2.8 C
Скопје
20:50 - 18 декември, 2024

АНАЛИЗА: Предизвикот да се организираат избори за време на пандемијата со КОВИД-19 (ВИДЕО)

Пандемијата од Ковид-19 направи тектонски промени во голем број држави, кои освен здравствените и економските, се соочуваат и со предизвикот на демократијата. Изборна година за САД и за над 15 европски држави, меѓу кои и нашата.  Првично закажани за 12 април, па презакажани за 15 јули. Она што е сосема извесно е дека новиот вирус ќе биде присутен и за време на изборите. Ќе се гласа под посебни здравствени мерки. Ова е дел од таканаречената „нова нормалност“, што отвора низа дилеми.

Првпат ќе имаме предизборна кампања без вообичаените митинзи и јавни собири. Партиите ќе имаат на располагање дигитални алатки за да се претстават пред гласачите. Иако кампањата во моментов е стопирана, Комисијата задолжена за спроведување на изборите веќе прави подготовки. Првиот човек на ДИК вели дека дел од избирачките места не ги исполнуваат условите и мора да бидат заменети.

„Стигаат извештаи и од нашите подрачни единици има барање за промена. Ние тоа го правиме, но ќе треба време за кампања за да ги запознаеме гласачите каде се наоѓаат новите Избирачки места. Да ги објавиме пред се и да им кажеме на граѓаните нема да гласате таму, туку на друго место“, Оливер Дерковски – претседател на ДИК.

Додека ДИК ги проверува техничките услови за одржување  избори, јавноста будно ги следи активностите на партиите. Во услови на пандемија и криза, солидарноста е нужна. Но, дел од јавноста во делењето помош виде и додворување на гласачите. Според Државната комисија за спречување корупција, во време на стопирана кампања не гледа ништо спорно во делењето пакети.

„Факт е дека сите изборни активности се од поодамна запрени и делењето на пакети за хуманитарни цели не може да се смета за влијание или поткуп согласно нашите одредби, односно законот за спречување на корупција и судир на интереси, но и Изборниот законик. Единствено што може да се насетува дека постои некаков вид на поткуп е делот од членот 47 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, меѓутоа, тоа е многу тешко да се докаже дали тоа преставува поткуп“, Катица Николова член на ДКСК.

Антикорупциската комисија бара транспарентност во целиот процес на донирање, а изборните правила ќе ги заменат хуманитарните кога ќе продолжи кампањата.

„Штом партиите ќе се договорат за датум за изборите, или да не се договорот, а уредбата за запирање на изборните активности престане да важи, се продолжува со изборите онаму каде што запреа, тогаш и Државната Комисија ќе постапи многу поактивно во однос на следењето на овие хуманитарни помоши, кои што тогаш де факто ќе се сметаат како поткуп на гласачите“,  Катица Николова член на ДКСК.

Главниот предизвик, сепак е гласачкиот ден. Предизвик за здравствените власти, за оние кои ги спроведуваат и мониторираат изборите, за партиите, но и за гласачите. Треба да се сочува општото здравје, а во исто време и легитимитет на процесот. Гласачите со неколку дилеми… Министерот за здравство, Венко Филипче уверува дека процесот на гласање ќе биде безбеден ако сите ги почитуваат препораките.

„Во однос на симнувањето на маската, ако другите луѓе се заштитени, симнувањето на маската не е некој ризик. Затоа што нема директен респираторен контакт“, министер за здравство Венко Филипче.

Од ДИК велат дека нема потреба за грижи кога е невидливиот спреј во прашање.

„Прашањето за спрејот, да ќе треба граѓаните да се прскаат со спрејот како вообичаено. Ние направивме неколку проби со дезинфекционите средства за среќа спрејот на се губи туку се размачкува и уште повеќе го обележува гласачот што е добро во ситуацијава. Меѓутоа за секој случај ние ќе го пуштиме на хемиска анализа за да бидеме сигурни дали нешто има било каква опасност“, Дерковски.

Дерковски бара повеќе  време за организација бидејќи треба да се обезбедат многу работи пред изборниот ден. Ќе треба сите да се обезбедат со маски, како и скафандери за оние кои ќе влегуваат во домовите на болните и немоќните лица и ќе мора да се прави дезинфекција на материјалот и просториите, а дополнително ќе се јавува потреба од измени во избирачкиот одбор откако неколкумина побарале да бидат изземени од здравствени причини. Во ДИК се уверени дека има капацитет за легитимно и безбедно спроведување на изборите, но единствено ги загрижува недостатокот на време за подготовки.

„Не менува никому ништо, барем тоа е мое мислење 20-тина денови од она што се заговара меѓутоа ќе ни се даде доволно простор како ДИК да не направиме грешка и со тоа да не го доведеме во опасност никого по неговото здравје“, Дерковски.

Набљудувачите се подготвени за следење на изборите. Граѓанската организација МОСТ и меѓународната мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги мониторираат и кампањата и изборниот процес. По одложувањето на изборите, од ОДИХР посочија дека ќе ја испратат својата мисија кога изборите ќе бидат презакажани. Дел од партиите истакнаа дека државава не смее да си дозволи изборен процес без присуство на ОДИХР. Граѓанската МОСТ овој изборен циклус ќе го набљудува со помалку набљудувачи од вообичаено, но веруваат дека е возможно да се спроведат легитимни избори.

„Во однос на здравствениот аспект, не можеме ние да кажеме дали има услови. Тоа треба здравствените институции да кажат како и под какви мерки да се спроведат изборите. Од аспект на легитимност и легитимитет, мислиме дека мерките нема да бидат пречка“, Златко Димитријоски – МОСТ

Јужна Кореја, Израел и Ирска се дел од државите кои веќе ги спроведоа изборите, а набљудувачите велат дека и претходно имало примери од изборен циклус  во услови на постоење посебни здравствени мерки.

„Интересно е што имавме слична ваква пандемија, не со олкави размери, но беше пандемијата на свински грип во 2009 година и дел од искуствата коишто се користеле за време на таа пандемија, ќе се користат и сега. Од она што го гледаме како се спроведени изборите, но и препораките коишто ги даваат сите релевантни организации како што е меѓународната фондација за изборни системи, шведската ИДЕА и така натаму. Сите тие кажуваат дека може да се спроведат избори“,  Златко Димитријоски – МОСТ.

Европските држави веќе бараат начини за електронско гласање, а во дел од нив тоа функционира само на локално ниво. На европско тло, само Швајцарија и Естонија можат да се пофалат со електронски систем на гласање. Можноста од малверзации останува главен проблем при обидите да се најде електронско решение за спроведување избори.  Ние ќе бидеме принудени да се придвижуваме кон светските трендови, но во моментов не сме подготвени за вакви решенија – сметаат набљудувачите.

„Ако зборуваме на гласање преку интернет, тоа е одлика на многу понапредни држави коишто имаат заштити, обезбедуваат целосна заштита на гласањето и гаранција дека нивниот глас не може да се злоупотреби. Од друга страна, кај нас веќе се планира електронска или биометриска идентификација на самите избирачки места, односно ДИК веќе е задолжена да направи елаборат или спецификација за тоа на кој начин може да се воведе. Можеби тоа понатаму би одело со електронско гласање на самите избирачки места преку тие исти машини кои би се користеле за идентификација. Но, за електронско гласање преку интернет мислам дека во моментов не можеме да размислуваме. Мислам дека се уште треба да расте довербата во изборниот процес. Дури во оној момент кога ќе знаеме дека сите имаме доверба во сите фактори и чинители во процесот , особено оние кои го спроведуваат и одлучуваат по приговорите, тогаш би можеле да одиме кон некои пософистицирани форми. Во секој случај, пандемијава не натера и нас да размислуваме кон нови форми“, Златко Димитријоски – МОСТ.

Државата која веројатно направи најголем број тестирања на електронски систем за гласање е САД. Направени се неколку системи на гласање.  Системот со користење на екрани со допир, многумина го оценија како едноставен. Избирачот  треба да притисне на својот приоритет и гласот се копира на докот на уредот, а по завршувањето на гласањето сите гласови се пренесуваат во централна база на податоци. Идентификацијата на гласачите е со помош а гласачка картичка.

ОМР на печатено гласачко ливче е уште една од можностите кои беа тестирани во САД. Ваквиот систем се заснова на електронско означување на гласачкото ливче со засенување на името на избраниот кандидат во ОМР читач и гласачкото ливче се пушта во гласачка кутија, по што гласачот добива потврда за преглед на гласањето. По затварањето на гласањето, резултатите се извлекуваат од ОМР читачот и се печатат за детално разгледување. Потоа резултатите се пренесуваат преку модем до централното место за споредување во таа државна единица.

Приватната компанија VoteHere.net основана во 1996 година во Вашингтон е провајдер за гласање преку интернет. На претседателските избори во САД, VoteHere.net спроведе лажни избори кои ги нарекоа експеримент во сенка на гласањето преку интернет на избрани гласачки места. Целта на овој експеримент беше да се доближи до гласачите концептот за гласање преку Интернет. На избраните гласачки места биле поставени компјутерски терминали и откако избирачите гласале на традиционалниот начин, биле повикувани да гласаат со користење на компјутер и Интернет. Немало вистинско гласање преку Интернет во самиот експеримент бидејќи бил дизајниран за тестирање на реакциите на избирачите кон таквиот концепт. Треба да се истакне дека експериментот во сенка не ги тестираше проблемите со безбедноста поврзани со гласањето на Интернет. VoteHere.net смета дека постои дилема околу одредувањето на компјутерот на гласачот за да биде истиот безбеден.

Токму безбедноста, односно отстранувањето на можностите за изборни малверзации е најголемата грижа на креаторите на системите на гласање. Минатата година, на светскиот хакерски саем, група хакери добија задача да „упаднат“ во еден од програмираните системи за електронско гласање, а според пишувањата на светските медиуми, хакерите тоа лесно го извеле. Потрагата по безбеден електронски систем се уште трае.

Соочена со предизвикот наметнат од пандемијата од Ковид 19, земјава прв пат ќе оди на избори под маски. Потребна е поинаква, но и брза подготовка за да се заштити здравјето на гласачите, а заклучокот од надлежните е дека мерките нема да го загрозат легитимитетот на изборите.

Изминатиов период Здружението на новинари работеше на неколку теми поврзани со предизвиците наметнати од коронавирусот, организирањето избори е една од нив. Оваа анализа е подготвена од новинарите: Кристина Атовска, Енис Муртези, Алмира Фаслии и Александар Ѓоргиевски.

 

The post АНАЛИЗА: Предизвикот да се организираат избори за време на пандемијата со КОВИД-19 (ВИДЕО) appeared first on Слободен печат.


АНАЛИЗА: Предизвикот да се организираат избори за време на пандемијата со КОВИД-19 (ВИДЕО) was first posted on јуни 18, 2020 at 8:27 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....