Македонската пејачка Наташа Малинкова привлече внимание на социјалните мрежи со нова објава на Инстаграм, на која позира заедно со својата постара ќерка Султана.
Мајката и ќерката се приклучија на популарен тренд, а нивното заедничко видео предизвика бројни позитивни реакции.
„We are twins“ (Ние сме близначки), напишаа тие во описот на видеото, алудирајќи на нивната физичка сличност.
За оваа пригода, 42-годишната пејачка избра црна креација со проѕирни детали во пределот на деколтето, додека изгледот го надополни со впечатлива шминка и средена фризура. Покрај неа позираше 23-годишната Султана, која е активна на социјалните мрежи и редовно споделува фотографии од своите патувања.
Објавата привлече внимание и кај познатите личности. Водителката Лила Филиповска остави емотикони со срциња, додека Владанка Крстевски напиша духовит коментар:
„Леле! Која ти е мајка :)))) Да ја поздравиш најмногу од мене, не знаев!“
Малинкова, која потекнува од Кавадарци, покрај музичката кариера, повремено споделува и моменти од својот приватен живот.
Пејачката е во долгогодишен брак со Кирил Малинков, брат на фолк-пејачката Ани Малинкова. Нивната љубовна приказна започнала во Кавадарци, во периодот кога Наташа настапувала со групата „Багаж“.
Двојката годинава одбележува 24 години заеднички живот и има две ќерки, Султана и Емилија.
Во интервју за „Слободен печат“, Наташа зборуваше за блискиот однос со своите ќерки, кои, како што вели, ги смета и за најдобри пријателки.
„Секојдневието ни е полно со енергија, разговори, планови, понекогаш и хаос. Но, убав хаос. Султана и Емилија не ми се само ќерки туку вистински сојузнички, искрени критичари, советници и најдобри пријателки. Имаме отворен однос, многу споделуваме разни мислења и искуства – и тоа е моето најголемо богатство“, изјави пејачката.
Во истиот разговор таа откри и што, според неа, е тајната на успешниот брак со сопругот Кире.
„Кире е еден редок маж што знае да слуша, да поддржи и да се смее кога е најпотребно. Нашата тајна е слободата што си ја даваме, почитта и чувството за хумор. Со три жени дома му е весело, но и живописно – секогаш има духовитост во неговото обраќање кон нас трите, и во моменти кога можеби ќе претераме… како жени.“
Пејачката во интервјуто зборуваше и за тоа како го одржува својот изглед, нагласувајќи дека не практикува строги режими.
„Искрено, се трудам да се негувам, внимавам да користам поприродни производи, редовна физичка активност и многу вода. Немам строги режими, но внимавам на исхраната и сонот. И најважно – убавината доаѓа кога си задоволен со себе, кога љубиш и кога си љубен.“
