На 18 февруари низ историјата во музиката се случуваа бројни настани по кои ќе го паметиме овој ден, како што е раѓањето на Јоко Оно, или приклучувањето на гитаристот Дејвид Гилмор во британската рок група „Pink Floyd“.
Да почнеме со ред:
1933 година – Родена е Јоко Оно, американска уметничка, пејачка и поет, а во светот на славните стана позната како сопруга на покојниот пејач Џон Ленон.
1954 година – Роден Џон Траволта, американски актер, танчер и пејач.
1965 година – Роден Др. Дре, американски рапер чие вистинско име е Андре Ромел Јанг.
1968 година – Гитаристот и пејач Дејвид Гилмор стана член на групата „Pink Floyd“, на тој начин заменувајќи го оригиналниот член Сид Барет, кој мораше да го напушти бендот поради рехабилитација, на која замина поради проблеми со зависност од дрога.
1974 година – Со излегувањето на првиот истоимен албум, на хард рок сцената и формално и се претстави една нова американска група, чие име е „Kiss“, а вниманието на светската јавност го привлекоа со своите уникатни костими и шминка со која го боеја лицето и без која ретко се појавуваа на сцена.
2013 година – Почина Кевин Ајрес (68), пејач и гитарист, кој беше основач на пионерскиот психоделичен џез и рок бенд „Soft Machine“, со кој одигра клучна улога во британскиот психиделичен рок израз.