Физичката активност е една од најважните навики за зачувување на здравјето, но што се случува кога трчаме или возиме велосипед во градови со високо ниво на загаденост? Иако придобивките од вежбањето генерално ги надминуваат ризиците од загадениот воздух, постојат начини да ја намалиме изложеноста на штетните честички, пишува Би-би-си.
За луѓето што редовно трчаат или возат велосипед низ градските улици, изложеноста на издувни гасови често е неизбежна. Движењето по прометни булевари и вежбањето во близина на сообраќајници може да значат вдишување поголеми количества загадувачки материи.
Загадувањето на воздухот може да влијае врз речиси сите органи во човечкото тело, предупредува Одри де Назел, вонредна професорка на Империјал колеџ во Лондон.
„Порано мислевме дека загадувањето предизвикува само респираторни заболувања, но денес знаеме дека е поврзано и со кардиоваскуларни болести, дијабетес, когнитивните функции и репродуктивното здравје“, објаснува таа.
Особено загрижувачки се ситните суспендирани честички ПМ2,5, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови, а дел од нив и во крвотокот. Долготрајната изложеност на овие честички се поврзува со низа здравствени проблеми, вклучително и зголемен ризик од деменција.
Кога трчаме или интензивно вежбаме, дишеме побрзо и подлабоко. Тоа значи дека при физичка активност можеме да вдишеме поголемо количество загадувачки материи отколку при обично пешачење.
Придобивките од вежбањето најчесто ги надминуваат ризиците
И покрај опасностите од загадениот воздух, научниците имаат охрабрувачки вести за луѓето што редовно се физички активни.
Истражување од 2016 година покажало дека здравствените придобивки од пешачењето и возењето велосипед во повеќето случаи ги надминуваат штетните последици од загадувањето. Само при исклучително високи концентрации на загадувачки материи ризиците можат да се приближат до придобивките или да ги надминат при долготрајно вежбање.
Понов научен преглед покажал дека физичката активност во загадена средина е поврзана со 26 проценти помал ризик од смртност во споредба со физичката неактивност. Кај луѓето што вежбале на почист воздух, намалувањето на ризикот изнесувало 31 процент.
Сепак, квалитетот на воздухот има големо значење.
Во истражување објавено во 2018 година, научниците испитувале здрави доброволци, како и повозрасни лица со хронична опструктивна белодробна болест или коронарна срцева болест.
Учесниците пешачеле два часа, дел од нив во парк, а другите покрај прометна улица во Лондон.
Резултатите покажале дека кај луѓето што пешачеле во средина со почист воздух се подобриле функцијата на белите дробови и функцијата на крвните садови. Кај оние што биле изложени на повисоко ниво на загадување, придобивките биле значително помали.
Кај учесниците со хронична опструктивна белодробна болест, изложеноста на загаден воздух била поврзана и со влошување на симптомите.
Затоа, луѓето со астма, срцеви заболувања или други хронични здравствени проблеми треба да бидат особено внимателни при вежбање на отворено во денови со високо ниво на загаденост.
Како да вдишувате помалку загаден воздух додека вежбате?
За луѓето што живеат во големи градови, целосното избегнување на загадениот воздух не е секогаш возможно. Сепак, изборот на патеката за трчање, пешачење или возење велосипед може значително да влијае врз изложеноста на штетни материи.
Научниците препорачуваат физичката активност, секогаш кога е можно, да се одвива во паркови, зелени површини или на улици со помал сообраќај.
Според Одри де Назел, оддалечувањето само една или две улици од прометните сообраќајници може да ја намали изложеноста на загадување за 20 до 30 проценти.
Едно истражување покажало дека изборот на споредни улици наместо главни сообраќајници може да ја намали изложеноста дури за 50 проценти.
Важен е и периодот од денот кога вежбаме. Експертите советуваат да се избегнуваат часовите со најголем сообраќаен метеж, бидејќи големиот број возила создава места со особено високи концентрации на загадувачки материи.
Дополнително внимание треба да се посвети на топлите и сончеви попладниња, кога концентрациите на приземниот озон можат да бидат повисоки.
Научниците препорачуваат и редовно следење на индексот за квалитет на воздухот, кој може да помогне при изборот на најсоодветното време и место за физичка активност.
Во деновите со особено високо загадување, подобар избор може да биде вежбањето во затворен простор со соодветно филтриран воздух или во парк подалеку од прометните улици, доколку таму воздухот е почист.
Заклучокот на научниците е дека физичката активност не треба да се занемари поради загадувањето, но изборот на почиста средина може да помогне да се зачуваат нејзините здравствени придобивки.
