Хрватската пејачка Мартина Врбос, која со години живее и работи во Србија, отворено проговори за своите ставови за родителството и улогата на мајката во семејството. Таа смета дека жената не смее да се запостави себеси поради семејството и дека воспитувањето на децата е подеднаква обврска на двајцата родители.
Врбос вели дека не верува во прирачници за родителство, туку дека најважно е родителите да го следат сопствениот инстинкт. Според неа, само задоволна и исполнета мајка може да биде најдобрата верзија од себе за своите деца.
„Моите приоритети не се променија. Јас самата сум си секогаш приоритет. Ако сум ненаспана, нервозна или уморна, тоа веднаш се одразува на моите деца.
Многу луѓе се исплашени затоа што сите пораки за родителството се ужасни. Сè е природно и не ти треба никаков прирачник за тоа…“
Пејачката откри дека нејзиниот сопруг станал татко на многу млада возраст, а нагласува дека нивните деца се дел од речиси секој сегмент од нивниот живот. Така, нивната ќерка Мила присуствувала и на снимање на еден нејзин музички спот.
„Би сакала во оваа пригода да испратам порака… Мојот сопруг имаше околу 24 години кога добивме деца, а изјави дека би имал и на 18 години, ако знаел дека е толку лесно.
Моите деца се постојано со мене, јас сум нивна мајка и важно е да бидат со мене. Мојата Мила снимаше спот со мене и беше воодушевена.“
Во продолжение на разговорот, Врбос порача дека жените не треба сами да го носат товарот на родителството, туку партнерите мора рамноправно да ги делат обврските околу децата.
„Сепак, жената не треба да биде роб на децата, сопругот или на што било. Поимот ‘мама е мама’ е глупост, тоа е заедничка обврска.
Тој ги направи децата, јас ги родив, а заедно сме родители.“
Пејачката додава дека улогата на таткото е исто толку важна како и улогата на мајката. Иако има модерен пристап кон родителството, кога станува збор за дисциплината верува дека децата треба да растат со јасно поставени граници, но без физичко казнување.
„Важно е да се биде татко исто толку колку што е важно да се биде мајка. Не мислам дека треба да се тепаат децата, но треба да се постават одредени граници.
Јас сум од оној стар систем – како кога татко ми ќе замолчеше сред улица кога бев мала, неговиот збор беше закон…
По 18-тата година нека си го живеат својот живот, а додека се кај мене, ќе мора да ги почитуваат моите правила“.
На крајот, Врбос признава дека мајчинството ја променило, но не дозволила целосно да се изгуби себеси. Таа вели дека и децата ја учат како да биде подобра мајка и ги охрабрува семејствата, доколку имаат услови, да имаат повеќе деца.
„Ги научив да ја играат мојата игра. Иако, и тие мене ме воспитуваат и ме учат да бидам најдобрата мајка на светот.
Не сакам да се изгубам себеси, јас едноставно ги имам моите две пајчиња и тоа е тоа. Имајте што повеќе деца ако можете…“
View this post on Instagram
