20:09 - 18 мај, 2026

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Да го третираме дијабетесот со сериозноста што ја заслужува

Секогаш кога се отвора темата за болестите што најмногу го плашат човекот, на прво место најчесто се издвојуваат кардиоваскуларните заболувања. Дијабетесот, пак, често се доживува како состојба што се контролира со терапија и не бара чести проверки, со претпоставка дека лековите ќе ја завршат целата работа околу регулирањето на гликемискиот статус.

Дијабетесот е хронична болест што се карактеризира со намалено лачење инсулин од панкреасот и/или намалена чувствителност на клетките на инсулинот. Постојат повеќе типови дијабетес: тип 1, тип 2, гестациски дијабетес, како и поретки форми како MODY и LADA. Најчестиот е дијабетес тип 2.

Дијагнозата на дијабетес тип 2 се поставува врз основа на јасно дефинирани критериуми: во два наврата измерени вредности на гликемија на гладно над 7 mmol/L и вредност на гликолизиран хемоглобин (HbA1c) над 6,5 %. Доколку овие критериуми не се исполнети, се спроведува орален глукоза-толеранс тест, кој се смета за златен стандард во дијагностиката.

Дијабетес тип 2 често се развива тивко, со години пред да се манифестира преку лабораториски анализи или клинички симптоми како сува уста, зголемена жед, често мокрење или нарушен вид. Во овој период, вредностите на гликемија може да бидат покачени, но не доволно за поставување дијагноза. Со текот на времето, кога ќе се исцрпат компензаторните механизми на организмот или ќе се појави дополнителен стрес (инфекција, пневмонија, психофизички напор), доаѓа до значително покачување на гликемијата и поставување на дијагнозата.

Во минатото, можностите за лекување на дијабетесот биле ограничени. Денес, изборот на терапија е значително проширен и индивидуализиран. Третманот може да биде орален, инсулински или комбиниран. Оралната терапија опфаќа повеќе групи лекови што се комбинираат во зависност од потребите на пациентот, таргетните вредности, придружните заболувања и приоритетите во лекувањето (како дебелина, бубрежна инсуфициенција или кардиоваскуларни болести).

Инсулинската терапија се применува кога оралната терапија не е доволна, кога постојат контраиндикации за нејзина примена (на пример, терминална бубрежна болест) или во акутни состојби како кетоацидоза и хиперосмоларна состојба, како и кај доцно дијагностициран дијабетес во напредна фаза.

Компликациите од нерегулиран дијабетес се сериозни и се делат на микроваскуларни и макроваскуларни. Во микроваскуларните спаѓаат ретинопатија, нефропатија и невропатија, додека макроваскуларните ги вклучуваат срцевиот и мозочниот удар, како и периферната артериска болест.

Главната цел на лекарот е да ја спречи појавата на овие компликации. Сепак, најголемиот предизвик е што покачената гликемија често останува непрепознаена или добро толерирана од пациентите, за разлика од ниските вредности што даваат поизразени симптоми. Дополнително, пациентите неретко не ја следат редовно гликемијата, се потпираат исклучиво на терапијата или не обрнуваат доволно внимание на исхраната – нејзиниот состав, количина и распоред.

Сето ова создава услови за тивки, но континуирани оштетувања на клеточно ниво, кои со текот на времето кулминираат со сериозни последици.
Најголемиот неуспех за пациент со дијабетес е појавата на компликации, особено кога тие се резултат на недоволна грижа. Тогаш не страда само пациентот, туку и неговото семејство, околината, па и целиот здравствен систем.

Затоа, да се потрудиме секојдневно да градиме успешна животна приказна за секој пациент со дијабетес.

Д-р Џулиана Михајловска, специјалист по ендокринологија и раководител на Центарот за дебелина, ви стои на располагање за совети и третман на сите состојби поврзани со ендокринологија. Закажете го вашиот термин на 02 3091 484

д-р Џулиана Михајловска, специјалист по ендокринологија

Слични објави

(Фото) Никола Карабатиќ стапи во брак со партнерката со која е повеќе од една деценија

Еспресо

(Фото) Синот на Северина се миропомаза, пејачката покажа како прославиле

Еспресо

Неда Украден за суровата вистина за естрадата: Џабе ви „горат“ социјалните мрежи, мора да излезете на сцената и да пеете

Еспресо

Кога уметноста станува накит, а накитот израз на душата – Сања Каракашова Христов со својот накит веќе седум години ве инспирира да ја пронајдете љубовта кон себе

Еспресо

Ален Исламовиќ одгледува лешници за „Фереро“: „Како да јадете Нутела“

Еспресо

Мото-клубот „Мечки“ го одбележува своето полнолетство со нова песна и спот од „Ван Гог“

Еспресо
Се вчитува....