3.8 C
Скопје
20:27 - 20 декември, 2024

„За да се вратам во Македонија, ќе треба добра причина“: Интервју со Марјан Колев, ракометен стратег што ја вивна Ница

Приоритет му е Франција поради семејството, но и зашто е навикнат и докажан таму. Но, Марјан Колев не сака лимити, а и во неговата професија никогаш не се знае што носи иднината. „Крвта не е вода и гледајќи ги случувањата, ако кажам дека не гледам предизвик во родната земја, ќе ве излажам“. Пред една година работите не биле далеку, но…

Фото – приватна архива

По шест успешни сезони во францускиот ракометен клуб Ница како стратег, Марјан Колев го напушта клубот, но засега останува во Франција, во Ница, покрај своето семејство, но со поглед насочен кон некој поамбициозен проект. Вели дека нема да си забрани да анализира и други можности надвор од ракометот.

Какво искуство носите од Ница во однос на професијата, а какво во однос на животот?

– Ница за мене е едно супер професионално искуство во секој поглед. Млад тренер без искуство во женскиот ракомет, екипа составена од клубот, селекција и формирање екипа постепено сè до постигнување историски резултат вицепрвак и ЕХФ КУП 2019, и што е поважно, создавање екипа со посебни вредности, која игра важна улога во првата лига на Франција веќе шест години. Знаејќи дека немавме важен буџет, секогаш мораше да се внимава на секој трансфер, на секој момент и да се импровизира или да се работи многу повеќе за да се постигнат сите задачи, но сето тоа прави да бидете поискусен и покомпетентен за некој следен ангажман. Од животна гледна точка, пак, сè зависи од која страна гледате. Да се живее шест години на едно од најубавите места во Европа, не ви дава многу место за жалење, но да не се лажеме, имаше и момент кога „мизеријата беше поподнослива на сонце“. Научив дека во нашата професија нема пардон и нема правила, затоа треба да правиш како што мислиш за да не ти биде жал подоцна. Но, она што во мене го негувам е дека во животот сè е можно, само треба доволно да го сакаш и да веруваш во себе.

Долги години сте надвор од Македонија, семејството е секогаш со Вас, кои се најголемите предизвици на сопругата и на децата при промена на животни средини?

– Да бидеме заедно каде и да сме е наше правило и горди сме на тоа. Бескрајно сум ѝ благодарен на мојата сопруга Мери која ја жртвува нејзината професија, дипломиран стоматолог, за да ме следи и да помогне да имам кариера, но уште поважно истовремено да ги одгледа и воспита нашите два сина. При секоја промена на средина, најважно за нас е брзото интегрирањето во околината, запознавање на менталитетот и културата, да се најдат пријатели…Ние сме луѓе од контакт и ако тоа го нема имаме чуство дека не сме сакани, што влијае на секојдневното расположение.

Сопругата е дипломиран стоматолог, фото-приватна архива

Како гледате на актуелната ситуација во македонскиот ракомет, имаме ли добра стратегија, континуитет, добри играчи? Според Вас, што ни недостига освен финансиските средства?   

– Гледајќи го континуитетот на репрезентативните и клупските учества, ЕХФ-ИХФ натпреварувања, и резултати, треба да бидеме задоволни како нација, но да продолжиме со антиципирање за иднината. Прогресивно излегуваат млади и доста корисни играчи, ама ако нацијата, клубовите, не ги поддржат и не им дадат шанса во вистински момент, може брзо да се случат нарушувања. Случаи како Талевски не треба да ни се повторуваат зашто може многу скапо да нè чинат. Воедно, сакам ѝ да му честитам за неговата професионалност, истрајност и упорност и покрај тоа што не се познаваме лично. Им даде добар одговор на сите. Значи, позитивно е, но сè уште кревко, што не остава простор за опуштање. Женскиот ракомет, пак, е болка на доста федерации, па и кај нас. За да се надеваме на нешто поконкретно, прво треба да има вистинска желба кај високите органи во државата, па потоа да се надеваме на прогресивна промена. Тоа е долга тема. Инаку, поврзано со репрезентацијата, видов доста промени, подмладувања што го отсликуваат мојот бивш селектор, и за подолг период сигурно ќе има полза, а за во блиска иднина, мислам на Европското, дали ќе даде резултат, останува да почекаме некој месец. На клупско ниво, позитивно е што главните во најдобрите клубови, на пример, како Еурофарм – кој не освои титула, а толку беше близу и сигурно има големи фрустрации – сепак зборуваат за напредок, за развој на клубот и добивање меѓународно искуство, а тоа покажува дека не е сè изгубено и не е крај на светот. Моќта за промени во размислувањата, комуникацијата и промена на менталитетот е во рацете на претседателите и се надевам дека со време ќе ја употребат. Поврзано со финансиите, пак, кажав веќе повеќепати дека парите се многу битен фактор, но не и пресуден во повеќе аспекти. Да не бидам погрешно сфатен, ама сите 14 или 16 клуба, не ја знам новата формула, во дијаметар од 400 км, не може сите да бидат богати и да играат Лига на шампиони! Би било фантастично, но… Во сите лиги, како и во животот, има три групи – богати, средни и сиромашни, и тоа не е проблемот! Проблемот е дали таа реалност е прифатена од главните луѓе. Кога не е прифатена, создава притисок кај сите актери и негативна енергија што дава чувство на неуспех. Најважно е проектот на клубот да биде адаптиран според реалните можности што значи „резултати или создавање на играчи – формација“ И едното и другото тешко и е ретко изводливо.

Фото-приватна архива

Дали одличните ракометари често се покажуваат и како успешни тренери или селектори, или напротив, кои квалитети треба да ги поседува еден добар стратег?

– Нема правила зашто има успешни тренери што биле врвни играчи и успешни тренери што играле ракомет во маало или само за оценка на училиште. Добрата играчка кариера може да биде предност само ако ги имате едни од побитните фактори за успех, а тоа се капацитетот на пренесување на тренерската замисла или знаење, менаџментот, адаптацијата помеѓу квалитетот на играчи на располагање и системот на игра како желба, но исто така и приспособување со околината, односно со проектот на клубот. Има многу тренери што не биле врвни играчи, но надоместуваат со дисциплина, креативност и принципи. Денес сè е до школото, едукацијата, зашто спортот одамна е наука, но вистина е дека искуството како врвен ракометар помага при носење одлуки во важни моменти, контрола на стресот и чувство на реакција што го нема во некоја книга. А да не го заборавиме факторот „стаф“, ако имате повеќе стручни лица околу вас, секогаш е полесно доколку сите одат во иста насока.

Пред да ја започнете интернационалната кариера, бевте играч на Вардар, што денес Ве врзува со овој клуб, освен спомени?

– Добро рековте, само спомените и некои релации. Од времето кога играв до денес работите се променија за илјада отсто, ама секогаш ми е посебно и необјасниво задоволство кога можам да ги гледам на телевизија. Можеби имам такво чувство зашто поминав четири историски години што го започнаа градењето на новиот проект Вардар. Земавме прва титула Куп на шампиони, прво полуфинале КУП ЕХ, а сите ние бевме млади и недокажани, под команда на Ванчо Јовановски, па потоа сите други тренери. Потоа, уште три години Лига на шампиони и вторпат полуфинале КУП ЕХФ. Освен спомените, сè уште ги чувам контактите со некои луѓе од тоа време, кои сè уште се дел од Вардар. Секогаш кога си доаѓам, поминуваме време заедно со Станче, историска вардарова личност, како и привремените разговори со претседателот Михајловски, кому сум му бескрајно благодарен за неговата помош пред околу две години за време на корона-кризата. Ми помогна да спасиме живот на една моја многу блиска личност, така што таа вардарова поврзаност сè уште постои и по долги години.

Какво Ви е чувството што Вардар двапати стана шампион на Европа во 2017 и 2019 година и дали е можно во иднина пак да се радуваме на таков успех?

– Знаејќи дека сум бил вардарец, плус Македонец тренер во земја каде што ракометот е најтрофејниот спорт во последните дваесетина години, задоволството беше двојно. Во спортот сè е можно, но секогаш повторувањето на екстра резултат е хипер тешко. Но, гледајќи дека вторпат ја освоија Европа и тоа кога никој не очекуваше, зошто да не веруваме и за третпат. Статистиката е на страната на оптимистите.

Размислувате ли за можен ангажман во Македонија, наоѓате ли предизвик во родната земја?

– Крвта не е вода и гледајќи ги случувањата ако кажам не, ќе ве излажам. Приоритет ми е Франција заради моето семејство, но и тоа што сум веќе навикнат и докажан овде. Не сакам лимити и добро знаеме дека во нашата професија никогаш не се знае што носи иднината, но едно е сигурно, за да се случи тоа ќе треба да има добра причина. Пред една година работите не беа далеку, ама се случи тоа што се случи.

Колку често се враќате во Кавадарци, што Ви недостига најмногу од родниот град? Кога сте таму, што не пропуштате да направите, да пробате, да посетите?  

– Си доаѓам најчесто преку лето за да го видам моето семејство, но се трудам да видам што повеќе луѓе, да уживам во местото што добро го знам и каде сè е достапно и доста е различно од овде во секој поглед. Не пропуштам да проверам дали татко ми ја погодил ракијата, да пробам баник и турлитава што мајка ми ги прави, традиционалниот варен топол ѓеврек со сирење или јогурт, но не пропуштам ни да проверам дали кавадаречката музика и кафеани сè уште го задржале познатиот квалитет (се смее, н.з.).

Ме нервира неправдата во целост, исто така и некои нелогични правила што овде ги има многу. Понекогаш и судиите, ама брзо ми минува. Се радувам кога ја гледам среќна мојата фамилија, фото-приватна архива

Кој е Марјан Колев приватно? Во кое хоби ужива, што го релаксира, што го нервира, а на што се радува?

– Може сопругата поточно да ви одговори (се смее, н.з). Како хоби, кога времето дозволува, уживаме со едноставна прошетка низ променадата или преку викенд посетуваме некои места помалку познати и туристички, пешачењето и некој мал „футинг“ не се исклучени. А вистинското релаксирање започнува кога спортската сезона завршува, а туристичката започнува, што значи плажа, море и студено пиво. Ме нервира неправдата во целост, исто така и некои нелогични правила што овде ги има многу. Понекогаш и судиите, ама брзо ми минува (се смее, н.з).

Професионално се радувам кога ќе видам дека сум успеал да пренесам нешто некому, кога ќе почувствувам дека екипата ме разбира и дека напредува, чувството на успех и победа. Приватно, се радувам на секој ден и покрај тоа што некои денови и не се баш најдобри, се радувам кога ја гледам среќна мојата фамилија или некој од членовите.

 

 

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....