Една од песните што оставија белег во македонската забавна музика, „Ѕма, Ѕма, Ѕм“, повторно добива живот. Речиси пет децении по нејзината прва изведба, Дац и Александар снимија нова верзија на песната, овојпат во чест на композиторот Славе Димитров, кој неодамна го прослави својот 80-ти роденден.
Оригиналната песна датира од 1978 година, кога била изведена на Скопскиот забавен фестивал од групата „Македонија“. Музиката е дело на Славе Димитров, додека текстот го напишал Иван Карадак, познат македонски сатиричар и хуморист. Со својот препознатлив ритам и необичен наслов, песната остана запаметена како дел од музичкото време во кое се создавале и афирмирале голем број македонски забавни композиции.
Голема заслуга за успехот и уникатноста на песната има и Иван Карадак, кој беше еден од најпознатите македонски сатиричари, сценаристи и креатор на култната радио-емисија „Хихирику“, која се емитуваше повеќе од 25 години.
Новата верзија на „Ѕма, Ѕма, Ѕм“ е реализирана по идеја на Славе Димитров и неговиот син Дарко Димитров, кој се погрижил за аранжманот и музичката продукција. Во новата интерпретација, Дац и Александар ги оживуваат стиховите и мелодијата од оригиналната изведба. Придружни вокали се Маја Гроздановска-Панчева и Билјана Ѓошева.
Песната доби и нов видеозапис, осмислен како филмска кабаре-приказна, во која се комбинирани снимени сцени и визуелни решенија создадени со помош на вештачка интелигенција.
Речиси 48 години по првата фестивалска изведба, „Ѕма, Ѕма, Ѕм“ повторно стигнува до публиката, овојпат во ново музичко и визуелно руво. Обработката е и потсетување на авторите што оставија свој белег во македонската музика, но и чест за Славе Димитров, чие дело продолжува да живее и низ новите генерации изведувачи.
