3.8 C
Скопје
19:14 - 18 декември, 2024

Ексклузивно интервју со Тамара Тодевска: Среќна сум за научената лекција, сега е време за нови победи и успеси!

Низ што сè помина, кој ѝ заврте грб, а кој беше тука за неа, но и за плановите во иднина, за нејзината светлина во живот – Хана и Дарен, Тамара Тодевска искрена како никогаш досега…

Вели дека ја научи лекцијата, а сега е подготвена за нови победи и нови успеси. Еден од најдобрите женски вокали на овие простори, Тамара Тодевска, за првпат реши да си ја отвори душата и искрено да раскаже за голготата низ која помина пред неколку месеци…

Да, Тамара направи грешка кога во Американската амбасада го погреши текстот на националната химна, но таа беше доблесна, призна дека направила грешка и се извини. Повеќе и да сакаше, не можеше.

Но не смее да се заборави дека оваа девојка ја направи горда целата наша нација, меѓутоа, како велат – лошото секогаш се памети повеќе од доброто.

Низ што сè помина, кој ѝ заврте грб, а кој беше тука за неа, но и за плановите во иднина, за нејзината светлина во живот – Хана и Дарен, Тамара Тодевска искрена како никогаш досега…

Фото: Инстаграм

 С.П. Тамара, најпрво да ти се заблагодарам што прифати да дадеш ексклузивно интервју за нашиот веб-портал Слободен печат. Кога те побарав првиот пат категорично ме одби со образложение дека си им лута на медиумите во земјава…

– Тоа беа моменти кога ни самата не знаев што со себе. Моменти кога сиот мој свет се распадна, кога навидум сè на што сум работела, како да исчезна. Но токму во тие моменти на слабост и можеби на неизлезност, се роди една нова Тамара. Појака, посамоуверена и порешителна. Иако тоа беше можеби најболниот момент во мојата професионална кариера, од оваа временска дистанца на еден начин сум и благодарна за целото искуство. Секое лошо е за добро во животот.

С.П. Велат пријателите во неволја се познаваат. Имаше ли Тамара вистински пријатели во верувам, најтешкиот период од твојот живот – по изведбата на химната во Американската амбасада?

– Моите пријатели многу добро знаат која сум и во што верувам. Немаше потреба да им објаснувам што се случи, ниту да им се правдам. Моите пријатели не ме гледаат мене како ѕвезда, пејачка. За нив јас сум Тамара – пријателката. Не велам дека немаше коментари на одредени луѓе што навистина ме повредија, но како што кажав, цело ова искуство ме направи похрабра и ми помогна уште повеќе да верувам во себе.

Фото: Инстаграм

С.П. Кога ти беше најтешко? Читаше што пишуваат луѓето за тебе или се обиде да се изолираш тие денови?

– Тој цел период беше една тешка битка. Не со луѓето околу мене, туку со гласот во мене. Борба на позитивното и негативното. Од една страна гласот што ми велеше дека сè ќе биде во ред и дека ова ќе помине, а од друга страна, оној негативниот глас, што те тера да се откажеш, да престанеш да веруваш во себе и да почнеш да веруваш во она што го велат луѓето кои патем не те ни познаваат вистински. Среќна сум што победи првиот глас. Среќна сум за научената лекција. Сега е време за нови победи и успеси.

С.П. Но да не заборавиме, а верувам дека не треба да заборави и публиката – ти на нашата земја ѝ го донесе историскиот пласман на Евровизија. Според многумина бевме и морални победници… Сега, откако поминаа неколку месеци, кои се впечатоците?

– Евровизија беше најубавото професионално искуство во мојот живот. Бескрајно сум благодарна и на МТВ и на целиот мој тим. Ние бевме навистина тим од соништата. Уште од првиот ден бевме максимално посветени и верувавме дури и во невозможното. Гласовите од жирите и овациите од публиката беа само потврда дека нашата тимска работа се исплатеше.

Фото: Инстаграм

С.П. Можеш ли да замислиш каде ќе беше денес Тамара Тодевска ако победеше…?

– Денес Тамара е таму каде што треба да биде. Јас и мојот тим победивме. Ги победивме коментарите дека ништо нема да направиме на Евровизија, дека нема да влеземе во финале. Покажавме и докажавме дека со макотрпна и тимска работа апсолутно сè е возможно. Ние го постигнавме најдобриот пласман за Македонија на Евровизија. Македонија беше прва земја од нашиот регион што била победник од страна на жирито. Но најважно од сè, ние самите знаевме дека сме победници бидејќи невозможното го направивме возможно.

С.П. Да бидеме искрени, тебе и тој пласман ти донесе многу позитивни работи во твојата кариера. Гледаме дека постојано патуваш и настапуваш низ Европа…

– Пресреќна сум за сите работи што ги имам во животот. Благодарение на Евровизија, денес мојата музика можат да ја слушнат милиони луѓе низ светот. Имав прекрасни настапи низ Европа оваа година, а следната година ја продолжувам мојата мини-турнеја со настапи во Лондон и Амстердам. Паралелно работам и на мојот нов албум. Јас сум среќна и благодарна. Го живеам животот од соништата.

С.П. Неодамна учествуваше на најреномираниот албански фестивал „Магична песна“. Се разбира, оттаму се врати со награда за најдобар интернационален изведувач. Ти годат ли сè уште ваквите признанија со оглед на тоа дека ги имаш премногу во твојата кариера?

– Со време научив да не се врзувам за награди и признанија. Се разбира, се радувам на нив, но тие не ме дефинираат мене. Јас сум многу повеќе од Тамара пејачката. Јас сум мајка, жена, сопруга, борец, артист. Наградите се можеби само валидација дека тоа што го правам допира до луѓето, а тоа е најголемо признание за секој артист.

С.П. Тамара, во каква состојба е според тебе македонската естрада во моментов?

– Ме радува тоа што се појавуваат нови артисти кои инвестираат во себе и кои на еден начин креираат една нова, позрела и можеби пософистицирана македонска музичка сцена. Да бидеме реални, тешко е да се биде артист во Македонија, но од друга страна имаме артисти кои оставаат трага без разлика на тоа колку е тешка ситуацијата. Музичарите во Македонија се доказ дека без разлика на сè, ако веруваш и работиш на себе, апсолутно сè е возможно.

Фото: Инстаграм

С.П. Пред неколку дена, ако не се лажам, го заврши снимањето на спотот за твојата најнова песна „Монстерс“. Кога да го очекува публиката?

– Да, спотот за „Монстерс“ го снимавме два дена и искрено едвај чекам да го споделам со вас. Ако сè оди како што треба, спотот би требало да излезе до крајот на годината. Спотот е најава за мојот нов албум што го работам со мојот евровизиски тим.

С.П. Кога да го очекуваме и новиот албум на кој работиш со Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски?

– Овој албум го работам многу поинаку од претходните два. Работам со тројца одлични продуценти и сакаме да креираме една целина која ќе ја претстави новата Тамара. Се работи за долг креативен процес, но јас уживам во секој момент. Селекцијата на песни е веќе направена. Во моментов се пишуваат текстови и ако сè оди како што планирам, веќе напролет ќе се случи промоцијата на албумот.

Фото: Инстаграм

С.П. Твоите први почетоци во музиката беа во далечната 1991 година кога сцената ја делеше со Маријана и Росана на „Макфест“. Ме интересира, има ли шанса да ја видиме твојата Хана наскоро во некое такво или слично издание?

– Хана е родена пејачка. Кога ја гледам неа, се гледам и себеси. Има голема самодоверба и не се плаши да го каже тоа што го мисли. Како мајка јас само сакам Хана да биде среќна и да верува во себе. Самата ќе си одлучи што сака да биде во животот.

Фото: Инстаграм

С.П. За Хана знаеме дека и тоа како го има наследено талентот од мама, ме интересира дали и Дарен покажува такви афинитети?

– Дарен е многу посмирен од Хана. Уште е премал за да видиме кои таленти ги има наследено, дали оние од тато или оние од мама.

С.П. Бидејќи веќе си искусна мајка, кажи ми, полесно е да имаш едно или две деца?

–  Моите деца се светлината во мојот живот и бескрајно сум благодарна што ја имам можноста да бидам мајка. Јас уживам во секој момент поминат со нив и факт е дека ме направија подобра личност.

Фото: Инстаграм

С.П. Кои се твоите планови за 2020 година?

–  За Нова година настапувам во „FOUR“ во хотел „Парк“. За мене периодот околу Нова година е навистина магичен. Имам чувство како повторно да сум дете.

С.П. И за крај, ако треба да избереш – Лош пласман на Евровизија или химна изведена без грешка?

– Не би променила апсолутно ништо. Сè е како што треба да биде…

Слични објави

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

Владо Јаневски го презакажа концертот во Скопје поради здравствени причини

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо
Се вчитува....