограѓани од ранливите категории – жените, особено бремените жени, старите лица и лицата со попреченост.

Во услови на пандемија, како што е оваа со вирусот ковид-19, ранливите групи на наши сограѓани стануваат уште поранливи, многу лица со попреченост се зависни од услугите што се прекинати, а нивните семејства треба да обезбедат резерва со храна и лекови, се зголемува дискриминацијата и стигмата на ранливите групи и лицата што живеат во екстремна сиромаштија; бремените жени се сочуваат со дополнителен страв за своето и за здравјето на своето бебе; нееднаквата положба во која се наоѓаат жените и девојчињата се продлабочува, a родово-базираното насилство расте. Ним им треба нашата помош. Обезбедувањето вистинска грижа ги јакне безбедноста, достоинството и правата на овие лица.

Деновиве јавноста дозна дека сте волонтер на Црвениот крст на Град Скопје, со што помагате на ранливите категории граѓани. Може ли да им ја доближите на читателите волонтерската активност и поддршка, која во овие мачни моменти значи речиси сѐ за оваа категорија граѓани?

– Отсекогаш сметам дека волонтерството кај нас треба да се развива, затоа што на таков начин поединците стануваат свесни за проблемите во општеството. Дополнително, чувството дека придонесуваме за подобрување на состојбата во заедницата навистина исполнува.
Во овие тешки моменти важно е сите да помогнеме во рамките на своите можности и да си дадеме поддршка. Црвениот крст на Град Скопје преку своите волонтери помага на различни ранливи категории. Денеска со Ивона одговаравме на телефонската линија за помош. Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психо-социјална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а сите останати на 071/379-119.

Вашиот познат впечатлив начин на однесување, кој го преточувате преку реченицата „Секогаш сакам да ги прегрнувам луѓето, затоа што така чувствувам“, како го модифициравте  во периодот на строга социјална дистанца?

– Некогаш ми се случува инстинктивно да се обидам да прегрнам некого, но се сепнувам во моментот. Тешко се менуваат животните навики, но мораме да се навикнеме на новите услови на живеење. Се надевам дека многу брзо ќе можеме да се вратиме на старите навики на живеење, а во меѓувреме да се обидеме да останеме безбедни. Прегратката во овој период може да се замени со топол збор, поглед, насмевка… и она што е најважно, емпатија и љубов кон другите. Тоа се препознава дури и без прегратка.

Како функционира Клиниката за детска и превентивна стоматологија, каде што сте вработена во време на закана од коронавирусот и дали како професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје, подготвувате онлајн предавања за Вашите студенти?

– Клиниката за детска и превентивна стоматологија е во рамките на УСКЦ „Св. Пантелејмон“ и тука секојдневно се примаат пациенти според препораките на Светската здравствена организација, но и на Светската стоматолошка асоцијација, односно, само итни пациенти со болки, оток или друга ургентна состојба. Сепак, како стоматолози, иако не сме на првиот фронт на борба со пандемијата, во случај на потреба од зголемен ангажман, секако би се вклучиле во третирањето на пациентите.
Што се однесува до образовниот дел, Стоматолошкиот факултет во овој период функционира преку онлајн настава. Теоретските предавања студентите ги добиваат редовно, но со оглед на ситуацијата недостига практичниот дел на студиите, односно работата со пациентите, што е од исклучителна важност во нашата област. Сепак, безбедноста на пациентите и на студентите е на прво место, па во иднина по завршување на кризата, ќе најдеме начин да ги надоместиме изгубените вежби.

Госпоѓо Ѓоргиевска, со зголемување на бројот на заразени и на починати од ковид-19, очекувано е да се интензивираат анксиозноста и депресивноста кај граѓаните. Која е Вашата порака како прва дама и како сопруга, мајка и ќерка во оваа време-невреме?

– Сега е време кога МОРА да бидеме внимателни и одговорни, но не и преплашени. Не смееме да го потценуваме вирусот. Мора да го држиме што подалеку од себе и од нашите блиски. Ова не му се случува на некој друг, оваа опасност е веќе меѓу нас! Вестите од светот за бројките на заболени и починати се страшни и растат секојдневно. Многу земји изгубија илјадници свои граѓани.
Заеднички можеме да влијаеме на овие бројки само ако секој од нас лично се вложи. Физичкото растојание кое мораме да го одржуваме меѓу нас, е, всушност, растојание меѓу нас и болеста. Нашето слободно и опуштено однесување во нормални услови е исклучително опасно во вонредни услови.

Да бидеме хумани и солидарни, бидејќи сите сме загрозени. Да не ги стигматизираме заболените затоа што секој од нас може да биде во ризик од ковид-19/коронавирусот. Онa што треба да го направиме, едноставно, да останеме дома, за да се заштитиме.

The post Ексклузивно интервју со првата дама, Елизабета Ѓоргиевска: Прегратката во овој миг може да се замени со топол збор appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....