Изјавите на политичарот Петар Богојески за улогата на жената во семејството предизвикаа бурни реакции во јавноста. Меѓу оние што јавно го осудија неговиот став дека на жените им е потребен машки надзор е и новинарката Вики Чадиковска, која преку социјалните мрежи упати порака за женската слобода, рамноправност и достоинство.
Контроверзните изјави Богојески ги даде при гостувањето во емисијата „Под лупа“ на телевизија Алфа. Во разговорот со адвокатката Катерина Котеска, посветен на распадот на семејството, разводите и семејното насилство, тој го посочи феминизмот како причина за, според него, несоодветното однесување на жените.
„Феминизмот е тој кој жените ги направи да се однесуваат на несоодветен начин и да отфрлат каков било машки надзор“, изјави Богојески.
На прашањето кој треба да го спроведува таквиот надзор, тој одговори: „Сопругот. Зошто тоа му е задача, обврска“.
Во текот на разговорот, Богојески изнесе и ставови со кои го оправдува насилството од страна на мажот доколку дознае дека сопругата го изневерила. Неговите тврдења наидоа на противење од адвокатката Котеска, која се занимава со семејно право и заштита од семејно насилство.
По ширењето на снимката на социјалните мрежи, новинарката Вики Чадиковска објави опширна реакција во која нагласи дека ваквите ставови не смеат да се третираат како безопасно лично мислење.
„ЖЕНАТА НЕМА ПОТРЕБА ОД МАШКИ НАДЗОР. ИМА ПРАВО НА СЛОБОДА, ПОЧИТ И ДОСТОИНСТВО“, напиша Чадиковска на почетокот на својата објава.
Таа оцени дека изјавата е дискриминаторска и навредлива за жените што самостојно одлучуваат за својот живот, градат кариера и се грижат за своите семејства.
„Жената не е ничија сопственост. Не е објект што треба да биде контролиран, надгледуван или ставен под нечие одобрение. Таа е рамноправен човек со сопствена волја, интегритет, права и достоинство“, порача новинарката.
Чадиковска побара јавно извинување и ги повика жените што извршуваат јавни функции да реагираат на ваквите изјави.
Според неа, особено загрижувачко е влијанието што ваквата реторика може да го има врз општественото прифаќање на дискриминацијата и насилството врз жените.
„Насилството не почнува секогаш со физички удар. Понекогаш почнува со ставот дека некој има право да управува со туѓиот живот“, истакна таа.
Повик за одговорност во јавниот говор
Во продолжение на реакцијата, Чадиковска нагласи дека жените имаат потреба од еднакви можности, институционална заштита и безбедност, а не од контрола врз нивните одлуки.
Таа истовремено објасни зошто одлучила да не ја сподели снимката од телевизиското гостување на својот профил.
„Намерно не го споделувам, нема потреба да му овозможиме сообраќај на дигиталните платформи. Замолувам сите да го направиме тоа. Тоа е очигледно негова цел. Споделување, без одговорност. Но, тој филм нема да го гледа“, напиша новинарката.
