„Од првиот настап пред едвај 15 души до денес кога сме ја делеле бината со многу познати имиња во музиката, поминаа 30 години иако на почетоците никој не веруваше во оваа приказна, ниту пак јас, ама еве не, се подготвуваме за славенички концерт“, вели во разговорот Петар Младеновски, вокалот на „Суперхикс“.
Во интервјуто за „Слободен печат“ низ музичката приказна на еден од најпознатите домашни бендови, кој од своето постоење до денес е во полн и непроменет состав. Патот до успехот не бил лесен, имало и лоши и убави моменти, многу патувања, фаќање за гуша, стотици анегдоти…
Пред некој ден „Суперхикс“ наполни 30 години од своето постоење. Ми рече, леле остаревме? Навистина се чувствувате така?
– Кога ќе споменеш јубилеј како 30 години „Суперхикс“ и константна активност, тоа од старт некако те води кон прашањето: „Можно ли е мајка му стара толку да поминаа од првиот настап еј?“ А дали навистина се чувствуваме старо? Ни најмалку. Можеме да им парираме на многу помлади од нас. Еве јас играм се уште фудбал секој понеделник со 25 годишни момци, се дружам и музицирам со помлади колеги… не, апсолутно не се чувствуваме стари. Би рекол дека и мошне малку работи се промениле кај и во нас од таа 1994 година.
„Бандa инструментале“, како што се нарекувате, дали сè уште пее со истиот жар како некогаш?
– Веројатно со годините со стотиците настапи, турнеи и патувања и споделувања на бина со големи музички „фаци“ добиваш некаква рутина и возбудата и тремата на 16 години и онаа сега, не може да е иста. Секако дека жарот е присутен и тремата и возбудата, но искуството си го прави своето. Друго е да излезеш пред 500 луѓе во почетоците и сега пред 10.000 да речеме, но се надевам дека жарот ќе го носиме и ќе уживаме во ова уште долги години.
Ретко која група кај нас остана толку години. Како ви успеа тоа? Се случило ли да имате прекини, или да не сте во комплетен состав?
– Има една финта што ја правиме во последниве години на настапите. Во еден момент застануваме со свирење и јас велам: „А сега еден аплауз од нас за нас!“ и сите на бината си аплаудираме. Ќе глумам лажна скромност ако кажам дека не сме се обиделе да наброиме макар 3 бенда на домашната сцената кои останале вака долго активни. И не! „Суперхикс“ никогаш не се распаднале. Не велам дека немало моменти на разочарувања, караници, недоразбирања, па дури и до речиси физички пресметки меѓу некои од нас. Ама – не! „Суперхикс“ бил и сè уште е активен бенд кој прави проби, снима песни, прави планови итн.
Се сеќаваш ли на првиот настап на бендот? Какво беше чувството?
– Како вчера да се случи се сеќавам. Речиси на секој детаљ, иако поминаа точно 30! Бевме трио и свиревме во тогашниот клуб „Дорс“ во Дебар Маало. Сите импресии се забележани во мојот „дневник“ па и распоредот на отсвирените песни, како сме отсвиреле, колку било тоа сето фалш. Како реагирале сите 15-мина присутни итн. Со голем детски жар и дух е сето тоа забележано и го чувам и ден-денес. На крајот стои „До крајот на мојот живот нема да го заборавам мојот прв настап со „Суперхикс“ оваа вечер“.
Што најмногу ве прави горди низ сите овие години и која песна е вашата лична карта?
– Пред сѐ, нѐ прави горди што издржавме сиве овие години и сѐ уште сме тука. Знаете ли луѓе драги, што значи да минеш со 6,7,8 души 30-ина години по турнеи, комбиња, разни дупки, разни екстра хотели, падови, подеми, расправии, се сакате-не се сакате… Лудило тотално! Секако горди сме на сите 8 изданија. Горди сме на сите песни што се лично наши и со исклучок на 2-3 преработки. Горди сме на поминатите километри и отсвирени фестивали низ Европа. Горди сме што имаме уште што да кажеме.
Верувам сте се довеле во ситуација да се скарате до толку да бидете пред распаѓање или да има нетрпение на пробите?
– Нетрпение… хаха… добро ти е ова. Сме се фаќале за гуша на моменти. Буквално! Затоа и си даваме аплауз самите на себе на настапите овие години. Затоа што сме останале заедно и сѐ уште сме бенд и „Банда“ што продолжува понатаму и покрај сите искушенија и предизвици.
Знам дека има многу зад вас, но можеш ли да се сетиш барем на некоја анегдота низ годините која и денес ја раскажувате?
– Свириме на Фестивалот ЕГЗИТ на едно од првите негови изданија некаде 2003 година. Спиеме во хотел на Петроварадинската тврдина. Нашиот тромбонист заспал цврсто и Господ не го буди. Сфаќаме дека е сместен на третиот кат. Не отвора на никакво тропање, викање и дерење за да стане. Одиме долу и од надворешната страна на хотелот коваме план како да „упаднеме“ кај него преку прозорец иако е на трети кат. Мора да тргнеме час поскоро, бидејќи свириме во Прилеп директно од Нови Сад, веќе следниот ден. Се собираме пред хотелот и се собираат 30-ина локални момци на кои им раскажуваме што се случува. Момците даваат идеја да направиме „човечка пирамида“. Ја правиме и најмалиот и најжилав преку сите наредени луѓе влезе преку прозорец на трети кат. Излегува и вели „Људи… па овде нема никога!“ Сме ја утнале собата, која по грешка била на Хенри Ролинс (голема музичка панк-рок ѕвезда). Доаѓа обезбедување, се случува хаос, се објаснуваме. На крај и тие ни помагаат со втората „пирамида“ и успеваме да го разбудиме Папак и директно во комбе правец Прилеп.
Лани ветивте голем славенички концерт, но тоа не се случи? Зошто?
– Лани ветивме дека големиот славенички концерт насловен како „30 години „Суперхикс“ и пријателите, ќе се случи на 3 март годинава, кога се навршија точно 30 години од првиот настап, за жал, од логистички, продукциски, менаџмент и организација, лоши сали за концертни изведби и икс други причини, тоа не се случи. Но, ќе се случи во уште подобра варијанта некаде во втората половина на јуни оваа година и на опен еир локација, која сметаме дека ќе биде уште пофина варијанта од некаков затворен простор и се надеваме на масовна посетеност и луда фешта што би траела речиси 3 часа.
За крај, 30 години не се малку, се живее ли од музиката и дали се исплати да се биде музичар?
– Се живее… Па не се живее. Па се живее… па некоја година баш и не. Но, тоа не е важно на крајот на краиштата. Сите по нешто работиме, подработуваме, ровариме што би се рекло… најважното е дека живееме за музиката. Да не беше така, ќе се распадневме уште по првите. На крајот на денот, нема такви пари кои ќе го заменат ова и нема поголемо задоволство и награда од тоа да знаеш дека си бил дел од приказната на овој бенд „Суперхикс“ и дека останале зад тебе песни кои се пеат и на свадби и на прослави и аплаузи и насмевки кои ќе се слушаат и ќе зрачат и кога нас ќе нè нема еден ден.