13:21 - 24 јуни, 2026

(ФОТО) ВО РАЈСКОТО ДВОРЧЕ НА ГУДА ВО МОНОСПИТОВО: Тука цвеќињата пеат заедно со птиците

Ѕирнавме во дворот на Гуда Качурова, во село Моноспитово, и одлучивме целото волшепство да ви го донесеме пред очи, па и пред нос – зашто веруваме дека дури и оттука може да ја помирисате оваа убавина создадена од рацете на вредната Гуда. 

Додека ние му се радувавме на дворот, Гуда нам ни се радуваше, а на нејзината радост – се радуваа цвеќињата.

– Се радувам што некој го препозна трудот што е вложен во нашето дворче – вели.

Дворот се простира на површина од околу 1.500 м2 и се наоѓа во село Моноспитово, кое е едно од поголемите села во Струмичко. Љубовта кон негување на цвеќиња кај Гуда постоела отсекогаш. Имала голема желба да учи цвеќарство, но во тоа време такви образовни можности немало во Струмица. Па така, започнала сама да се интересира, сама да се занимава со оваа работа и постојано да се едуцира за цвеќињата со читање на списанија, а во поново време и со следење на градинарските трендови на Интернет.

– Кога ќе видам убава фотографија со цвеќиња, секогаш добивам инспирација за нешто ново. Сè ова започна како хоби, но желба ми е да станам професионалец во оваа работа – ни рече Гуда.

Дворот го  разубавуваат околу 500 црепови со околу 1.500 цвеќиња и неколку зимзелени борчиња. Ни објаснува дека во текот на зимската сезона доминираат темјанушките кои се најотпорни на ниски температури, додека во летниот период во дворчето царуваат цвеќињата калиопа и петунии.

– Сите цвеќиња си имаат своја убавина, не можам да издвојам кое ми е најдраго. Сметам дека за сезоната на топло време најпогодни се петуниите кои зрачат со најживописни бои – вели оваа страсна љубителка на цвеќиња.

За грижата околу градината Гуда има поддршка од семејството кое ѝ помага за одржување и реализација на нејзините нови идеи.

– За одржување на градината секојдневно се потребни неколку часа труд. Инаку, професионално се занимаваме со земјоделие, одгледуваме раноградинарски култури од каде имам искуство за одгледување на растенија. Веќе трета година се занимавам и со продажба на цвеќиња. Уште сум почетник во оваа работа и за продажба одгледувам само неколку видови на цвеќиња – додава таа.

Селото Моноспитово, кое се наоѓа во Општина Босилово, на 11 километри оддалеченост од Струмица, е познато по Моноспитовското Блато, кое е одлична дестинација за ботаничарите. Па, ако патот ве води оттаму, скршнете и проверете ги овие скриени македонски убавини.

А ако малку се задлабочите во звуците на природата, ќе слушнете како цвеќињата на Гуда пеат.

*

Овие написи може да ги следите и во групата … ДВОРЧЕТО …, група во која има едно чудо разноразни убавини, и која ви ја препорачуваме да ја посетите и да си станете нејзин член!

УЖИВАЈТЕ ВО ФОТОГАЛЕРИЈАТА.

ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА

Слични објави

Македонија е на врвот на листата на најевтини туристички дестинации во Европа

Еспресо

(Фото) Тања Савиќ го однесе синот на матура во скап кабриолет! Пејачката зрачи од гордост

Еспресо

(Фото) Ивана Кнол синоќа во секси стајлинг ги бодреше хрватските фудбалери во Торонто

Еспресо

Карлеуша ја исмеа Милица Павловиќ по најавата за новиот албум: „Таа нема фанови“

Еспресо

(Видео) Беа најконтроверзниот ријалити пар на Балканот — Луна Ѓогани и Слоба Радановиќ имаа „непријатна“ средба на настан

Еспресо

(Фото) Ќерката на Карлеуша во гламурозно издание — Атина Тошиќ блесна во златен фустан

Еспресо
Се вчитува....