Српската музичка ѕвезда Јелена Карлеуша престојуваше во Скопје, каде што на средба со новинарите го најави својот концерт, закажан за 17 октомври во арената „Јане Сандански“.
Пејачката, која важи за една од најинтересните личности на регионалната естрада, овојпат покажа и една поинаква страна од својот карактер. Расположена за разговор, пријатна и непосредна во комуникацијата, Карлеуша зборуваше за музиката, плановите и претстојниот настап во Скопје.
За оваа пригода избра впечатлив црн фустан со долги ракави и отвори во пределот на половината, останувајќи доследна на својот препознатлив, смел моден стил.
На средбата со новинарите Карлеуша најави дека публиката во Скопје ја очекуваат музички изненадувања, меѓу кои и специјален гостин од Србија, со кого ќе изведе неколку дуети.
„Имаме гостин од Србија, со кој ќе испееме неколку дуети, но ќе видите на 17 октомври кој ќе биде тој“, изјави пејачката, оставајќи го неговиот идентитет во тајност.

Освен за концертот, Карлеуша зборуваше и за својата желба да ја претставува Србија на Евровизија.
„Би сакала да ја претставувам Србија на Евровизија, зошто да не“, рече Карлеуша.
Таа смета дека има што да понуди на ова големо музичко натпреварување и откри дека веќе има подготвено неколку песни кои би можеле да бидат дел од евровизиската сцена.
Карлеуша со години го привлекува вниманието не само со музиката, туку и со своите модни изданија, јавни настапи и изјави. Иако често остава впечаток на строга и провокативна личност, на средбата во Скопје покажа дека зад нејзиниот сценски имиџ стои и жена која умее опуштено и пријатно да разговара.
Нејзиниот концерт на 17 октомври е најавен како големо музичко шоу, со впечатлива сценска продукција, костими и изненадувања за публиката.
Организатор на концертот е „Евент груп“, а настапот на Јелена Карлеуша е закажан со почеток во 19 часот, во арената „Јане Сандански“ во Скопје. Влезниците се во продажба преку платформата Vleznica.mk.
