21.8 C
Скопје
12:35 - 6 октомври, 2026

Балерината Стефанија Гаштарска проговори за тешкото нарушување во исхраната: „Постојано се изгладнував себеси“

Македонската балерина Стефанија Гаштарска јавно проговори за тешкиот период во кој се соочувала со нарушување во исхраната, откривајќи дека некогаш верувала оти гладувањето и строгите ограничувања се дел од патот до успехот во балетот.

Гаштарска, која својата професионална кариера ја гради во Русија, го сподели личното искуство на социјалните мрежи со порака за важноста на здравиот однос кон храната и сопственото тело.

„Храната не ти е непријател“

Во периодот кога се стремела кон совршенство, балерината се соочила со сериозни рестрикции во исхраната, кои оставиле последици и врз нејзината физичка и врз психичката состојба. Денес на тој период гледа од поинаква перспектива и нагласува дека правилната исхрана е неопходна за организмот да ги издржи напорните тренинзи, проби и настапи.

„Надминувањето на нарушувањето во исхраната беше најтешката битка во мојот живот, но токму лекувањето на мојот однос кон храната ме донесе на сцената во Санкт Петербург“, напиша Гаштарска во описот на видеото.

Во видеото таа детално зборува за притисокот што може да го носи балетската професија и за промената на нејзиниот однос кон исхраната.

„Во балетскиот свет, притисокот зад завесите може да биде тивко опасен. Долго време, бев заглавена во тој токсичен циклус. Поминав низ тешко пореметување во исхраната, постојано се изгладнував себеси, мислејќи дека рестрикциите се единствената цена за совршенството. Телото ми беше скршено, умот ми беше целосно истоштен… Но, погледнете каде сум денес.

Подготвувањето големи улоги како „Заспаната убавица“ на Михајловски не може да се случи преку прескокнување оброци. Стигнав дотука преку напорна работа, истрајност и едноставно преку јадење. Храната не ти е непријател, таа е горивото кое вистински им е потребно на мускулите за да преживеат часови интензивни проби и изведби.

Денес, конечно сум среќна, здрава и силна. Постојано работам на нови и возбудливи улоги. И да… јадам. Јадам здрави, балансирани оброци. Не бројам калории и никогаш не застанувам на вагата. Само хранете го добро вашето тело и уживајте во танцувањето. Толку е едноставно“, вели Стефи во видеото објавено на Инстаграм.

Нејзиното тело е нејзиниот „инструмент“

Гаштарска и претходно јавно зборувала за исхраната и физичките предизвици што ги носи професионалниот балет. Таа објаснила дека нејзиниот режим не подразбира гладување, туку дисциплина и внимателен избор на храната што ѝ обезбедува доволно енергија за повеќечасовните тренинзи.

„Не се работи за тоа колку јадеш, туку што. Се работи за тоа како го храниш телото за да може да издржи десет часа во сала. Мојот режим не е строг во смисла на гладување, туку во смисла на дисциплина – точно знам што му треба на моето тело за енергија, а што му пречи.

Еден мој типичен ден почнува со многу лесен појадок, бидејќи не можам да вежбам со полн стомак. Најголемиот дел од калориите ги внесувам по пробите, кога на мускулите им треба опоравување. Фокусот ми е на протеини и баланс, а не на броење калории. Искрено, кога имаш толку интензивно темпо, телото само ти кажува што му треба. Не си го скратувам задоволството од добра храна, но свесна сум дека моето тело е мојот инструмент и затоа се однесувам одговорно кон него“, сподели таа.

Стефанија е посветена на балетот уште од детството, а љубовта кон оваа уметност ја наследила од нејзината мајка Марија Крстевска, која исто така е балерина и води балетско студио за деца.

Нејзината кариера доби признание и од руското издание на „Форбс“, кое ја вброи меѓу осумте нови балетски ѕвезди што ги издвојува како иднината на рускиот балет.

Гаштарска воедно е првата Македонка што настапила на сцената на Бољшој театарот, со што остварила сон што го имала уште од осумгодишна возраст.

Слични објави

(Фото) Машките одела од „Капитол“ – елеганција со совршен крој

Еспресо

Синот на покојниот српски пејач Луис откри дека води битка за своето здравје: Сакав да споделам за да ме препознаете без коса и брада

Еспресо

Татјана Стојановска за љубовта и убавината: За долга врска не е доволна само привлечноста

Еспресо

Имате јајца и чоколадо? Направете сочен колач без брашно од само три состојки

Еспресо

Хороскоп за 6 октомври: Биковите ги очекува позитивен одговор на работа

Еспресо

Кеба проговори за свадбата на синот и бремената девојка: Кога се слави, нека се слави!

Еспресо
Се вчитува....