Познатата македонска телевизиска водителка Билјана Дебарлиева и нејзиниот сопруг Јован прославија 32 години брак.
Двојката го одбележа семејниот јубилеј во друштво на блиски пријатели, кои истовремено прославија 15 години заеднички живот.

Билјана и Јован се заедно повеќе од три децении, а нивната љубовна приказна започна во Охрид, каде што се запознаа за време на летен одмор.
Водителката тогаш престојувала кај своите братучетки, додека Јован бил на гости кај пријатели. По случајната средба започнале да се гледаат, но Билјана на почетокот сакала нивната врска да остане подалеку од љубопитните погледи.
„Јован не смееше да ме држи за рака додека се шетавме, затоа што не сакав луѓето да зборуваат дека имам дечко“, раскажала водителката, присетувајќи се на почетоците на нивната љубов.
По четири години врска, Билјана и Јован стапија во брак, а денес се родители на две возрасни деца, ќерката Ана и синот Мики.
Што е тајната на нивниот долгогодишен брак?
Во едно од своите претходни интервјуа, Билјана зборуваше за односот со сопругот и за тоа што, според неа, е најважно за успешен брак.
Таа истакнала дека комуникацијата, довербата и меѓусебната поддршка имаат големо значење за нивниот однос, но и дека ниту еден брак не е без несогласувања.
„И честопати кога ќе ме прашаат која е тајната за успехот и кој е начинот на кој што сте го одржале бракот сиве овие изминати години а не се навистина малку, не знам, иако индивидуално е кај секого, јас велам комуникацијата, народски кажано муабетот да си го имате секогаш, довербата, отсуството на љубомора, да си верувате еден на друг, да се поддржувате еден со друг, да се поддржувате и во добро и во лошо бидејќи животот носи и убави и неубави работи“, изјави водителката во интервју од јули 2024 година.
Таа тогаш посочила дека партнерите треба да бидат подготвени и на компромиси, особено кога станува збор за секојдневните недоразбирања.
„Многу работи веројатно, многу ситници, не дека бракот е идеален кај секого, дека нема проблеми, да секогаш има ситни работи меѓутоа мора да изброите некогаш до 3 да преминете преку нештото секако доколку не е навистина сериозно бидејќи за кавга е потребно многу малку, за разделба уште помалку“, рече Билјана.
Семејството им е најголема радост
Билјана и Јован имаат две деца, ќерката Ана, која е дипломиран економист, и синот Мики.
Минатата година семејството прослави уште еден значаен настан, свадбата на Ана и нејзиниот избраник Стефан Бошковски. По тој повод, Јован емотивно порача: „Си добив уште еден син“.
Денес, кога нивните деца се возрасни, сопружниците имаат повеќе време за заеднички активности. Уживаат во патувања и возење со мотор, а Билјана во своите јавни настапи често потсетува колку е важно партнерите да ја негуваат блискоста и по многу години заеднички живот.
„Негувајте ја љубовта која што си ја имате со партнерот и уживајте во животот заеднички и радувајте се на сите работи, бидејќи животот нема повторна реприза“, порачала водителката.
