-2.2 C
Скопје
08:10 - 23 декември, 2024

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ Јацек Чапутович: Нема веќе причина да се одложува почетокот на преговорите

Полскиот шеф на дипломатијата, меѓу другото, во интервјуто се осврнува и на новата методологија за преговарање со Европската Унија, на мигрантската криза и на други актуелни теми.

  • Многу земји од ЕУ деновиве станаа гласни, барајќи датум за преговори со Северна Македонија – соседите, Вишеградската група, вие… Зошто мислите дека ни треба толку поддршка и можно ли е да дочекаме уште еден студен туш од Брисел?

– Не знам кога ќе биде донесена одлуката за започнување на преговорите. Се надеваме дека тоа ќе се случи во скоро време. Не знам дали ви треба уште поддршка. Полска ве поддржа и преку Вишеградската група, но сега сум во посета со балтичките земји за да ја изразиме нашата поддршка. Ние ја цениме позитивната одлука на Европската комисија и препораката да почнат преговорите. Тоа е наша позиција од самиот почеток и разочарани сме што преговорите не почнаа минатата есен, иако го очекувавме тоа. Сега мора да ги убедиме и другите земји да бидат многу повеќе свртени кон напред во однос на вашите барања. Ние сметаме дека реформите во Северна Македонија околу судството, борбата против корупцијата и јавната администрација се позитивни. Со отворањето на преговорите ќе имате време, исто така, да се адаптирате на барањата на ЕУ додека траат. Го знаеме тоа од нашето искуство. Ние мислиме дека Северна Македонија, Албанија и други земји од Западниот Балкан треба да бидат примени во ЕУ. Тие се европски земји, со вас делиме заедничка историја и култура и имате право да ѝ се приклучите на ЕУ. Ние подобро од западните земји разбираме каква е ситуацијата тука, каква е вашата позиција, какви се вашите очекувања и зошто треба на вашата земја да ѝ дадеме шанса да ѝ се приклучи на Унијата.

  • Изговорите во ЕУ се дека поради лошото искуство со источноевропските земји, процесот стана многу тежок. Се согласувате ли со тоа?

– Не знам дали има такви изговори. Ние сме многу позитивен пример. Полска е земја што се развива многу рапидно, во неа има силна поддршка за проширувањето, така што се посочуваме како добар пример за членството во ЕУ. Јас мислам дека причината што јавното мислење е поскептично во западните земји е повеќе поради тоа што се плашат дека луѓето од овде ќе дојдат во нивните земји. Но во политиката и во наративот има различни аргументи, меѓу другото и за да не се кажат вистинските.

  • Како ја коментирате новата методологија за преговарање?

– Може да се прифати, добра е, бидејќи ја отвора можноста за почеток на преговорите. Исто така, тоа е гест кон Франција која го предложи тоа и мислам дека има надеж за отворање на преговорите. Зборувавме за ова прашање за време на неодамнешната посета на претседателот Макрон на Варшава. Тие се поскептични, но она што го гледаме е демонстрација на поддршка за Западниот Балкан, која скептиците во Западна Европа треба да ја прифатат како неопходност да се отворат преговорите.

  • Дали одлуката за почеток на преговорите ќе биде донесена на 26 март?

– Не знам. Ние мислиме дека ќе биде подобро тоа да се случи во март, а тоа е и ставот на ЕК. Сега, кога извештајот е позитивен, нема причина да чекаме.

  • Кој е полскиот интерес Северна Македонија и Албанија да станат членки кога ќе треба да ги делите парите на ЕУ со нас?

– Ние мислиме дека е етичко прашање да ги поддржиме овие земји и нивните општества, бидејќи имате право на тоа, посветени сте, имате добри причини и сте европска земја. Не треба да гледаме само на нашите тесни финансиски интереси. Исто така, имаме и безбедносен интерес, бидејќи во Западниот Балкан се присутни многу различни актери, не само ЕУ, како Русија и Кина кои имаат различни вредности. Затоа за безбедноста на ЕУ добро е да ѝ се приклучите и да ги делите истите демократски стандарди и безбедноста.

  • Како и Полска пред нејзиното членство во ЕУ, така сега и Северна Македонија се соочува со иселување. Успеавте ли да ги вратите иселените назад?

– По влегувањето во ЕУ, заминаа многу Полјаци, повеќе од два милиона, главно, во Обединетото Кралство, а тоа е значаен број за население од речиси 40 милиони. Некои од нив не се вратија и веќе се интегрирани во други земји. Но една од слободите во ЕУ е слободата на движење и ние го прифативме тоа. Има други групи луѓе кои доаѓаат во Полска, главно од Украина, и тие до извесен степен ја надоместуваат загубата на високообразованите, на докторите… Но тоа и натаму претставува проблем, бидејќи и други земји ги привлекуваат доброобразованите луѓе.

  • Како членка на НАТО, каква ќе биде, според вас, реакцијата на членките ако некоја идна влада кај нас реши да го напушти Преспанскиот договор и решението за името?

– Не знам. Но, зошто би го направиле тоа? Ќе биде проблем зашто тоа беше еден од условите за членството во НАТО. Не сакам да коментирам околу тоа, но мора да испитате која ќе биде реакцијата на другите членки на НАТО и особено на Грција. Веројатно вие тоа подобро може да го замислите од мене.

  • Во вашиот говор спомнавте заеднички безбедносни предизвици меѓу Полска и Северна Македонија. На што мислевте конкретно?

– Конкретно за мешањето на други земји во внатрешните работи. Ние се соочуваме со тоа многу често во нашиот регион. Особено балтичките земји, кај кои има руско мешање, дезинформации, што може да му се случи и на Балканот. Миграцијата, исто така, може да биде безбедносна закана. Поради тоа, полски граничари ја штитат македонско-грчката граница која е многу важна. Оттаму, следиме што се случува со миграциската криза. Вие, исто така, ќе станете членка на НАТО, мислам за неколку недели, бидејќи ја чекаме последната ратификација од Шпанија. Тоа значи дека НАТО ќе има обврска потоа да ја гарантира безбедноста на Северна Македонија.

Никој не бара затворање на границите на ЕУ поради корона вирусот

  • Како се справувате со корона вирусот?

Имаме хоспитализирани лица, еден случај е потврден. Владата е подготвена да се справи со тој предизвик. Имаме состанок на министрите од Вишеградската група во Прага токму на оваа тема. Треба да докажеме дека владата и државата ќе одговорат соодветно во ваква ситуација Во моментов, нема барања во ЕУ да се затворат надворешната или внатрешните граници, зашто нема таква закана, изгледа дека се контролира ситуацијата во земјите.

Полската позиција за мигрантите сега е широко прифатена во ЕУ

  • Дали ќе се соочиме со нова мигрантска криза и дали овој пат ФРОНТЕКС и ЕУ се подобро подготвени?

– Тие сега подобро ги разбираат последиците од илегалната миграција. По кризата во 2015 година, сега во Унијата има различен став, земјите се повнимателни и ја поддржуваат Грција, а контролата на границата со Турција сега се гледа како неопходност. ФРОНТЕКС исто така игра улога, ја чува границата, но се надевам дека кризата некако ќе се реши и нема да се дозволи масивен прилив на мигранти. Едноставно, општествата во Западна Европа нема да им го дозволат тоа на нивните лидери. Позицијата на Полска околу мигрантите беше скептична во 2015 година, но сега таа е широко прифатена во ЕУ.

The post ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ Јацек Чапутович: Нема веќе причина да се одложува почетокот на преговорите appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....