Љубовната приказна на пејачката Лепа Брена и поранешниот тенисер, а денес бизнисмен, Слободан Боба Живојиновиќ започнала на необичен начин, а во нивното запознавање посредувал еден од најпознатите актери на поранешна Југославија – Велимир Бата Живојиновиќ.
Иако денес зад себе имаат повеќе од три децении брачен живот, нивната приказна започнала уште во времето кога Брена била на врвот на музичката популарност, а Боба градел успешна меѓународна тениска кариера.
Пејачката во неколку наврати раскажувала дека првпат го забележала Боба на насловните страници на весниците. Неговите фотографии ѝ го привлекле вниманието, па посакала лично да го запознае. Но, нивните патишта, всушност, можеби се вкрстиле и порано.
Во едно свое интервју Брена се присетила дека за време на снимањето на филмот „Ајде да се сакаме 2“ забележала висок, згоден и впечатлив млад човек кој се појавил на снимањето. Тогаш не знаела кој е, а подоцна нејзиниот пријател и соработник ѝ покажал фотографија од него во весник. Дури тогаш дознала дека станува збор за Боба Живојиновиќ.
Сепак, до нивното вистинско запознавање дошло на премиерата на филмот, одржана во Домот на синдикатите во Белград. Боба сакал да се запознае со пејачката, па му се обратил на Бата Живојиновиќ, кој му бил пријател, но и филмски партнер на Брена.
„Се сеќавам дека Боба на премиерата ме замоли да го запознаам со мојата партнерка од филмот и со задоволство му излегов во пресрет“, раскажал своевремено актерот.
Брена, пак, се присетила дека Бата ја прегрнал и ѝ покажал каде се наоѓа човекот кој има исто презиме како него.
„Бата ме погледна онака со крајчето на окото, ме прегрна и ми рече дека тука се наоѓа човек со исто презиме како неговото. Не знаев за кого станува збор, а потоа ми објасни дека тука е Боба Живојиновиќ, во смисла: ’Што правиш сега тука, оди таму кај него‘“.
Но, првата средба не поминала како класично запознавање. Брена решила да го преземе првиот чекор, се пробила низ толпата, му пришла на тенисерот, го прегрнала и го бакнала, а потоа му рекла: „Па, добро, што чекаше досега?“
Боба бил изненаден од нејзината непосредност, но средбата очигледно оставила силен впечаток и кај двајцата.
Првата вечера на Петроварадинската тврдина
По запознавањето, Брена и Боба договориле повторно да се видат, овојпат без толпата и љубопитните погледи. Нивната прва средба насамо била во Нови Сад, каде што отишле на вечера на Петроварадинската тврдина.
Таму разговарале и се договориле да продолжат да се гледаат и да се дружат. Брена подоцна открила дека уште тогаш почувствувале дека меѓу нив постои посебна поврзаност.
Иако, како што раскажувала, некои луѓе ја предупредувале дека Боба важи за голем заводник, таа не сакала да ги прифаќа туѓите приказни без да го запознае лично. Сметала дека двајцата имаат сличен начин на живот – таа поради концертите и патувањата, а тој поради професионалниот тенис, па добро разбирале колку е тешко да се најде време за вистинска врска.
Нивната љубовна приказна набргу прераснала во брак. На 7 декември 1991 година, Лепа Брена и Боба Живојиновиќ се венчале во белградскиот хотел „Интерконтинентал“, на свадба што тогашните медиуми ја нарекле свадба на деценијата. На прославата присуствувале бројни познати личности од јавниот живот, а нивната венчавка и денес се памети како еден од најголемите естрадни настани во поранешна Југославија.
