Босанската пејачка Ханка Палдум се прости од легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач со емотивна порака на социјалните мрежи и заедничка фотографија. Таа се присети на долгогодишното пријателство, заедничките настапи и турнеи што ги поврзувале, како и на спомените што ќе ги чува од него. Мишо Ковач почина во саботата, на 31 октомври, на 86-годишна возраст.
Палдум во својата објава истакна дека музичката сцена изгубила уште една голема легенда, а потоа му посвети трогателни зборови на својот пријател.
„Драг наш Мишо, ти благодариме за песните што ќе нè потсетуваат на деновите исполнети со пријателски и братски односи, поминати за време на нашите долги турнеи. И покрај бурните животни предизвици и силната желба со песната од својата душа да го направиш овој свет поубав, остана секогаш ист. Оној Мишо што го сакаше својот Шибеник, својата Далмација, својот Загреб… Сакаше и беше сакан“, напиша Ханка.
Со овие зборови таа се потсети на човекот што, покрај музиката, ги поврзувал и искреното пријателство и заедничките животни искуства.
Пејачката ја заврши објавата со особено емотивна порака, посакувајќи му вечен мир на својот колега и пријател.
„Наша легендо, почивај во Божји мир, под маслинова гранка, во мирисот на розите и црцорот на рајските птици“, порача Палдум.
Мишо Ковач почина на 31 октомври, на 86-годишна возраст. Роден е во 1941 година во Шибеник, градот со кој остана тесно поврзан во текот на целиот живот.
Неговата музика остави длабока трага на хрватската и пошироката регионална естрада, а песните по кои беше препознатлив продолжуваат да живеат меѓу генерациите слушатели.
