2.8 C
Скопје
14:23 - 20 декември, 2024

НА СВЕТИ ТРИФУН КАЈ ЈОХАН ЕЛЗЕСЕР: Традиција, која не е само слава, туку печат на времето

По повод празникот Свети Трифун се сретнавме со Јохан Елзесер, кој ни ја раскажа традицијата стара 90-на години.

Неговиот дедо Андреш Елзесер или Андреас (по таткова линија), роден е во Војводина, или поточно во градот Вршац, од мајка и татко Германци, кои потекнуваат од областа Алзас. Се населиле во Војводина околу 1850-та година. Андраш во Скопје дошол „трбухом за крухом“, и како учен машинобравар веднаш нашол работа во фабриката „Пападеотеодосиј“, за во брзо време да биде промовиран во одговорно лице, а Јохан се сеќава:

– Му беше и кум на газдата Теодосиј… А, како ја запознал баба ми Цветанка од Велес, тоа до ден-денес никој не знае. Но, љубовта била огромна, за многу брзо мојот дедо отишол да ја побара раката на Цветанка од нејзината мајка на улица „Партизански одреди бр.47“, која пак без двоумење му рекла на Андраш: „Ти си католик, и ако сакаш да ја земеш Цветанка за сопруга ќе мора да се смениш во наш“. На Андраш му требало два-три дена за да дојде со пусулче на кое пишува – „Андраш православниот христијанин…“ Свадбата била во 1926 година во црквата „Света Богородица“. Во периодот од 1926 до 1928 година заедно со братот на мојата баба Цветанка, Андраш Елзесер и Кочо Костов купиле земја со површина од 10.000 м2 во областа Шамак над Скопје или малку над Трнов Дол или, по скопски кажано, кај лединката кај чешмата, а непопуларно кажано, е во Шпанско село, што мене ама ич не ми се допаѓа. Земјата ја саделе примарно со лози, а потоа, со други ситни зеленчуци и овошки за прехранување на семејството – раскажува Јохан.

фото- приватна архива

Во нивното семејство се слави „Свети Трифун“ од 30-тите години, па навака. Традиција блиску 90 години. Јохан вели дека тоа не е слава, туку одржување на некоја традиција, со која колку што тој знае, по годините на славење, единствено може да си конкурираат со некоја друга фамилија од Скопско Ново Село или Кучково. За жал, таа фамилија до ден-денес не ја запознал.

– Битно е да се напомене дека денес земјата од 10.000 метри е поделена на четворица, татко ми, чичко ми и двајцата нивни први братучеди Дракче и Сашо… Секоја фамилија или сите четири фамилии, си слават посебно, ама на истиот простор… – вели Јохан.

Неговите родители Ѓорги и Снежана, празникот Св. Трифун го слават од кога памти за себе. А тој пак, прв пат донел свои другари во први, втори клас гимназија, во почетокот на осумдесеттите години.

– Моите почетоци беа скромни, со по десетина другари, а во подоцнежно време друштвото се зголеми и почна да станува сѐ помасовно, а пред година-две, пред пандемијата, знаеше да продефилираат и над 1000 гости кај сите четири фамилии – вели Јохан.

фото- приватна архива

Славењето останало исто како и пред 90 години. Прославата е на отворено, се пали оган, се пие ракија и вино, се јаде месо приготвено на дрва или ќумур, салати – туршија, ајвар и овчо сирење, се печат пити под вршник и има жива музика.

– Обавезно има две-три музики, од кои едните се тамбураши, другите се тапани и зурли, а ако подзаглавиме во ноќните часови, знам и јас да земам гитара или некој од моите другари и покрај огнот да запееме убава македонска песна… Прославата е на отворено, временските услови никогаш не биле важни за денот, можеби се одразувало на посетата, но тие најверните секогаш седеле и на минус дваесет и на плус дваесет, и на дожд и снег и сонце – раскажува Јохан.

Малку мевце и алкохол

Инаку, секој гостин како што оди на обична редовна слава со пијалак и бомбониера, на Св. Трифун кај Елзесеровци си носи „тро мевце и алкохол, тоа што тој љуби да го јаде и пие“, а тоа се остава на едно заедничко место, и редовно истите си јадат и пијат од туѓото, затоа што, како што вели Јохан, така е послатко.

– Во последниве 30-тина години редовно се подготвувам два-три дена пред настанот. На денот, одам рано изутрина во седум часот, за гостите кои доаѓаат од кај десет часот, па натаму, да бидат пречекани со оган ракија, вино и мезе и тазе погача со чварки и пита, со месо, сирење или спанаќ под вршник. Во текот на денот, редовно се наоѓа некој гостин мајстор за оган, за скара, за пити под вршник, па така забавата е загарантирана и знае да трае и до ноќните часови – раскажува Јохан.

фото- приватна архива
фото- приватна архива
фото- приватна архива

Специјални адети нема, нема ни поп, лозјето се кастри традиционално како што тоа го правел мојот дедо, Андраш, се засекуваат по една-две-три лози, се поливаат со црвено вино, а тоа е проследено со музика од македонски зурли и тапани. А секој гостин кој сака да закрои, си застанува во ред и закројува по една – две лози.

– Земјата што е насадена со лози, или популарно наречено лојзето (по скопски, н.з), кое јас со моите другари го пресадувавме пред 40 години, со лози накалемени под раководство на мојот татко во Институтот за лозарство на Македонија, не е поголемо од еден декар или 1000 м2. Другиот дел е под овошки и место за дружење. Порано вадевме и до еден тон грозје. Татко ми правеше и вино и ракија. А во последните десетина години се прави само ракија, која ја пиеме дома или се дава на пријатели.

Валентајн е од „вчера“

Што се однесува до празникот Валентајн, Јохан е жив сведок на она време, за кое вели, дека како празник постои не повеќе од 15 години, или „ако сакате никој не ни знаеше дека постои пред 15-тина години“.

– Само две фамилии во Скопје славеа Свети Трифун, ние Елзесеровци и Костовци и другата фамилија од Скопско Ново Село… – се сеќава Јохан.

Со самата појава на првите приватни винарии, почнало омасовувањето на прославите, а редовно се викале македонски пејачки ѕвезди, ама и балкански.

– Јас како Јохан не се заморувам со тој проблем, освен што ми е жал и дефинитивно сум насочен на продолжување на традицијата кај моите деца, за кои, можам да кажам со огромна радост дека ја прифатија 90-годишната традиција. Иан (29) и Нина (23) веќе неколку години доминираат со другарите на лозје, момент за кој сум посебно среќен, и што е знак дека веќе почнувам да се повлекувам и оставам на децата да ја тераат традицијата, нешто многу слично како и со моите татко и мајка. А тоа е – оган ракија, вино, мезе-пита и жива музика.

Што се однесува до познатите личности, Јохан забележува дека тие се негови пријатели и пријатели на неговата фамилија.

– А фамилијата е Андраш и Цветанка, Кочо и Вера, Ѓорги, Томас, Драгче, Сашо, Матилда, Андреј, Јохан, Хајди, Коки, Весна, Оли, Горан и нивните деца и внуци… Традицијата е во овие 16 луѓе кои го слават Свети Трифун најмалку 90 години…

Фот

Фото – приватна архива

Слични објави

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо

„Се чувствував како несакано дете“: Наташа Беквалац проговори за нејзиниот татко, сакал син, но добил три ќерки

Еспресо

(Видео) Прескап подарок: Ана Николиќ се смири со дечкото и доби скапоцени подароци!

Еспресо

Анџелина Џоли не му дозволува на Бред Пит да се ожени младата Инес

Еспресо

(Фото) Снаата на Цеца блесна на славата на Свети Никола: Богдана позираше со сестрите Наташа и Бојана во вилата на Дедиње 

Еспресо

Хороскоп за 20 декември: Лавовите ги очекува невидена страст во љубовта, Скорпиите да внимаваат на парите

Еспресо
Се вчитува....