3.8 C
Скопје
22:30 - 20 декември, 2024

(КОЛУМНА) САЛОН ЗА УБАВИНА „ЕФЕКТ НА ИЗНЕНАДУВАЊЕ“: Гратис плачки и нервози

фризер, шминка

Кога бев дете секое утро ја гледав мајка ми како се шминка за на работа. Мајка ми ме научи дека помалку, е секогаш поубаво. Нејзината минимална шминка се состоеше од исцртување на една и единствена линија со туш и црвен кармин. Ништо повеќе, ништо помалку. И тоа го правеше со таква леснотија што ме фасцинираше. Се прашував дали ќе ја наследам таа леснотија.

Мајка ми уште се шминка така и уште ја гледам исто како кога бев дете, иако се поретко имам прилика да присуствувам на нејзините утрински ритуали.

Низ годините почнав да си купувам шминки и повеќе да истражувам за истите. Сфатив дека мене не ми се потребни безброј бои на кармини, сенки во најразлични бои и слично. Тоа што го поседувам сакам да биде квалитетно и да ми врши работа – коректор, течна пудра, камена пудра, црвен кармин, туш. Не можам да кажам дека сум премногу умешна во тоа што го правам, ама во моите очи сум си убава, понекогаш.

Овојпат имав свечена пригода на која посакав и решив работата да ја препуштам на „професионалци“. Ама мојата практичност овојпат ми донесе повеќе штета отколку корист.

Низ морето „професионалци“ налетав на едно симпатично салонче кое патем ми беше блиску до дома па уредно си закажав недела ипол порано, имаше слободен термин, одлично. Дојде денот кога „професионалците“ требаше да ме направат „поубава“ со помош на нивниот „талент“. Пред студиото бев во 10.00 часот. Немаше никој, надвор истураше дожд. Дојде една девојка која беше за нијанса поизгубена од мене. Ми кажа дека и таа првпат доаѓа во студиото. Си се насмевнаме и си чекавме. Поминаа петнаесетина минути, немаше никој. Студиото сè уште не беше отворено.

Студиото за убавина беше сместено на втор кат од една станбена зграда, а за да стигнеш до истото треба да ја погодиш шифрата на влезната врата. И дур дремевме пред вратата, секој што ќе поминеше се чудевме дали е станар во зградата или вработен во студиото.

На крај дојде една симпатична жена во двете раце носејќи кеси. Си пазарела. Не помислив дека е вработена во студиото. Ама беше. „Девојки ме чекавте многу?“. Никој не одговори, ама беше свесна за својата непрофесионалност па продолжи да се оправдува. Дождот беше крив. Кога влеговме во студиото беше многу ладно. „Маци ти за што си?“, ме праша но не ја интересираше ниту моето име, ниту презиме. „За фризура и шминка“, велам. Зборлестата жена испадна дека има повеќе задачи во студиото, ама примарната дејност ѝ бил фризерајот. Почна да ми ја раскажува нејзината историја, колку од најреномираните фризери во градов прошле низ нејзините раце и станале мега ѕвезди без ниту да ѝ се заблагодарат. Погоре ви спомнав за мојата практичност. Си најдов на Интернет фотографија од наједноставната фризура на целиот свет. Ѝ покажав како сакам да изгледам. На крај секако, не изгледав така. Изгледав како тетка Маре спремна за чајанка. Ме убедуваше дека ради влажноста на времево фризурата ќе си добие форма, ама не си доби форма. Формата дома си ја направив, пред моето огледало.

Пристигна и шминкерот. Соврешно стилизиран млад дечко. Многу љубезен. Ми го гледаше лицето, ме праша како ќе бидам облечена. Му велам, за да не те мачам си најдов фотографија на Интернет. Му ја покажав, беше воодушевен. „Одлично, ми се допаѓа“. Ме сврте со лицето кон него, таман да не се гледам во огледалото заради „ефект на изненадување“. Почна да се спрема, потпивнувајќи си кафе. Па додека се спремаше си ѕиркав во неговите шминки. Само си помислив како ли ќе ме разубави. Некако му верував. Ми раскажуваше дека завршил школа во Белград, дека имал прилика да соработува со познати личности и бројни дрег кралици. Бев воодушевена. Ако не се погоди фризурата, барем шминката ќе ми биде совршена.

Ми ги пофали трепките на очите, во неговата кариера не видел толку убави природни трепки. Во меѓувреме, фризерката ми се приближвуаше и ме нарекуваше лепотица. Сепак, шминкерот ми предложи да ми стави вештачки трепки за да ми бидат поистакнати очите. „Добро, ќе пробаме“, реков иако бев скептична, во животот не сум ставила вештачки трепки.

Мојот шминкер мирисаше многу убаво. Имаше нежни раце. Му реков дека сакам црвен кармин, покажувајќи му ги ноктите. „Ау, никако, за преку ден црвен кармин, мислам дека не е соодветно. Послушај ме, ќе ти ставам кафеав“. „Добро“, реков, иако во животот не сум ставила на себе кафеав кармин.

По речиси половина час, шминката беше готова. Ме сврте драматично со столицата. Види се. „Ефектот на изненадување“ беше ептен постигнат. Само што кога се видов, веќе не личев на себе. „Те молам извади ми ги трепките“, тоа не успеав да го премолчам.

Погледнав на часовникот, поминале цели два часа од мојот ден, буквално за џабе. Имајќи на ум дека требаше да се враќам дома и да стигнам на настанот до 13 часот почна да ме фаќа паника. Набрзина се спремив, ми побараа 2.000 денари иако првично ми беше кажано дека пакетот ќе ме чини 1.800 денари и заминав.

Додека се симнував по скалите, очите ми се полнеа со солзи од бес. Не им бев лута на „професионалците“, туку си бев лута на себе. Како можев ова да си го направам на себе. Да си ја потценам сопствената уме(т)шност со шминкањето за на крај да изгледам вака.

Стигнав дома и се заклучив во тоалетот. Се гледав во огледалото и не можев да се препознаам. Веќе не личев на себе. Секако дека ја избришав шминката. Ја растурив фризурата и колку што можев се вратив на себе. Си ставив црвен кармин, повлеков една линија туш и си се насмеав во огледалото.

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....