Кината ширум светот се подготвуваат за бранот на обожаватели на Џејмс Бонд кои со нетрпение чекаат да го гледаат филмот „No Time To Die“, а Даниел Крег признава дека бил обземен од емоции на последниот ден од снимањето.
„Врнеше дожд. Во студиото „Пајнвуд“, целата екипа аплаудираше. Беше многу импресивно – како антиклимакс. Тоа беа скоро 16 години од мојот живот“, изјави Крег за германскиот весник „Билд“ пред лондонската премиера на неговиот петти и последен Џејмс Бонд филм.
„Џејмс Бонд не плаче, јас плачев“, рече 53-годишниот актер на кого ова му е петти и последен филм во улога на тајниот агент 007.
Новиот филм за Бонд чија премиера неколку пати беше одложувана поради пандемијата, вчера ја прослави својата светска премиера во Лондон, а ќе започне да се прикажува во кината ширум светот во текот на неделата. Крејг вели дека бил „навистина среќен“, но и тажен откако го гледал филмот со пријателите.
„Ова е мојот најдобар филм“, истакна актерот.
25-тиот филм за Џејмс Бонд првично требаше да се прикаже во октомври 2019 година. Меѓутоа, поради промената на режисерот и затворањето на кината за време на пандемијата, датумот на дистрибуција беше одложен неколку пати.
И покрај напорите и петициите на обожавателите на најпознатиот таен агент во светот за порано да се случи премиерата на филмот, филмот ја доживеа својата светска премиера дури вчера, а како што вели актерот, филмот за Бонд е „епски“ настан кој бара соодветна прослава во кино.
По завршувањето со Бонд, Крег вели дека ќе го започне третиот чин од својот живот, но во никој случај нема да ја заврши филмската кариера.
За тоа кој ќе го наследи како Бонд, рече дека не знае. Иако како што вели, тоа веќе не е негова работа додавајќи дека следниот актер ќе треба повторно да го „измисли“ Бонд.
На светската премиера во „Ројал Алберт Хол“ во Лондон присуствуваа главниот актер, други филмски ѕвезди, бројни познати личности и членови на британското кралско семејство.