Македонскиот рапер Марко Маринковиќ, познат како Слаткаристика, ѝ посвети емотивна објава на Калиопи по нејзиниот голем концерт во Скопје, со кој пејачката одбележа 50 години од своето прво појавување на музичката сцена.
Слаткар беше еден од гостите на концертот што се одржа на 17 октомври во Т Арена, каде што заедно со Калиопи ги изведоа песните „Обои ме“ и „Води ме“.
По настапот, раперот на својот фејсбук-профил сподели порака во која ѝ честиташе на Калиопи за големиот јубилеј.
„50 години на сцена.
Половина век музика, емоции и безвременски песни.
Калиопи, ти си доказ дека вистинската уметност со годините станува уште повредна.
Честитки за магичниот концерт.
ТЕ САКАМЕ, СИТЕ“, напиша Слаткаристика.

Калиопи на концертот настапи речиси три часа, а покрај Слаткар, на сцената ѝ се придружија и децата од хорот „Пиколо“ и осумгодишниот Никола, со кого ја испеа „Македонско девојче“.
Концертот заврши со бис и изведба на хитовите „Црно и бело“ и „Бато“, со кои Калиопи го заокружи одбележувањето на петдецениската музичка кариера.
