13.8 C
Скопје
19:06 - 23 април, 2024

Средба со Зоран Лазаровски – Паљо: Важно е до последен ден, дури сме живи, да бидеме живи!

Разговараме со Зоран Лазаровски – Паљо, каратист, телоградител, велосипедист и двапати независен кандидат за градоначалник на Битола.

Зрачи со позитивна енергија, а своите 61 година ги доживува само како бројка. Фото – приватна архива

Го знаете Паљо? Вреди да го запознаете. Битолчанец кој од сесрце си го сака градот, спортист, идол на младите генерации, човек од народот, сака да се дружи, да се смее и да засмејува други. За него годините се само бројка. А тоа не се должи само на физичката активност, туку и на младешкиот дух.

И покрај значајниот генерациски јаз, денес си инспирација токму на младите, на миленијалците, оние кои од најраната возраст живеат со Интернетот, мобилните телефони и глобалниот проток на информации. На која „линија“ се случува ова доближување?

– Инспирација сум за младите затоа што во душата сум како мало дете, се радувам на мали работи, се прилагодвам на сите генерации, со сите можам да се дружам. Постарите генераци се предаваат пред време, а животот се живее до последниот момент и здив. Секогаш се трудам да им ја вратам енергијата на постарите генераци, а со младите сме на иста бранова должина. Многумина ме прашуваат – „од каде ти доаѓа таа енергија, како да имаш 15 години?“. И бидејќи со младите ја имам истата енергија веднаш се разбираме, можеме да се смееме со часови, да разговараме на стотина теми.  Ги сакам луѓето, многу сум присутен на социјалните мрежи, секое мое чуство сакам да го споделам со сите, имам многу клипчина на Јутјуб кои се многу гледани токму од младите – тие се поприсутни на социјалните мрежи. Сè правам спонтано, кога ќе ми дојди нешто на душа го споделувам. Мило ми е што сум испирација на младите зашто тие се иднината. Еве една порака до сите – сакајте го животот, своите блиски пријатели, вашето семејство, роднини, користете го секој момент да бидете среќни зашто времете е најскапоценето нешто – искористете го вашето време најдобро што можете.

Од мал сум без родители, многу пати се имам преиспитувано како издржав и ги победив сите искушенија и останав настрана од пороците. Фото – приватна архива

Во еден разговор велиш дека „од мал си без родители, не си подлегнал никогаш на пороци“, тогаш кој беше твојот најголем животен воспитувач?

– Да, од мал сум без родители, многу пати се имам преиспитувано како издржав и ги победив сите искушенија и останав настрана од пороците. Неколкупати фатив по погрешни патишта, се разбира не дрога, алхохол, цигари и коцка, ама сфатив дека јас не сум створен да бидам криминалец. Во младоста го сфаќав можеби тоа како предизвик, како игра, но кога станав полнолетен прекинав со сè, не беше тоa за мене, а згора на тоа сум и голем верник. Многу е важно секој да се пронајде, да има начин на живот и цел, инаку сè е џабе. Јас се пронајдов, научив на грешките, животот е многу краток за ние да го скратуваме уште повеќе и да го трошиме во глупости, затоа одредете си начин на живот и цел, и уживајте. Мојот најголем животен воспитувач беше улицата и верата во бога, сè е надвор, таму, на дофат – и лошото и доброто, изборот е само ваш.

Поголем дел од твоите врсници и врснички се борат со вишокот килограми, се согласуваш ли дека „климаксот“ е виновен за трансформацијата во изгледот и колку воопшто е здраво спортувањето на позрели години, особено кардио вежбите?

– Да, точно е, многу мои врснички и врсници се борат со вишокот килограми. Стареењето и климаксот придонесуваат да се забави метаболизмот, да се губи мускулното ткиво, а да се зголемуват масните наслаги. Но се знае – сè е во ваши раце! Движење, спорт, правилна исхрана и позитивна мисла – и ќе бидете во одлична форма, годините ќе бидат само бројка. Многу е важно да сте во форма и за здравјето и за изгледот, ако сте здрави и се видите во огледало во форма, ќе бидидете и психички здрави што е многу важно. Инаку, постари луѓе може да се занимаваат со спорт и секако и со кардио вежби, се разбира сè се дозира умерено според годините, затоа „урааа!“. Важно е до последен ден дури сме живи да бидеме живи, затоа не биди полумртов човек што одвај се движи.

Многу сум среќен кога ќе можам да усреќам голема маса на луѓе. Фото – приватна архива

Како поранешен бодибилдер со импресивни резултати, и сопственик на фитнес клуб, најчесто си во фитнес салата. Но кој е Паљо кога не вежба или не вози велосипед?

– Секојдневно сум во теретаната која ја имам веќе 27 години, „Фитнес Паљо“ е мојата душа, а возам многу и велосипед. Секој човек има, или би требало да има, неколку работи за кои живее, кои го прават среќен и му даваат смисла на животот. Не се сто, туку само неколку. А моите неколку работи, покрај „Фитнес Паљо“, тренингот и велосипедот, се филмови, музика, прошетка во природа, смеење со моите другари, дружење со мојата сопруга Љубица која е помлада од мене 31 година, а на иста бранова должина сме, се смееме, разговараме со часови.. И многу сум среќен кога сум покрај вода, езеро, особено покрај море, водата е чудесно нешто, ме смирва, ме прави среќен, шумот на брановите, ветерчето…И патувањата. Доста сум патувал во разни држави, запознаваш луѓе, култури, друг начин на живот. Тоа е прекрасно! Работев шест сезони како обезбедување во дискотека во Франција на Алпите, во Тињ, за мене најубавиот скијачки центар на светот, мој свет на чист воздух. Запознав луѓе од сите страни на светот, луѓе кои ја сакаат природата и спортот. Тоа е друга планета, тоа беа најубавите шест зими во мојот живот.

Патем, од каде прекарот Паљо?

– Уште од мал бев хиперактивен, смешен, ги забавував сите, не застанував, а и денес сум таков. Така, кога бев мал, еден од постарите во маалата на Широк сокак ми рече – „прав мал паљачо си, оние што ги забавуваат царовите во нивните замоци“. И додаде – „ти си интелегентен, не може ограничен чоек да засмејува луѓе, тие што го засмејувале царот биле паметни и истовремено му биле советници на царот“. Го памтам ова како да беше вчера. А кога пораснав повеќе не одговараше надимакот паљачо, па го скратија на Паљо.

Се обиде како независен кандидат за градоначалник, да седнеше на фотелјата што приоритетно ќе применеше?

– Двапати се кандитирав за независен градоначалник на Битола, во 2013. и 2021. Потекнувам од една од најстарите фамили во Битола и многу ме боли што ја гледам Битола како пропаѓа веќе 30 години, а беше град на сјајот, на културата, на спортот. Партиите и нивните кандидати ја уништија, ја паднаа на колена, многмина се иселија. Битола беше град на светлината и на позитивната енергија, град на конзулите. Едно ме чуди и не можам да сфатам, ако си партиски кандидат и ти си од Битола и живееш во овој град со својата фамилија, направи, бе, нешто за твојот град, за твоите луѓе – избран си, земаш плата, одиш на работа, тогаш сработи нешто за градот!

Инаку, сè е приоритетно во Битола, зашто сè е уништено, треба да се работи многу и секојдневно во сите области за Битола пак да стане тоа што беше.

На твоите видеа постирани на Јутјуб често се снимени преубави предели од Македонија, кадешто си стигнал со велосипед. Каков е, според тебе, односот на Македонецот кон природата?

– Со велосипедот патувам на убави места во природа, уживам. Ние луѓето сме дојдени од природата, не сме дојдени од бетонските згради, затоа треба да ја чуваме и да ја негуваме како најскапоцено нешто. Односот на Македонците кон природата и свеста – како кон сè, така и кон зачувување на природата – е на ниско ниво. На пример, кога работев во Франција, на Алпите, се чудев како внимаваат и ја чуваат природата, сè е заштитено. Можеби и ние еден ден ќе се свестиме само треба добар водач на државата.

На што би го потрошил „последниот денар“?

– На патувања низ светот, патувањата и излегувањето од шаблонот и секојдневието се лек за душата. И тоа би купил камперско возило, одлично опремено, се разбира ќе го земам велосипедот и сопругата и ќе го вртиме светот, нема поубаво.

Нашата политичка сцена е стварно турбофолк, не знаеш дали да се смееш или да плачеш. Фото – приватна архива

Диџејството не ти е непозната страна, каква музика слушаш дома? Каков однос имаш кон рапот, а каков кон турбофолкот?

–  Музиката е една од работите за кои живеам, слушам секаква музика само да е квалитетна, слушам и рап ако е квалитетен, слушам рок, блуз, фанк, џез, добра стара музика…Турбофолк не слушам. Сум бил диџеј многу пати на забави кои сам сум ги организирал, најпознати се оние на Широк сокак, со илјадници луѓе. Многу сум среќен кога ќе можам да усреќам голема маса на луѓе.

Гледаш ли турбофолк на нашата политичка сцена?

– Нашата политичка сцена е стварно турбофолк, не знаеш дали да се смееш или да плачеш. 10 години веќе не гледам вести, ако ми треба некоја информација тогаш ќе пребарам на Интернет, гледањето вести ме полни се негативна енергија, нема ништо позитивно, само полошо и полошо за Македонија и македонскиот народ. Живеам во мој свет, надвор од овај свет ограден од сè што е негативно.

Во што денес ја наоѓаш душата на Битола?

– 30 години полека ја уништват душата на Битола, луѓе кои не се плашат од господ, а тоа е најголема грешка, да немаш страв од господ. Душата на Битола е падната на колена, има мал сјај, ама надежта последна умира – може душата на Битола повторно да се издигне од пепелта и да блесне. Душата на Битола ја гледам во малкумината битолчани што вистински ја сакаат Битола, ја сакаат повеќе од својот личен интерес. Малку сме, ама нè има.

 

Слични објави

(Фото) Први фотографии на Раста од болница: Раперот задржан поради големи болки

еспресо

(Фото) Пријател објави приватна фотографија на Дарко Лазиќ и Катарина: Вака не сме ги виделе

Еспресо

Раста итно примен во болница

Еспресо

(Видео+фото) Ќеркичката на Никола Роквиќ плаче додека се збогува со својот татко кој тргна пеш за Грција на пат долг 1.150 километри

Еспресо

(Фото) Марко „Дај побрзај“ стана татко: Се родија близнаците Вања и Веда

Еспресо

(Фото) Прошталната порака на ќерката на Бојана Јанковиќ ја кине душата: Наследничката на покојната водителка се скрши! 

Еспресо
Се вчитува....