13.8 C
Скопје
00:18 - 25 април, 2024

Дерковски: Протоколот за гласање како да патува од Северниот Пол!

Комисијата за заштита од заразни болести сè уште не го доставила протоколот за гласање на претстојните парламентарни избори до Државната изборна комисија, иако во петокот министерот за здравство Венко Филипче најави дека документот е завршен уште додека траеја лидерските средби и сега само се прават мали промени кои ќе се завршат за два-три дена.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за „Слободен печат“ вели дека одамна го чекаат документот од здравствената комисија и врз негова основа со подзаконски акти како упатства, правилници и одлуки ќе ги уредат сите детаљи за гласањето на 15 јули и на двата претходни дена кога ќе гласаат болните и немоќните лица и затворените и притворените лица. Тој некое време предупредува дека им се потребни прецизни, а не општи препораки за дезинфекција, заштита и дистанца, затоа што членовите на изборните одбори и комисии не се епидемиолози за да знаат како да се однесуваат на ваков масовен настан како што се избори во услови на пандемија.

– Протоколот за гласање како да патува од Северниот Пол, се извинувам на иронијата, ама „од лани“ го чекаме, никако да дојде. Ние веднаш ќе го прилагодиме, односно ќе го преточиме во наши документи и се прецизно ќе уредиме за секој да биде заштитен при гласањето – вели Дерковски за „Слободен печат“.

Болните од коронавирусот и оние кои имаат решение за самоизолација ќе гласаат на 13 јули, а за гласање треба да ги пријави нивен полномошник најдоцна до 8 јули. Според актуелното упатство на ДИК за примена на член 111 од Изборниот законик за гласање на немоќни или болни лица, кај болното лице дома оди избирачки одбор со празна гласачка кутија, која е истата што ќе се користи и на денот на гласањето. На болниот му се дава ливче и тој гласа тајно, по што го става ливчето во плик, го залепува пликот и го пушта во кутијата. По гласањето пликовите остануваат во кутијата, а отворот на капакот се запечатува со нумерирана сигурносна лента. На денот на изборите, пред почетокот на гласањето, се вадат и се отвараат пликовите, а ливчињата без да се види за кого е гласано се враќаат во гласачката кутија.

Согласно владината уредба за гласање кај болните од коронавирус и изолираните ќе се формираат посебни избирачки одбори со по тројца здравствени работници, а освен одборите на овие гласања имаат право да одат и партиските и останатите набљудувачи.

Според упатството, немоќно или болно лице е она лице што не е во можност да ги врши основните животни потреби. Полномошник може да пријави најмногу две лица од семејството за гласање дома во општинските изборни комиии и за тоа мора да приложи соодветна медицинска документација. Засега не е јасно на кој начин ќе се измени ова упатство од 2016 година, кое не е применливо во коронакризата. Отворени се повеќе прашања како на пример што со семејствата во кои има повеќе болни што ќе се пријават да гласаат, како ќе се третираат нивните гласачки ливчиња на кои може да има коронавирус итн.

– Тоа упатство мора да се менува и за сето тоа го чекаме протоколот од здравствената комисија – вели Дерковски.

Филипче во ТВ-настап во петокот го релативизираше барањето на Дерковски за подетални инструкции, велејќи дека протоколот е готов и се базира на истите принципи за организација на каков било настан, без разлика дали е во надворешни или внатрешни услови, и дека за тоа веќе имале состанок со ДИК на кој одговориле на сите прашања.

– Последното барање е да се даде малку изменета форма и сето тоа ќе се финализира во следниве два до три дена – рече Филипче.

Ако не се почитуваат мерките, може да настане хаос!

Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост“, која ќе ги набљудува изборите со 1.000 набљудувачи, викендов предупреди дека, ако не се почитуваат мерките при изборниот процес, може да настане хаос.

– Политичарите, како личности кои ги поставуваат вредностите и стандардите во општеството, треба агресивно да ги промовираат мерките, а политичките партии и организаторите на настаните стриктно да ги следат препораките и процедурите кои се наложени. Секој од чинителите има своја одговорност и,  доколку дојде до тоа да не се почитуваат таквите протоколи, ќе настане хаос и што е исто така важно, во целиот овој процес политичарите да нема кој да ги гласа, односно, ние како граѓани може да не излеземе да гласаме – рече Алексов.

The post Дерковски: Протоколот за гласање како да патува од Северниот Пол! appeared first on Слободен печат.


Дерковски: Протоколот за гласање како да патува од Северниот Пол! was first posted on јуни 22, 2020 at 11:05 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....