Емотивна приказна за својот покоен татко, кој израснал во дом, раскажа Марко Маринковиќ-Слаткаристика.
Популарниот хип-хоп артист беше гостин во емисијата „Никој да не знае“ на ТВ Телма, каде во искрено и емотивно интервју прозборе за своите почетоци, тинејџерските заблуди, една од неговите најдраги песни во кариерата, но и за односот со неговиот покоен татко Боривије.
Слаткар рече дека моќта на музиката може да го извлече човекот од секоја животна криза и сподели лична семејна приказна.
Зборувајќи за создавањето музика што остава траен белег, Марко ја издвои песната „Да полетам“, за која повеќепати има кажано дека е автобиографска и посветена на неговото семејство.
„Песната делува така што те вади од било која дупка во која си западнал. Дали е таа емоционална, финансиска и слично… Мислам дека ова ми е една од најубавите песни што сум ги направил во животот. И така некако остана… И сега кога ќе ја пеам пред нови деца што се родени по промоцијата на самата песна, делува како да е свежа, како да излегла вчера. Можам да кажам дека е еден од тие евергрини“, рече Слаткар.
Еден од највпечатливите моменти во емисијата беше приказната за неговиот покоен татко Боривије, за детството во кое имал помалку од своите врсници и за начинот на кој реагирал кога неговата животна приказна станала дел од текст на песна.
Слаткар со многу почит се присети на карактерот на својот татко, кој и покрај тешкото детство израснал во голем човек.
„Нему му беше срам дека е пораснат во дом. Тој како човек беше голем, беше доктор и беше голем господин. И се срамеше што е дете од дом. Не му беше тоа нешто со кое се фалеше, но направил дете што со гордост кажува дека татко му е дете од дом. Нему му беше срам. Ми рече: ‘Сине, знаеш, јас нели кријам дека сум од дом, а ти излезе и кажа пред цел свет’.
Му велам: ‘Човече, тоа е тоа, веќе сите знаат. Воопшто не мислам дека е тоа нешто лошо, туку напротив, мислам дека е голем плус и за тебе и за мене. За да можам јас да се борам. И секогаш кога ќе ми е тешко, да ми текне на тебе и да ми текне колку тебе ти било тешко’“, рече Слаткар.
Тој отворено прозборе и за бунтовниот период од детството и тинејџерските денови, кога се соочувал со материјални разлики во општеството и влегувал во конфликти со родителите, за на крајот да сфати кои се вистинските вредности.
На прашањето дали навистина се карал со родителите, како што стои во песната „Зошто сте ме направиле“, Слаткар рече:
„Тоа се фази кога влегуваш во возраст во која ти требаат пари, а сите околу тебе имаат повеќе отколку што имаш ти. Не дека имаат којзнае колку, ама тебе ти изгледа дека немаш ништо. Тоа беа некои наши приватни караници и заблуди на едно младо, зелено дете кое мисли дека е подобро да имаш расипани мајка и татко што имаат да ти дадат, отколку да имаш чесни и образовани луѓе.
Тоа се некои тинејџерски заблуди кои верувам дека не секогаш се сфаќаат како што треба.
На крајот, јас сум исклучително горд што сум растел така. Кога би можел да се вратам назад, не би ги менувал моите родители за ништо. Татко ми бил и ми останал мојот единствен идол. Јас сум имал среќа што сум го имал, а тој ја немал таа среќа. Тој беше подобар човек во душата и беше голем господин.“
На прашањето дали денес чувствува срам за некои работи или постапки од минатото, Слаткар заклучи:
„Повеќе нему му беше срам кога јавно кажав дека е од дом, отколку што мене ми беше. Но, мене во животот не ми е срам за ништо освен да крадам и да лажам. Генерално, не ми е срам да сум искрен“, рече Слаткаристика.
Тој неодамна на прес-конференција откри дека се подготвува за концертот „Слаткаристика и пријателите“, кој ќе се одржи на 2 август на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, со кој ќе одбележи 20 години музичка кариера.
