1.8 C
Скопје
22:46 - 21 декември, 2024

Средба со Ана, Стрезо и Стефан: Лесно е да се сретне Европа кај нас, само треба да сакаш да ја најдеш

Во новата емисија насловена TVTaxi28, Ана, Стрезо и Стефан сакаат со нивното такси да стигнат до сите светски приказни што ги имаме во земјава.

По петнаесет години отсуство од телевизиска активност, повторно се врати на малите екрани со емисија насловена TVTaxi28. Се чувствуваш ли повторно како „риба во вода“ на снимањата?

Ана: Убаво и удобно ми е откога повторно ги почувствував рефлекторите на себе. Сфатив дека јас сум навистина телевизиско дете и дека ми недостасувала магијата на големата кутија. А мислев дека не е така, бидејќи новинарството ми е професија и работам видео приказни за редакцијата на Дојче Веле и Институтот за комуникациски студии, ама не било доволно. Кај мене ништо не се смени, уште и се радувам на работата со детска наивност, затоа што верувам дека медиумите можат да придонесат кон создавање на подобра заедница за сите нас. Технологијата и новите платформи и социјалните медиуми ја изменија новинарската работа, тоа од мене бараше во периодов да се усовршувам на други полиња, но останав „заиграна“. И кога ја добив понудата од „Мунлајт“ продукција сфатив дека многу години поминале и таман е да се собере сето досегашно искуство во ТВ производ кој што ќе биде мултиплатформски и ќе дише со современото.

Во емисијата сте друштво, ти – Стрезо Стаматовски, Стефан Николовски и Ана, како „падна“ изборот токму на вас? Како се вклопивте знаејќи дека ти и Стефан сте актери, а Ана е новинарка?

Стрезо: Според мене со точен кастинг половина од работата е веќе завршена. Така е и во нашиот случај. Најголеми виновници за изборот на оваа „тројка“ се луѓето од „Мунлајт“ продукција. И ако треба да судам според тоа како си „кликнавме“ уште на првата средба, можам да тврдам со сигурност дека претходело едно „дебело“ истражување на нашиот беграунд. Тоа што ние со Стефан сме актери, а Ана е новинарка не игра воопшто никаква улога во крајниот резутат, затоа што се обидовме да ги измоделираме нашите карактери тргнувајќи од себе и нашиот хабитус. Односно, секој се игра себе си и на тој начин се создаде и ќе се создава една игра пред камера која што е искрена и попривлечна за спектаторот.

Ти си најмладиот член на оваа нова ТВ тројка кој што владее со сѐ што носи новото време. Владееш и на Инстаграм. Како го гледаш овој ТВ проект ако се знае дека “Video kill the radio star”, ќе успеете ли да направите таков хибриден формат кој ќе обедини и публика и канали ТВ и социјални медиуми?

Стефан: Иако светот моментално е на социјалните мрежи, сепак телевизијата сè уште си има своја тежина. Можам да кажам дека мојата генерација многу ретко гледа телевизија. Социјалните мрежи се одлична алатка за промоција на самиот проект, па така со помош на таа промоција и младите вклучуваат телевизор за да гледаат ТвТакси28. Сметам дека треба телевизиите да бидат се поактивни со промоција на нивни проекти на социјалните мрежи.

Се возите во комбе-такси, патувате и снимате, разговарате со личности на актуелни теми, кон какви теми и кон какви соговорници ја насочуваш такси-рутата?

Ана: Инспирирано од симболиката на движењето на повеќе локации и дестинации низ Македонија, Таксито нè води низ и различни теми кои се занимаваат со културата на живеење и вредностите кај нас и во Европа. Всушност теми се и предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон ЕУ и областите со кои можеме да бидеме конкурентни на Европскиот пазар. А, ние треба да сме 28 земја членка во ЕУ, затоа и таксиото е 28. Така што темите се од културно наследство, до вештини, екологија, медиумска писменост…

‘Низ земјава ќе “возиме” и ќе се наоѓаме секаде каде што може да ја пресретнеме Европа кај нас’, рече во најавата на емисијата. Колку е тешко или лесно да се сретне Европа кај нас, колку сме блиску или далеку од неа, и во што ја наоѓаш најблиската „дестинација“ до Европа, а во што најоддалечената?

Ана: Македонија е пачворк на различностите во неа, исто како што е и Европа. И кога со срце ќе го погледнеме тоа, без потреба да се огради територија, да се делиме, да се граба и зема, туку да се почитува поинаквоста, тогаш ќе бидеме најблиску до Европа. А најдалеку сме сме секојдневно, во еколошката штета што и ја правиме на Македонија, корумпираноста, непочитувањето на законите, нетолерантноста и исклучивоста. И во сѐ ова сме обединети, заедно. Замислете да бевме во заедништво во повисоки стандарди за себе, никогаш немаше да поминат корумпираните политичари, младите немаше да се селат и ќе бевме отпорни на провокации затоа што со знаење ќе ги водевме битките, а не инфериорно и поданички.

Стрезо: Лесно е да се сретне Европа кај нас, само треба да сакаш да ја бараш за да ја најдеш. Ќе го земам мојот Охрид за пример. Град богат со природни и културни вредности, град – просветител со „дебела“ историја и луѓе професионалци кои оставиле белег во многу области ширум светот. Доколку блискоста со Европа ја бараме преку овие работи тогаш таа би ни била на допир. Но, за жал, со алчност, корумпираност, компромитираност на системот, политиканство и со нечесни намери еден кон друг, како „превозни средства“ до дестинацијата наречена Европа е невозможно. Се надевам дека по пат некаде ќе се освестиме и дека нема да биде предоцна.

Стефан: Ана и Стрезо сѐ кажаа, само да дополнам имаме потенцијал во млади луѓе кои се Европа, и таа не е толку далеку, како што изгледа.

Таксиметарот не е вклучен во вашето такси, која е првата асоцијација што ти паѓа на ум – што би било ако се вклучи?

Стрезо: Напротив. Таксиметарот на таксито на кое главна дестинација му е Европа е вклучен цело време, па дури и додека нема клиенти. За разлика од обичните таксиметри овој нашиот никој не знае ни кој го вклучил ни како да го исклучи. Знам само дека секој ден, час, минута, миг се наплаќа и дека сметката ја плаќаме сите ние, но не со пари туку со нашето време и со времето на нашите деца. А има ли нешто повредно од тоа?

Приватно, колку често го вклучуваш телевизорот и што најмногу уживаш да гледаш?

Стефан: Искрено како што кажав, мојата генерација ретко пали телевизор, па така и јас. Кога гледам телевизија тоа е најчесто спорт. Фудбал, снукер и MotoGp.

Возите кон ЕУ, но каде сакате да стигнете со вашето такси?

Ана: Сакам со нашето такси да стигнеме до сите светски приказни што ги имаме во земјава. Да им дадеме внимание, ги поддржиме, охрабриме и да добијат простор да владеат барем како информација, вест, затоа што тие се „брејкинг њуз“ за мене.

Слични објави

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо

(Видео) Црногорската инфлуенсерка ја шокираше јавноста со својата изјава: Деца, ако учите, ќе можете да ми го миете автомобилот

Еспресо

(Фото) Ќерката на Цеца скршена по страшниот напад во Загреб: Анастасија се огласи со срцепарателна порака

Еспресо

(Видео) Рапер брутално убиен на паркинг: Се појавија вознемирувачки снимки

Еспресо
Се вчитува....