0.8 C
Скопје
21:59 - 18 декември, 2024

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик: Децата ни се спремни да го бранат јазикот колку што ние им даваме лични примери

Македонскиот јазик, како ретко кој друг јазик, имал 11-вековна голгота да се одржува и да се озакони дури на 5 мај 1945 година. Токму затоа треба да го чуваме како светиња, вели професорката Алексиќ во разговорот за еспресо.мк.

Фото-приватна архива

Имаме ли образовни политики изградени на долгорочни стратегии, со конкретни цели, знаеме ли како да го сочуваме македонскиот јазик и како да им отвориме врата на македонистите – да го зголемиме нивниот број – и да им дозволиме да влезат во институциите каде што се, и тоа како, потребни, има ли воопшто смисла да се полемизира за признавањето на нешто што е одамна верифицирано – македонскиот јазик, одговори побаравме од Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“.

Во првиот уписен рок на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот Македонски јазик се запишале осум студенти, ист е случајот и на Катедрата на македонска литература. На што се должи оваа поразителна бројка?

– Хронично несоодветни образовни политики без перспективни стратегии, што би рекол Мисирков ,,за однапред“. Во СФРЈ стратегиски се менаџираа уписите на студентите, според потребите на шест републики и две покраини, првично на три факултети во Белград, Загреб и во Љубљана, па ако не успееш таму, можеш и во Приштина. Се знаеше каде и што ќе се студира според потребите за вработување кадри на државно ниво. Ние со една од републиките не можеме да се доведеме во ред, сами со себе. Катедрата по македонски јазик тогаш броеше повеќе од стотина студенти и беше атракција да ти предава колосот Конески. Системот со години наназад дозволува масовни уписи на ,,атрактивните“ факултети, со кои полесно се доаѓа до работна позиција и во Македонија и во туѓина. Студентите не се виновни и не е точно дека не си ја сакаат татковината и јазикот. Секој гледа да се продаде на пазарот на трудот за да егзистира, но, за жал, работни позиции за македонистите нема. Треба да се чека некој да замине во пензија за да се влезе во образовните институции. Катедрата по македонски јазик треба да е заштитена како држава во држава, таа е државен симбол и државата мора да најде стратегии за привлекување студенти и нивно соодветно вработување.

Со стекнатата диплома по македонски јазик потешко се наоѓа вработување отколку со дипломата по, на пример, англиски јазик. Ни треба ли државна стратегија за вработување македонисти односно лектори во институциите – каде што и реално се потребни, а од друга страна, на тој начин би се поттикнал и интересот за факултетско изучување на јазикот?

– Лектори ни се нужни во секоја институција. Нивната работа е неопходна за правилно функционирање на коресподенција, без која ништо не може да функционира. Секоја воспитно-образовна институција треба да вработи по еден лектор. Така ќе им се обезбеди работна позиција на дипломираните македонисти.

На кој начин, според Вас, самите го потценуваме, а со тоа и го убиваме македонскиот јазик од лингвистички аспект?

– Со ,,модата“ првин да се учат странски јазици, од најмала, дури од предучилишна возраст; преокупираноста на младите со игри и информации на туѓи јазици преку електронската комуникација; користење сленг, жаргон, варваризми и дијалекти при медиумско обраќање без цензура и според мене – мој личен став – инсистирање на двојазичност. Еден официјален државен јазик, во мала држава со богатство од мултиетничка шареноликост, е вистинскиот начин за облигативно чување на македонскиот јазик. Македонскиот јазик, како ретко кој друг јазик, имал 11-вековна голгота да се одржува и озакони дури на 5 мај 1945 година. Токму затоа треба да го чуваме како светиња!

Истото прашање, но од друг аспект – на кој начин, според Вас, го убиваме македонскиот јазик, но од културолошки и од политички аспект?

– Со некултурно јазично однесување! Секој државјанин на Македонија, без оглед на национална припадност, мора да го говори и правилно да го користи македонскиот јазик при јавна комуникација. Политикантите нѐ доведоа до вакво банално препукување и дрско политиканство на соседите за нешто што е одамна завршена работа и е беспредметно повторно да се полемизира. Или се неуки, или се преплатени, или се без емоции за македонскиот јазик!

Катедрата по македонски јазик треба да е заштитена како држава во држава, таа е државен симбол и државата мора да најде стратегии за привлекување студенти и нивно соодветно вработување. Фото-приватна архива

Како гледате на францускиот предлог во однос на македонскиот јазик, дали е заштитен јазикот?

– Како на непристоен предлог. Избрзани условувања за препризнавање на нешто одамна верифицирано. Влегувањето во ЕУ значи автоматско признавање на јазикот што ќе се преведува за полесно разбирање меѓу членките на ЕУ. Чуму тогаш оние еуфорични восклици на челниците на ЕУ ,,јазикот е ваш и ви го признаваме“? Патем, ние сме сѐ уште на патот кон влезот од чекалницата за влез во ЕУ.

Да се навратиме, сосема накусо, на историјата на македонскиот јазик поаѓајќи од црковнословенскиот јазик, со кои неколку факти би демантирале дека македонскиот јазик би можел да биде бугарски дијалект?

– Македонскиот јазик во 9 век припаѓал на јужнословенските јазици и тоа во централниот дел од балканскиот сојуз. Сите старословенски јазици имале свои варијанти или рецензии (македонска, бугарска, руска, српска….) што значи одделно развивање на своите дијалекти. Македонскиот јазик се развивал истовремено со другите како посебна варијанта, а не како нечиј дијалект. Охридската книжевна школа била на тромеѓата меѓу Грција, Македонија и Албанија, а Кратовската во Кратово. Преславската книжевна школа на територија на Бугарија, била ,,контрабанда“ и спротивно на Охридската книжевна школа се обидувала да воведе поедноставна азбука за да ја потисне кирилометодиевската традиција што ја воделе учениците на Кирил и на Методиј. Затоа Климент и Наум отпрвин не сакале да ја заменат глаголицата со кирилицата, од почит кон своите учители. Сите битни артефакти се запишани во Панонските легенди и во трактатот О’писменех. Понатаму, црковнословенскиот како неразбирлив јазик постепено се истиснува од употреба и се користи македонскиот народен јазик, различен од бугарскиот. Доказ се и грамотите (Калиманова), административни документи на народен македонски јазик, како и дамаскините од 16 век.

Како професорка, колку нашите деца, вашите ученици, младите генерации, се спремни да го бранат и сочуваат македонскиот јазик?

– Колку што ние ќе им дадеме услови и мотивација со лични примери. Кога ќе се читаат првин македонски автори, па потоа странски бестселери, и кога ќе се полнат концертни сали со музиката на Симон Трпчевски или на Влатко Стефановски, наместо со увозни турбофолкери, ќе тргнат нештата на подобро…

 

Слични објави

(Фото) Вељко Ражнатовиќ објави досега невидена семејна фотографија: Синот Жељко позира со стегнати мускули

Еспресо

(Фото) Иван Јованов воодушеви со празнична фотосесија со својата ќерка Ниа

Еспресо

Бресквица конечно откри како го добила прекарот: За сѐ била виновна една личност

Еспресо

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо
Се вчитува....