2.8 C
Скопје
17:10 - 22 декември, 2024

„Зеленски? Да не ви кажам тоа што го мислам…“: Три аудиоснимки од Силвио Берлускони ја „тресат“ Италија и Европа

Берлускони им кажал на колегите како се „смирил“ со Путин со вотка, дека не тој, туку Зеленски, е виновен за ваквиот тек на војната, дека не постои можен начин Путин и Зеленски да седнат на преговарачка маса…Но, ден потоа, јавно демантираше сè.

Италијанското издание на Ла Прес (LaPresse) објави три аудио снимки од лидерот на партијата „Форца, Италија!, долгогодишниот премиер Силвио Берлускони, во кои, меѓу другото, го критикува украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во објавената аудио снимка, Берлускони најпрвин ја изнесува својата верзија за тоа како започнала војната меѓу Украина и Русија во 2014 година.

Кога дојде на власт, Зеленски тројно ги зголеми нападите врз двете републики

„Дали знаете како се случи работата со Русија? И за ова, сепак, ве молам за максимална тајност. Дали ветувате? Вака беше: во 2014 година, во Минск, Белорусија, беше потпишан договор меѓу Украина и двете новоформирани републики на регионот Донбас за мировен договор дека никој повеќе нема да го нападне другиот. Украина го фрла тој договор во пекол една година подоцна и почнува да ги напаѓа границите на двете републики. Двете републики трпат загуби во армијата кои, како што ми кажаа, достигнуваат до 5-6-7 илјади мртви. Зеленски доаѓа, тројно ги зголемува нападите врз двете републики. Мртвите стануваат далеку побројни. Очајни, двете републики испраќаат делегација во Москва и конечно успеваат да разговараат со Путин. Велат „Владимир, не знаеме што да правиме, брани нè“. Тој е против секоја иницијатива, дава отпор, трпи силен притисок од цела Русија. И тогаш одлучува да измисли специјална операција: војниците мораа да влезат во Украина, да стигнат до Киев за една недела, да ја соборат владата, Зеленски итн., и да постават влада веќе избрана од украинското малцинство на добри и разумни луѓе, уште една недела за враќање. Влезе во Украина и се најде пред неочекувана и непредвидлива ситуација на отпор од Украинците, на кои веќе третиот ден почнаа да им пристигнуваат пари и оружје од Запад. И војната, наместо двонеделна операција, стана војна од двесте и кусур денови. Па, таква е ситуацијата на војната во Украина“, објасни Берлускони, во објавената аудиоснимка.

Против Зеленски, Берлускони додава: „Не гледам како Путин и Зеленски можат да седнат на маса маса за преговори. Затоа што не постои можен начин. Зеленски, според мене… заборавете, не можам да кажам…“. И следуваат аплаузи на пратениците.

Трите спорни снимки, всушност, произлегуваат од неговото обраќање на затворен состанок со новоизбраните сенатори од неговата партија (Форца Италија). На истиот состанок, а објавено во една од снимките, Берлускони јасно вели дека ги обновил односите со рускиот претседател Владимир Путин, дека Путин му честитал роденден испраќајќи 20 шишиња вотка и многу топло писмо, и дека тој на Путин му возвратил со 20 шишиња луксузно италијанско вино.

Аудиото беше емитувано од Енрико Ментана на „Ла7“, а самиот Берлускони се јави во студиото и прецизираше дека цитираниот дел во аудиото е извадено од поширок контекст: дека конфликтот на Америка и Европа со Русија е од корист единствено за Кина и дека е закана за Западот.
Вреди да се спомене дека на партискиот состанок, од каде што потекнуваат снимките, ниту еден од новоназначените сенатори или пак, членови на партијата не му опонираше на лидерот, туку напротив, неговото обраќање било поддржано со аплауз.

„Нема повеќе лидери, ниту во Европа ниту во САД“

Берлускони, исто така, додаде: „Има уште еден ризик, уште една опасност со која се соочуваме сите: денес, за жал, во западниот свет нема лидери, ги нема во Европа и во Соединетите Американски Држави. Не ви ги кажувам работите што ги знам, но нема вистински лидери. Може ли да ве насмеам? Единствениот вистински лидер сум јас…“.

Понатаму, додава: „Војната што се води во Украина е масакр врз украинските војници и граѓани. Значи, ако нема силна интервенција, оваа војна не завршува“.

Мелони: „Оние кои не ги делат камен-темелниците на ЕУ и НАТО, надвор од владата!“

Лидерката на партијата „Браќа на Италија“, Џорџа Мелони, која по победата на парламентарните избори во Италија треба да седне на премиерската фотелја, зборовите на Берлускони ги коментираше вака: „Италија, со високо крената глава и целосно, е дел од Европа и Атлантската алијанса. Секој што не се согласува со овој камен-темелник не може да биде дел од власта. Италија, со нас во владата, никогаш нема да биде слаба алка на Запад, несигурна земја, што би им се допаднало на многу од нашите клеветници“.

Да потсетиме дека ова не е прва скандалозна изјава на лидерот на „Форца, Италија!“ посветена на руската инвазија на Украина. Говорејќи во етерот на ТВ каналот „Раи“ во пресрет на изборите, Берлускони, познат по пријателството со претседателот на Руската Федерација, рече дека „Путин беше турнат во војната против Украина од рускиот народ, партијата, неговиот министри“, а целта на инвазијата била наводно формирање влада на „достојни луѓе“ во Киев.

„Се трансформира политичка дискусија во озборување“

Силвио Берлускони одговори на екслузивното аудио емитување од „Ла Прес“ преку писмена реплика: „Во 28 години политички живот, атлантскиот избор, европеизмот, постојаното повикување на Западот како систем на вредности и сојузи меѓу слободните и демократските земји, беа основа на мојата посветеност како политички лидер и човек на власта. Како што му објаснив на Конгресот на Соединетите Американски Држави, пријателството и благодарноста кон таа земја се дел од вредностите на кои ме воспита татко ми уште кога бев момче. Никој, нагласувам, никој не може да си дозволи да го преиспита ова “, пишува тој.

„Левицата, која често беше на погрешната страна на историјата, секако не може да си дозволи да го направи тоа. Ниту левицата на Демократската партија, која и на последните избори, пред неполн месец, беше во сојуз со непријателите на НАТО и на Западот“, додава Берлускони.

Во Италија постои „лоша навика да се трансформира политичката дискусија во озборување, користејќи украдени фрази снимени тајно и белешки фотографирани со телефон, со метод кој не само што е неправеден, туку и застрашувачки“, вели Силвио Берлускони. „Метод пред сè што води до искривување, па дури и превртување на моите мисли, користејќи парчиња разговори по желба, припишувајќи мислења на кои едноставно се повикував, давајќи им на дискурзивните фрази сосема поинакво значење од вистинското“, објаснува лидерот на „Форца, Италија!“. .

„Вината не е на медиумите, очигледно принудени да ја шират оваа вест, туку на оние кои ги користат овие методи на досиеја недостојни за цивилизирана земја“.

„Да се ​​преиспитаат причините за руското однесување, како што направив јас, и да се надеваме на дипломатско решение што е можно побрзо, со силна и заедничка интервенција на САД и Република Кина – тоа не се чинови во спротивност со западната солидарност и поддршка за украинскиот народ. На крајот на краиштата, нема да се постигне мир ако правата на Украина не се соодветно заштитени“, завршува Берлускони во својата реплика.

Слични објави

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо
Се вчитува....