17.8 C
Скопје
11:34 - 21 октомври, 2026

Работам од 11 години, почнав со миење садови и продавање сладолед: Популарниот Талат од „Преспав“ се потсети на првите работни искуства

Актерот Дритон Вејсели, познат по улогата на Талат во популарната серија „Преспав“, се потсети на своето детство, семејството и првите работни искуства. Тој откри дека почнал да работи на само 11 години во семејната слаткарница, а денес е благодарен што уште како дете научил што значат трудот, одговорноста и заработениот леб.
Вејсели потекнува од семејство со долга слаткарска традиција. Тој е петта генерација слаткар, а неговите предци имале слаткарници и работеле низ Европа. Неговиот дедо дошол во Скопје во 1952 година, а во 1973 ја отворил познатата слаткарница „Малага“.
„Млад почнав, на 11 години. Сега кога ќе размислам, тоа било многу корисно за мене. Тогаш не сум бил свесен, ама денес сфаќам колку ми помогнало. Наместо да седам по улици по цели денови и да правам глупости, јас бев таму. Многу научив, и за животот научив некои работи што денес ги користам и за актерската игра, за глумата“, раскажа Вејсели во поткастот на Стефан Лазаров.
Во слаткарницата секојдневно среќавал различни луѓе, ги набљудувал нивните карактери и разговарал со нив. Токму тие искуства, како што вели, подоцна му помогнале и во актерската професија.
„Почнав, садови миев, па продавав сладолед. Интересно беше многу, комуницираш цело време со луѓе. Тогаш имавме и многу работа, секој ден по илјадници луѓе. И плус, занаетот е нешто што ако го научиш, никогаш нема да останеш без леб. Така ме учеше дедо ми“, рече актерот.
Тој раскажа дека никој не го терал насила да работи. Напротив, уште како мал бил љубопитен и сакал да поминува време во просториите каде што се подготвувале слатките.
„Јас сам им одев таму, ми беше многу интересно да гледам како прават слатки. Нормално, јадев од шлаговите, сè што ќе стигнев таму. Затоа денес не можам да видам индијанка. Кога ќе видам, веднаш се тргам, бегам како ѓавол од тоа“, раскажа Вејсели низ смеа.
Актерот откри и дека е роден во Тетово, каде што неговото семејство привремено се преселило откако ја издало „Малага“ под кирија. По две години, семејството повторно се вратило во Скопје и ја продолжило слаткарската традиција.
Иако подоцна го избрал актерството, Вејсели вели дека лекциите од детството и деновите поминати во семејната слаткарница останале важен дел од неговиот живот. Особено ја памети пораката на дедо му дека човек што има занает во рацете никогаш нема да остане без леб.

Слични објави

Нема седатив за ваква љубовна болка: Марија Спасовска буди возбуда како алкохол во крвта со „100 промили“

Еспресо

(Видео) Наташа Малинкова позираше со ќерката Султана: „Ние сме близначки“

К.С.

Зошто одеднаш стануваме алергични на работи што претходно не ни пречеле? Алерголозите објаснуваат што се случува во телото

К.С.

Петар Грашо за бракот со Хана Хуљиќ: „Имаме некој вид на душевен блутут“

Еспресо

Хороскоп за 21 октомври: Партнерот се оддалечува од Раковите, а на Девиците им подготвува изненадување

Еспресо

(Фото) Внуката на Драгана Мирковиќ го слави својот прв роденден – замокот во Австрија е обоен во розова боја

Еспресо
Се вчитува....