17.8 C
Скопје
09:48 - 29 април, 2024

АНАЛИЗА Кој колкав пакет стокми во Европа: Македонија излезе најголем циција за економска помош во услови на коронакриза

Нема земја во Европа која помалку од Македонија ќе издвои пари за економска помош на стопанството, покажува обемното истражување што го објави српското здружение Национална алијанса за локален економски развој (НАЛЕД).

Со проценета вредност на државната поддршка преку економскиот пакет вреден 1,2 отсто од бруто-домашниот производ, Македонија има најниско издвојување меѓу сите 36 земји што се анализирани. На второ место од крајот на табелата е Албанија со сличен процент од 1,3 отсто, а интересно е што третото неславно место, од дното кон врвот на табелата, го држи Норвешка со 1,6 отсто од бруто-домашниот производ.

Меѓу земјите од Западен Балкан најмногу тежи поддршката во Србија и таа изнесува дури 11 проценти од бруто-домашниот производ, со вредност на пакетот од 5,1 милијарди евра, Босна и Херцеговина издвојува 3,5 отсто од БДП и Црна Гора има скроен пакет од 9,9 проценти од БДП.

Словенија, пак, која по големина е слична со Македонија, но е многу економски помоќна, скрои пакет од 6,3 отсто од БДП, а Хрватска 3 отсто од БДП.

Развиените европски земји, пак, дури една петтина од бруто-домашниот производ  го наменуваат за справување со економските последици од здравствената криза. Финска излезе со економски пакет што тежи 21 отсто од нејзиниот бруто-домашен производ, Германија – 20,3 отсто, Франција – 17 отсто, а Велика Британија со 14 отсто.

„Во просек анализираните држави издвојуваат 8,4 отсто од БДП за поддршка на приватниот сектор во борбата против коронавирусот“, пишува во истражувањето на НАЛЕД. Притоа е објаснето дека медијалната вредност е 6,2 отсто од БДП, што значи дека половина земји имаат издвојувања под овој износ, а половина поголем износ.

Што има во македонскиот пакет

Економскиот пакет на Македонија за справување со кризата, според пресметките на Владата, тежи 200 милиони евра. Од друга страна, според пресметките на Државниот завод за статистика, бруто-домашниот производ минатата година бил 11,3 милијарди евра, што значи дека според нашите пресметки, целиот економски пакет е 1,8 отсто од БДП, независно дали во пакетот се пари директно издвоени од државната каса, или пак, станува збор за други мерки. Но, и со овој процент, Македонија е на самото дно меѓу другите европски земји.

Во целиот економски пакет за справување со последиците од коронавирусот влегуваат: директната финансиска помош од 14.500 денари по вработен во засегнатите компании, субвенционирање на придонесите, паричен надоместок преку Агенција за вработување за оние што ќе останат без работа, прекинување на надоместокот за претседателите и членовите на  управни и надзорни одбори, социјална помош и енергетски додаток, одложени извршувања, одложени кредити, привремено ослободување од аконтации за данок за личен доход и данок за добивка, намалени авторски хонорари, бескаматни кредити и минимална плата за избрани и именувани функционери која „падна во вода“ со одлуката на Уставниот суд.

Меѓународниот монетарен фонд за 193 земји постојано ги обновува податоците за економскиот одговор на владите и според извештајот за Македонија, првиот пакет мерки е 0,5 отсто од БДП и тука влегуваат: субвенционирањето на 50 отсто од придонесите на засегнатите фирми, бескаматните кредите за угостителство, туризам и транспорт и одложеното плаќање данок на добивка. Од вториот пакет, ММФ ја издвојува директната финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен и ја проценува како 1 отсто од БДП.

Какви мерки се преземаат во Европа

Анализата на НАЛЕД покажува дека сите земји го креирале пакетот врз три финансиски столба: одложување и намалување на даночните давачки, директно финансирање на компаниите за намалување на невработеноста и финансирање за одржување на ликвидноста на фирмите.

Анализата наведува дека во најголем дел од земјите, услов за исполнување на помошта е намалување на приходот за 20 отсто во однос на истиот месец од претходната година. Кај нас, условот е 30 отсто.

Моделот на финансирање на минималната плата е застапен кај 10 од 36 земји, а меѓу нив е и Македонија.

Четири земји, пак, се одлучиле за пропорционален надоместок за скратено работно време, инструмент што го користеше Германија во кризата во 2008 година. Во извештајот е наведено како тоа функционира во Германија и во Австрија: Може да се добие надоместок за максимум 90 отсто од работните денови, а 10 отсто ги покрива работодавачот.

Бугарија и Франција се одлучија за процентуално покривање на бруто-платите во компаниите што имаат тешкотии. Во Бугарија се покриваат 60 отсто од трошоците за работниците, а во Франција 70 отсто, или ако станува збор за минимална плата, тогаш е покриена 100 отсто.  Во Холандија државата ги покрива сите загуби на компаниите над 20 отсто, а најмногу до 90 отсто.

Што се однесува до ликвидноста на компаниите, најголем дел од земјите овозможиле кредитирање по олеснети услови. Македонија досега има две бескаматни кредитни линии во висина од 13,7 милиони евра. Но, во извештајот е нотирано и дека дури 17 од вкупно 36 земји имаат формирано гарантен фонд за лесно доаѓање до кредити. Од земјите во регионот, на списокот е Албанија со гарантен фонд од 0,7 отсто од БДП, Бугарија со 8,6 отсто, Хрватска со 2 отсто и Србија со 4,4 отсто. На списокот ја нема Македонија.

The post АНАЛИЗА Кој колкав пакет стокми во Европа: Македонија излезе најголем циција за економска помош во услови на коронакриза appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....