6.8 C
Скопје
12:30 - 22 декември, 2024

Исидора Бјелица, бунтовничка со причина: Да умрев на време, немаше да дознаам за многу предавства

Добар дел од својот живот го помина во патувања, најчесто далечни, во откривање на нови дестинации, во пакување и распакување на куферот. За најдалечно патување, не ѝ требаше куфер.

Исидора Бјелица Пајкиќ ќе остане запаметена по бројните бестселери, филмски критики, театарски претстави, по колекционерството на шапки кои ѝ беа заштитен знак, по екстравагантна гардероба која го отсликуваше нејзиниот подеднакво есктравагантен карактер, по јазикот без влакна, по мотивациските пораки, особено за жените, кои се провлекуваа низ нејзините книги, интервјуа, разговори, а кои добија остра и отрезнувачка форма во последните седум години од животот, додека се бореше со болеста.

– Дури кога ќе паѓаш почнуваш да се дигаш, дури кога тагуваш ја спознаваш среќата, дури кога ќе сфатиш дека мантрите на духовните старлети нема да те донесат до илуминација ќе ја отвориш вратата на сопствената духовност, зашто во секој човек божественото се искажува на поинаков начин. Тоа е закон на дуалниот свет, а за сега сме тука… – рече своевремено Исидора.

Родена на 10 декември 1967 година во Сараево, Исидора израснала во семејство на интелектуалци. Нејзиниот татко, Димитрије Бјелица, е еден од најплодните шаховски писатели во светот и шаховски мајстор, а мајка ѝ, Невенка Ѓуровиќ, професорка по англиски јазик, е ќерка на академикот и писател Душан Ѓуровиќ. Оттука и не нè чудат писателските гени на Исидора, која наместо во градинка, поради професијата на татка си, растела на аеродромите низ светот.

Бунтовничкиот дух, наследен од татко ѝ, ја следи од најраната возраст уште кога одбила да носи кецела во прво одделение, а била прва девојка во Сараево која облекла мини здолниште. Деновите во младоста ѝ биле обележани со вљубувања, главно во панкери, но и со, за тоа време, авангардни перформанси кои привлекувале внимание, често проследени со рецитирање поезија. Се залагала за укинување на воениот рок и била против дискриминација на геј популацијата. И во младоста продолжила да патува многу, најчесто во градовите во кои била вљубена, Њујорк и Париз, а говорела пет странски јазици. Во позрелите години пак, најомилени дестинации ќе ѝ бидат Сингапур и Карибите каде сонувала да отвори свој мал ресторан. Два пати била на пат околу светот. Подоцна од овие патувања ќе почне да создава книги – „Љубов во Бејрут“, „Пат околу светот за 25 дена“, „Дамата од Монако“, „Љубов во Тунис“, „Дамата од Санторини“, „Жешките ноќи на Синај“, „Љубов во Емиратите“, „Љубов во Каиро“…Многумина ќе се согласат дека книгата „Пат околу светот за 25 дена“ е една од најуспешните „патувачки“ книги и воопшто водичи.

Својата прва книга насловена „Први разбудени“ ја објавила на 18-годишна возраст, за која добила и книжевна награда, а била и најмлада членка на Здружението на писатели. Исидора Бјелица зад себе остави 79 книги.

Во Белград се преселила заедно со родителите поради војната во Босна, се запишала на студии, на отсекот драматургија, и веднаш била прифатена од околината, најмногу поради својата оригиналност, а од друга страна поради искреноста и отвореноста. Секако и поради храброста.

– Храброста е најважна. Храброста победува сè. Храброста не зависи од политичките партии, ниту од берзата ниту од било што друго. Со одлуката човек да биде храбар тој станува подобар и за себе и за околината и за Бог. Секој мора да ја добие таа битка на свој начин. Јас тоа го сфатив на најтешките начини, ги поминав сите видови на несреќи, прогонства, издајства, најтешката болест. Храброста најмногу ја почитувам, покрај љубовта, рече Исидора во едно поново интервју.

Страста кон шеширите, по кои ќе остане препознатлива, ја опишала во книгата „Магијата на шеширите“, објавена во 2008 година. Својата колелкција на шешири, во бројка од 170, ја претставила и со модна ревија. Не само што шешири купувала од секое патување, туку и сама ги дизајнирана, а за нив добила и повеќе интернационални признанија.

Од 2013 година, откако ѝ е дијагностицирана болеста, Исидора Бјелица почнува да пишува книги во кои повеќе се осврнува на духовното. Книгата „Спас“, објавена истата година, предизвика огромно внимание, таа беше потресна исповед на жена која дознава дека боледува од болест која не се лекува, а сепак најтешките животни моменти се раскажани со хумор и иронија. Книгата добива и втор дел, во кој Исидора дава совети како да се лекува и како да се превенира болеста.

-„Спас“ е мојата лична мала книга, мојата голгота, патот на моето телесно страдание и напор кон духовното воскресение. Со секоја болка, со секоја тага, доаѓа и новото откривање на среќата, радоста, благодетите кои, за жал, ги бев загубила поради својата немарност и така го добив ова најтешко искушение“, рече своевремено Исидора.

Минатата година, 2019, излезе од печат нејзината книга „Последниот пат“, во која авторката пишува „Колку само грешев мислејќи дека среќата е само во патувањата – целиот живот е патување“.

Во текот на седумгодишната борба со болеста, Исидора ги испробала сите начини на лекување, вклучувајќи ги и алтернативните, за кои вели дека поминала над 300 алтернативни методи на лекување.

-Бев на сирова храна и мојот канцер прогресираше, а некои се лечеа на таков начин. Храната со мал внес на јагленохидрати е најдобра терапија. Канцерот не го хранат месото и протеините, туку шеќерот. Адитивите, стресот, загаденоста, јас на улица кога ќе сретнам жени со иста дијагноза, јас се шегувам, никој од нас не пушел, ниту пиел, здраво се хранел, но имаме една заедничка работа – сите сме доживеале големи таги, стресови. Ако мене ме прашувате што е предизвикувачот, тоа е големата тага, стресот, разочарувањето, а околу тоа никој не работи, рекла Исидора.

Едно од последните интервјуа, Исидора Бјелица го дала во мај оваа година за списанието „Хелоу“.

– Еден од побизарните алтернативни методи за лекување беше голтање кубански бубачки, секој ден требаш да ги јадеш живи, сè повеќе. На осмиот ден се откажав, зашто налет животот ако морам да голтам живи бубачки. Смешно беше и кога во Луцерн бев кај Виетнамец кој ве удира во глава со некое огромно дрво. Тоа ми беше кретенски, помислив „подобро да умрам отколку овој за сите пари да ме удира со оклагија“. Денес мислам дека згрешив. Да издржев уште малку, можеби ќе станев помалку сензибилна, се смееше Исидора во интервјуто од мај.

Во истото интервју објаснува зашто се будалите среќни.

– Затоа што глупавиот човек е уверен дека е апсолутна мера за памет, добрина, убавина, праведност…Тој себе вистински се сака зашто за себе е совршен, а другите не чинат. Паметниот човек знае дека е глупав, дека не е совршен, секогаш се преиспитува и се сомнева и таа слепа љубов кон себе ја нема. Паметниот човек најчесто мора да пројде пекол од страдања за да научи да се засака себеси.

Пред еден месец на својот Инстаграм профил, на кој често ја споделуваше својата борба со болеста и своите чувства, Бјелица објави дека од длабочината на душата жали што толку долго издржала да се бори –

„Да умрев на време, немаше да дознаам за многу предавства, ќе ме жалеа од срце сите кои тврдеа дека ми се пријатели, а беа навистина многу. Немаше да ги поминам сите тешки терапии, и уште потешки предавства, лаги, немаше да доживеам дури и да ме обвинат дека сум ја измислила болеста и што уште не, на децата би им било тешко, но барем не би го распродала имотот за уште малку да го продолжам животот и кутрите не би растеле по болници и не би ме гледале во страшна состојба каде што се губи секој човечки дигнитет“.

На почетокот на болеста, 2013., лекарските прогнози биле дека ѝ остануваат уште околу шест месеци живот.

Последните месеци често престојувала во Македонија, а последниот викенд го минала во Охрид каде ѝ се слошило. Исидора Бјелица почина вчера, на 5 август, во домот на своите родители, домот во кој и таа живееше кога заедно се отселија од Сараево. Беше во нималку здодевен брак со драмскиот писател Небојша Пајкиќ со кого има две деца Лав Григорије и Вила Евангелина.

Не долго пред смртта зборуваше дека никогаш не била амбициозна мајка и дека нејзината единствена амбиција е децата да се слободни и да живеат така како што тие сакаат, а не да ги живеат туѓите илузии и занеси.

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....