26.8 C
Скопје
16:42 - 29 април, 2024

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Синдром на карпален канал

Синдромот на карпален канал е најчеста форма на периферна компресивна невропатија, која настанува како последица на притиснат медијален нерв во карпалниот канал на рачниот зглоб. На тоа место, нервот минува низ многу тесен простор, ограничен со ситни зглобни коски, тетиви, фиброзни и ригидни карпални лигаменти. Најчесто пациентите со компресија/вклештен медијален нерв ги пројавуваат следните симптоми: трнење, жарење, боцкање и болка во палецот, показалецот и средниот прст. Болка и трнење кои може да се прошират низ подлактницата и рамото. Слабост на раката и ограниченост на фините движења како, на пример, неможност да се закопча копче.

Симптоми

Симптомите почнуваат постепено и со текот на времето се влошуваат. Најчесто клиничката слика почнува со појава на спонтани сензации од типот на парестезии односно трнење во првиот, вториот, третиот и страничната површина на четвртиот прст. Како поминува време, така трнењето се интензивира и освен прстите ја зафаќа целата рака. Почесто се јавува ноќе, и ваквата сензација може да разбуди од сон. Во потешки случаи трнењето е придружено со болки и оток во предел на рачниот зглоб, како и мускулна слабост и хипотрофија на мускулите на шаката. Правилното третирање на оваа состојба вообичаено е доволно за да го ублажи боцкањето и вкочанетоста, а потоа и да се обнови функцијата на зглобот и раката.

Причини за појава

Причините за појава на карпален тунел синдром се многубројни. Во најголем број случаи се јавува како комбинација од повеќе ризик фактори: генетика, чести повторувања на исти движења со раката, положба на раката и зглобот, бременост.
Други заболувања кои може да дадат симптоми на карпален тунел синдром се: ревматоиден артритис, дијабетес, нарушувања на тироидната жлезда, оштетување на лигаментите, повреди на зглобот (скршеници), компресија на нервите на ниво С6-С7 во вратот.

Дијагностика

Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот преглед, резултатите од електромионеврографското испитување (ЕМГ) и од ултразвучниот преглед на нервот.

Тetr-ов тест на компресија на медијален нерв, кој се изведува на следниот начин: притиснете го регионот на карпален тунел и задржете 30 секунди со вашиот палец додека пациентот го држи рачниот зглоб под агол од 60 степени во флексија. Чувство на отрпнатост во зоната на дистрибуција на медијалниот нерв значи позитивен наод.

Tinel-ов знак: лесно тапкање по медијален нерв со врвот на сопствениот прст или со рефлексен чекан над регионот на карпален тунел. Пациентот ќе чувствува боцкање или електрични сензации во зоната на дистрибуција на медијалниот нерв.

Phalen-ов тест: Пациентот го држи својот рачен зглоб во полна флексија истовремено со притискање врз надворешниот дел на шаката: ова провоцира отрпнатост и боцкање во прстите. Тестот се продолжува за една минута ако е потребно.

Се тестираат двете раце и се споредуваат евентуалните разлики.
Атрофија на тенарните мускули и слабост на палмарна абдукција на палецот се знаци за напредната состојба.

Дијагнозата се потврдува со електроневромиографија.
Во општа практика по исклучок може да се користат уреди за брза дијагноза, но тие во никој случај не можат да ја заменат конвенционалната електроневрографија.

Лекување

Лекувањето може да биде конзервативно, хируршко и со физикална терапија. Конзервативната терапија е симптоматска и е насочена кон лекување на основната состојба која довела до појава на синдромот. Најчесто се ординираат аналгетици, нестероидни антиинфламаторни лекови, периферни миорелаксанси, витамини и антиоксиданси. Носењето на ортоза не дозволува да се витка зглобот во текот на ноќта. Држењето на зглобот во права или неутрална положба го намалува притисокот врз нервот во карпалниот тунел. Исто така, може да помогне да се намали притисокот во текот на денот за време на активности што ги влошуваат симптомите. Хируршката терапија има за цел да го ослободи нервот од притисокот во карпалниот канал. По смирување на симптомите и ставање на болката под контрола, се препорачува физикална терапија. Таа треба да се избегнува во фазата кога најмногу се изразени болките и трнењето, затоа што во тие моменти може дополнително да ја влоши клиничката слика. Физикалната терапија има за цел да го рехабилитира нервот, да ги тонизира мускулите и да ја поврати нивната функција.

Закажете консултација на 02 3091 484. Експертскиот тим на Клиника „Жан Митрев“ ви стои на располагање.

 

Слични објави

Марија Шерифовиќ за проширување на семејството: Еве дали ќе има и второ дете

еспресо

(Видео+фото) Цифрата значително скокнала! На осмиот ден од одењето пешки за Грција Никола Роквиќ објави колку пари се собрани

Еспресо

(Видео) „Ви благодарам што сте дел од мојот живот!“: Каролина го прослави роденденот со сопругот и најблиските

Еспресо

(Фото) Луѓето воодушевени од фустанот на Александра Пријовиќ од Роберто Кавали: Го пронајдовме, во моментот е на намаление

Еспресо

(Фото) Никол Кидман ги покажа ќерките: Убави како мама

еспресо

Уапсен Жерар Депардје! Ќе биде сослушан за наводите за сексуален напад врз две жени

еспресо
Се вчитува....