11.8 C
Скопје
22:28 - 19 април, 2024

На оштетените ќе им треба многу време, пари и нерви: Државата уверена дека ќе ѝ избега на правдата од Стразбур

Илјадници граѓани будно го очекуваат развојот на настаните откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур минатиот четврток одлучи дека им се прекршени правата со одлуката да плаќаат за топлинска енергија и покрај тоа што доброволно и законски се исклучиле од системот за парно греење. Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“ каде што се здружени обесправените граѓани, ги повикува сите на утрешниот протест пред судовите, каде што ќе можат да се консултираат со адвокати и правници за натамошните чекори со кои ќе можат да ги повратат дадените пари со тужби до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и снабдувачот „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вчера на редовниот месечен брифинг не ја коментираше одлуката на Судот во Стразбур и истакна дека Комисијата нема никаква надлежност во правосудниот систем. На новинарско прашање кој ќе ја сноси одговорноста што може да се случи државата да треба да им исплати обесштетување на граѓаните кое може да достигне до 20 милиони евра, Бислимоски рече дека немаат таков увид.

– Сите сметки, сите постапки што се водени пред извршители, пред нотари и пред судовите, тоа им го кажав и на „Но пасаран“, ние како РКЕ немаме надлежност да се враќаме наназад. Не верувам дека постои можност да се тргнат долговите на граѓаните од досудени одлуки од првостепен суд и потврдени од апелациски суд. Тоа е прашање на правосудниот систем, ние реално немаме никакви надлежности во овој дел. Тоа што го ветивме, тоа и го направивме и исклучените од 1 април 2019 година повеќе не плаќаат фиксен надоместок – рече Бислимоски.

РКЕ им должи на граѓаните

Ненов на ова вели дека одговорноста за целата ситуација првенствено е токму на РКЕ, конкретно на претходниот состав на чело со Димитар Петров, кој ги донесе спорните правилници поради кои државата Македонија изгуби во Стразбур. Тој додава и дека не е точно дека исклучените корисници на парно сега се ослободени од плаќање, затоа што правилникот од април 2019 со кој се фалат во РКЕ е сменет по четири месеци во нетранспарентна постапка, заради кој сега плаќаат паушал околу 4.000 граѓани.

– РКЕ им е должна на граѓаните, затоа што таа пак им наметна давачки. Точно е дека лани во април беше сменет правилникот и во таа промена учествуваме заеднички и ние од „Но пасаран“. Тогаш беше уредено дека ќе плаќаат надоместок само оние што не живеат во исклучените станови, а оние што живеат немаат таква обврска, со што повеќе од 10.000 лица беа ослободени од паушалот. Но, четири месеци потоа е донесен нов правилник на нетранспарентен начин, без работни групи и без наше учество, со кој од граѓаните што живеат во своите станови се бара да донесат седум сметки за струја во РКЕ, од октомври до април за да докажат дека живеат во станот и плус согласност од снабдувачот на топлинска енергија. Дополнително, пропишале дека во тие седум сметки месечната потрошувачка треба да е поголема од 1.000 киловат-часови, инаку ќе си плаќаат за парното што не го користат. А, што ако имаме енергетско ефикасни станови и ако можеме да ги згрееме со помала потрошувачка на струја? Благодарение на овој правилник сега уште 3.000 до 4.000 луѓе се принудени да плаќаат паушал. Прашавме во РКЕ дали овој доказ со сметките ќе мора да се дава секоја година и одговорот беше „да“ – вели Ненов за „Слободен печат“.

Тој повтори дека оние што со години плаќале, а досега немале постапка пред судовите, можат да тужат ако сакаат да си ги повратат парите. Неговиот совет е покрај „БЕГ“ да ја тужат и РКЕ, во случај ако „БЕГ“ отиде во стечај.

– Ако потоа овие процеси ги изгубат пред македонските судови, што е веројатно, пак ќе се оди до Стразбур, каде што би требало да добијат. Патот е тој, треба нерви, треба пари и енергија. Ние чекавме пет години за оваа пресуда и тие ќе треба да чекаат, но ќе им дојде сатисфакцијата. Оние, пак, кои имале судска постапка, мора да одат со повторување на постапката, но во повторената постапка судот ќе мора да ја земе предвид и пресудата од Стразбур – вели Ненов.

Кој ги штити судиите?

Тој објаснува дека пресудата од Стразбур е во насока дека РКЕ и судиите штителе монопол и затоа дел од нивната постапка за истерување на правдата ќе биде и барање за одговорност од судиите што суделе во предметите против исклучените граѓани. Според Ненов, се работи за околу 50.000 предмети што се насобрале од 2012 година досега.

– Ние ќе бараме одговорност од 65 судии од основниот суд и од Апелација, кои суделе во процесите против нас, а спротивно на Уставот и законите. Тоа е половина суд. Ние таа одговорност ќе ја бараме преку Судскиот совет и претседателот Киро Здравев. И пред две години се обративме до тогашниот состав на Судскиот совет за одговорност на судиите, заедно со здружението „Зелена лупа“, но нашите претставки немаа ефект. Ќе видиме сега што ќе направи Здравев. Јас јавно прашувам зошто во Законот за судовите што беше усвоен лани го избришаа членот што предвидуваше разрешување на судиите што донеле пресуда, која потоа паднала во Стразбур? Па им дојавија за нашиот предмет и дека ќе паднат таму, па за да ги заштитат судиите го избришаа тој член во законот. Јас и на состаноците со лидерите на политичките парти отворено сум ги прашувал зошто ги чуваат тие судии и зошто не ги разрешат – вели Ненов.

Во најновиот Закон за судовите повеќе ја нема одредбата дека судијата ќе се разреши за несовесно работење ако е донесена одлука од страна на ЕСЧП за повреда на правото на правично судење.

Според пресудата на ЕСЧП, во која осум предмети се споени во една пресуда, кај овие граѓани има повреда на Европската конвенција за човековите права, односно членот 1 во кој се пропишува дека секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Во судот има уште според има уште 130 предмети за кои граѓаните од „Но пасаран“ очекуваат иста одлука како за првите осум, дека државата Македонија им ги повредила граѓанските права.

The post На оштетените ќе им треба многу време, пари и нерви: Државата уверена дека ќе ѝ избега на правдата од Стразбур appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....