09:53 - 5 декември, 2025

Зафир Хаџиманов: Светот на уметноста е пеколно суров и бара жртвување!

„Како Вардар ќе дотечам“, „Земи момче Македонче “, „Љуби ме и главата горе“, се само дел од песните на познатиот македонски пејач, композитор, поет, афирматор на македонската уметност, Зафир Хаџиманов, кој живее во Белград. Поводот за разговорот со него е реобјавувањето на неговиот албум од 1986 година „Зафир пее – Македонија пее“, во кој тој отпеа песни од познати македоснки поети.

Деновиве е реобјавен вашиот култен албум „Зафир пее – Македонија пее“, оригинално објавен во 1986 година. Кој беше иницијатор?

– Главен иницијатор е Фондацијата „Македонија презент“ на издавачката куќа „Феникс“, која деновиве ме почести со прекрасната меѓународна награда Гоцева мисла. Штом го забележаа ова, вредните уредници на „Кроација концерт“– екс „Југотон“ (Читај:Наталија Цајиќ) ми предложија да направиме реиздание на албумот „Македонија пее“ со уште две нови бонус песни и да го наречеме „Зафир пјева – Македонија пјева“.

На албумот се песни од познати македонски поети. За кои песни и поети станува збор, да потсетиме и кој ја правеше селекцијата, со кого соработувавте?

– Јас од мојот прв фестивалски настап на „Вечерта на шансони“ во Загреб во 1965 година се вљубив во пеаната поезија и до денес не се одљубив. Со оглед дека и самиот пишувам и поезија и музика, во еден момент беше нормално композиторски и интерпретаторски да се посветам на поезијата на нашите врвни поети, а Македонија отсекогаш имала посебен талент за таа фузија на добриот стих и прекрасната мелодија и ритам. Значи и идејата и изборот и реализацијата се мои. Решив на албумот секако да имам и изворен народен поет („Са ноќ седам трено“, „Зајди зајди“). Па потоа почнав со најстариот, а тоа е Константин Миладинов, па Коста Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски и се разбира, на крајот еден мој авторски потпис со песните „Има ли“ и „Од љубов не се бега“. Голема, огромна помош ми подари мојот драг пријател Славе Димитров со своите аранжмани и Милка Герасимова со својата перфектна тонска снимка, а Благоја Чешљаров – Чешљар диригираше со студискиот ревиски оркестар. На крајот „изронивме“ вистински бисер – албум!

Какви чувства буди, каква порака праќа?

– Седнете дома со едно убаво кафе и барем двапати отслушајте ги песните. И чувствата ќе ви се разбудат и пораките ќе ви светнат.

Која гранка од уметноста најмногу ве исполнува, бидејќи сте сестран уметник?

– Се разбира, секоја категорија која ми е моментално активна, ме возбудува, а на крајот и исполнува со среќа и задоволство. Но мојот систем на работа е никогаш да не носам две лубеници под една мишка. Кога пеам и глумам – пеам и глумам, ништо друго не ме интересира. Кога пишувам, пишувам, кога компонирам, компонирам и точка. Секој плод од мојата дарба бара тотална посветеност.

Среќен ли сте што и вашата внука Марта ја сака музика и го чекори тој музички пат?

– Пресреќен. Но и многу загрижен. Знам точно која Одисеја ја чека. Дај боже, да е барем малку борец, на мене. Светот на уметноста е пеколно суров и бара жртвување!!!

Кога ќе се спомене Скопје што најмногу ви недостасува, кои спомени ве врзуваат?

– Сè! И мајка ми и татко ми и роднините и другарите и младоста и лудоста и љубовите Сè,Сè,Сè!

Многу емоции во вашите песни, посветени ли се некому конкретно, кои може да се каже дека се автобиографски?

Секоја вистинска уметност буди јаки емоции и силно е обоена со автобиографски радосни, среќни и светли, но и со тажни, црни и печални моменти.

Слични објави

Обожавателка среде концерт ме замоли да го откријам полот на нејзиното бебе: Ацо Пејовиќ во Скопје раскажа интересна анегдота

Еспресо

Мал сончев зрак води низ облачно небо: Лична приказна на Илина Арсова

msp-admin

„Кога излеговме на состанок, ми кажа дека е оженет“: Николина Пишек бара партнер на апликација за запознавање

Еспресо

По загубата на мајка му и на татко, само таа му остана: Дарко Илиевски со уште лична приказна

msp-admin

Хороскоп за 5 декември: Овните ќе склучат добра зделка, Раковите ќе имаат потешкотии на деловно поле

Еспресо

Српска пејачка далa 300 евра за да биде во шоуто на Цеца Ражнатовиќ, па сурово била измамена

Еспресо
Се вчитува....