2.8 C
Скопје
06:19 - 24 октомври, 2026

Од плакарот на Анита: Една е мајка!

Една е мајка, тешко на оној кој ја нема. Таа е жена хероина, кралица, божица, светица… сè во едно. Таа е психолог, доктор, најдобриот готвач, професионалниот кројач и пеглач, најдобриот бодигард, нашиот таен банкомат и суштеството кое ги дава најголемите бесплатни прегратки. Незаменлива!

Таа е суштество кое експресно брзо ги празни нашите нерви, но и ги полни. Токму таа жена ќе ви се јави кога најмалку ви е потребно, но и кога најмногу ви е потребно, без причина, онака, без да ѝ треба услуга и петстотини денари на заем. Тоа е онаа жена која како мали ве убедува дека грашокот и леќата се вкусни, а боранијата е топ. Таа е жената за која никогаш нема толку перфектно да научите сами да си ја испеглате кошулата, жената за која алиштата не се диплат „така“, а ручекот не се готви „онака“. Тоа е жената за која никогаш доволно добро не ги чувате нејзините внуци. Но, тоа е мајка, полна со грижа!
Мајката е таа која ќе ве потсети да им се јавите на баба и дедо, личноста која ќе ве потсети на сите родендени и слави во фамилијата и ќе ви шепне што да купите за да не се посрамотите.

Таа е жената која квалитетно ќе ви се изнавика кога ќе погрешите и ќе се зафркнете, но и таа која сето тоа ќе се обиде да го поправи. Една е мајка, ви велам јас!

Мајките се како таен агент, сè знаат, немојте да се залажувате. Но мајките исто така и чуваат тајни, поддржуваат некои нешта што сте ги направиле иако не се за поддршка. Молчат кога ќе им викнете, а бурно реагираат кога ве нема. Ќе голтнат и кнедла од половина килограм, доколку е потребно за вас.
Тоа се жени кои се грижеле дали вашите први обувки ви се точни, дали вашето моливче било доволно остро, каков бил вашиот ручек во градинка, училиште, која била вашата прва симпатија, дали хулахопката ви се скинала, зошто фустанчето ви обелело и дали сте седеле подолго време на бетон, жени кои внимавале на вашето друштво, жени кои будно ве чекале да се вратите од диско и жени кои и денес чекаат да се вратите од работа и да им се јавите.

Лично мојата е турбо мајка, либерте, жена за сè! Не дај боже погрешно да ме погледнеш. Жена со скромна работничка плата која е вистинска хероина за своите деца, до денес, до смрт! Жртва, полна разбирање и љубов. До неодамна се чудев зошто како деца кога јадевме нешто вкусно, таа не сакаше, а денес кога и јас сум мајка знам зошто, за да има повеќе за нас. Еј, што среќа сум си имала јас, мојата ми се погоди најдобра, а верувам и вашата!

Една е мајка, убаво ви велам! Или чекај, да не се две-три или четири-пет. Да не се повеќе жени во едно, како ѝ успева? Од каде таа енергија?

Јавете ѝ се веднаш, нека не чека!

Слични објави

Ви се замаглуваат прозорците? Едноставен трик со производ што го имате во бањата може да помогне против кондензацијата

К.С.

„Размислувам да заминам во странство, таму можеби ќе имам подобра иднина“ – Бараме подобар живот, а дали ги гледаме сите можности што ни се пред очи?

Еспресо

(Фото) Трпезариските маси на Wood room сега се достапни по набавни цени

apostolova

(Видео) Сузана Турунџиева запеа со младата Дени: „Мојата инспирација Дени и јас го честитаме Светскиот ден на менталното здравје“

Еспресо

(Фото) Дрвени маси и друг мебел од полно дрво достапни по набавни цени во салонот на Wood room во ГТЦ

Еспресо

Направете го ова со радијаторите пред почетокот на грејната сезона — може да ви помогне да заштедите на сметките

К.С.
Се вчитува....