1.8 C
Скопје
21:48 - 18 декември, 2024

Британија прифати темелни реформи за да не се повтори скандалот Виндраш

Кампањата „Црните животи се важни“, која преку Атлантикот се прелеа во Британија, највпечатливо резултираше со масовни протести и вандализирање и соборување статуи на колонизатори, трговци со робје и политичари со расистички идеи.

Овој бран во исто време помогна на површина да бидат исфрлени и низа други дамки од расистичките политики на Лондон, не само од далечната историја кога Обединетото Кралство беше колонијална сила и најмоќна Империја во светот. Но, за разлика од Белата куќа во Вашингтон, во која бавно продира вревата од протестите, властите во Лондон покажуваат сигнали дека се спремни да се соочат со проблематичните страници од својата историја.

Шефицата за внатрешни работи на Британија, Прити Пател, ги прифати сите 30 препораки од независната истрага за скандалот „Виндраш“ и вети значителни културни и системски реформи на службите за безбедност со цел да бидат подобрени човековите права во Обединетото Кралство.

Екран на кој е вклучен бродот „Empire Windrush“ се гледа во подготовките за Цветното шоу RHS Chelsea во Лондон, Велика Британија, 20.05.2018 година. EPA-EFE/NEIL HALL

Ова е реакција на предупредувањето дека има „сериозен ризик и денес да се случи „нешто слично на скандалот“ ако властите не ги спроведат препораките од истрагата за „Лекциите од Виндраш“ што беше спроведена на чело со Венди Вилијамс.

Британија во понеделникот го празнуваше Денот на Виндраш, во чест на генерацијата имигранти од Карибите повикани од властите во Лондон да му помогнат на Обединетото Кралство во обновата по Втората светска војна. Законските промени во идните неколку децении ги остави луѓето од Виндраш генерацијата во тешка ситуација да не можат да го докажат статусот на британски граѓани.

Како една од главните забелешки во извештајот „Лекциите од Виндраш“ објавен уште пред три месеци, беше истакнато дека Канцеларијата за внатрешни работи го игнорира проблемот на расизмот, што може да се смета за дел од институцискиот расизам. За Канцеларијата беше истакнато дека „нема доволна почит кон индивидуалните лица“.

На Денот на Виндраш, авторката на извештајот Вилијамс испрати 30 препораки до владата, главно насочени кон реформи во Канцеларијата за внатрешни работи, при што се бара поголема човечност, отвореност, разновидност и инклузивност.

– Политиката на Канцеларијата за внатрешни работи е насочена кон луѓето и треба да биде втемелена на хуманоста – се наведува во препораките.

Канцеларијата за внатрешни работи се обврза да изврши темелна проверка на ризиците и ефикасноста на контроверзните закони за да се обезбеди сите мерки и политики да имаат „хумана основа“.

Пател вети дека ќе се потруди Канцеларијата да ги исполни своите обврски кон секој дел од заедницата на која ѝ служи и дека уште пред летниот распуст на Парламентот ќе понуди начини за спроведување на реформите.

– Мојата цел е да ги поправам грешките и неправдите од кои страда генерацијата Виндраш и да им се помогне на што е можно повеќе луѓе да добијат целосна компензација. Ако за тоа се неопходни дополнителни средства, ќе ги обезбедиме – изјави Пател.

Во извештајот на 276 страници се анализирани причините зошто илјадници луѓе од Виндраш генерацијата биле сметани за нелегални имигранти, без права на здравствена и социјална заштита, иако биле повикани од владата во Лондон како помош за обнова на британската економија.

Една жена поминува покрај продавница продавајќи традиционална облека во Брикстон во Лондон, Британија, 22 јуни 2020 година. Денот го одбележува третиот ден на Виндраш.
EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Првата група гостински работници од Карибите во јуни 1948 година пристигнала во доковите Тилбери кај Лондон со патничкиот брод „Емпаер Виндраш“. Набрзо потоа уште илјадници луѓе од Комонвелтот биле ангажирани на места за кои не биле потребни високи квалификации – за градење патишта, возење автобуси, чистење на јавните згради и грижа за болните – но без чија помош обновата на Британија по Втората светска војна би била многу побавна.

Влијанието на овие работници е уште поголемо зашто тие предизвикале огромни демографски промени во конзервативното британско општество. Како гости што пристигнале со покана, овие луѓе, како и нивните деца, автоматски имале право за престој и работа во Британија, сѐ до усвојувањето на новиот закон за имиграција во 1973 година.

Но, со децении ова право не било почитувано. Голема тревога била крената при крајот на 2017 година, кога било утврдено дека многумина членови на Виндраш генерацијата, пристигнати во Британија пред 1973 година, како и нивни деца, не можеле или имале тешкотии да го докажат својот граѓански статус. Тие не можеле да добијат медицинска нега, им било оспорено правото на стекнување имот, па дури им се заканувала и депортација. Во повеќето случаи овие луѓе ги немале неопходните документи со кои би го докажале својот статус затоа што воопшто и не им било потребно да ги добијат кога пристигнале.

Во 2018 година тогашната премиерка Тереза Меј им се извини на имигрантите од Карибите поради проблемите што им ги предизвикале властите и им порача дека се „добредојдени во Британија“. Во 2019 година канцеларот за внатрешни работи Саџид Џавид објави програма за компензација на луѓето од оваа категорија што биле оштетени, приведени или депортирани, но компензацијата стигнала само до мал број лица, поради што беа засилени критиките до властите дека толерира систематски расизам. При анкета спроведена неодамна, дури две третини од граѓаните со темна боја на кожата во Британија истакнале дека властите во Лондон не направиле доволно за да се соочат со расистичкиот однос во својата историја.

The post Британија прифати темелни реформи за да не се повтори скандалот Виндраш appeared first on Слободен печат.


Британија прифати темелни реформи за да не се повтори скандалот Виндраш was first posted on јуни 25, 2020 at 8:54 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....