1.8 C
Скопје
21:42 - 18 декември, 2024

РАЗГОВОР СО БИЛЈАНА КРАЈЧЕВСКА, драматург: Нема пишување без да читаш, пишувањето за театар е како секогаш да играш на нов терен!

Билјана Крајчевска работи како драматург во Народен Театар Битола. Како драматург и авторка работела на повеќе претстави низ театрите во Македонија: Народен Театар Битола, Кумановски театар, Театар за деца и младинци Скопје, Народен Театар Штип, Мал драмски театар и други.

Во моментот работи на две претстави во Народен Театар Битола.

Кога во себе за прв пат ја почувствува љубовта кон театарот?

– Во центарот на театарот е претставата, а претставата почнува од нечија приказна, лична или колективна. Сигурна сум дека како дете, таа љубов кон театарот ми ја вродиле приказните што ми ги прераскажувал дедо ми – кои секогаш имале поинаков завршеток. Всушност, една иста приказна која наредниот пат станувала друга.

Дали уште од најмала возраст ти беше возбудливо гледањето на театарска претстава?

– Не се сеќавам кога прв пат сум била на театар, но се сеќавам како настапував во претстава за пролетта во градинка, и зошто растев полничка немав улога на ластовичка, кокиче или штрк,  па играв тревичка со еден куп полнички девојчиња – тревички со кои не требаше баш да бидеме експонирани во прв план, ама јас после „точката“ со „раззеленувањето“ останав  сама на сцената во Домот на културата,  за да ја барам мајка ми во публиката и да бидам сигурна дека ме видела. Така што лутите воспитувачки коишто ме викаа од зад кулиси да се приберам, заклучија дека нема да ме бива баш за театар. Затоа, откако научив да читам, поминував многу време во училиштната библиотека, таму немаше предуслов за читање поврзан со телесната тежина, а на враќање од училиште на другарите им го прераскажував прочитаното и измислував нови приказни. И така почнав и  да ги  запишувам.

Како падна одлуката да се занимаваш со драматургија и дали ако имаш можност повторно да избереш пак би го направила истиот избор?

– За моето професионално занимавање со театар,  поточно  „со мојот потенцијал“  да се запишам на ФДУ зашто претходно дипломирав на Педагошка академија, се одговорни Василева, Кочовски и Упалевски- нив барајте ги (се смее, н.з).

Креативноста е мост помеѓу сите нас, затоа соработката со секој еден актер/ка, режисер/ка, уметник или уметница е бесценета и оттука немам исклучителни претензии да наведам посебни имиња  со кои би работела. Иако, мојот интерес се однесува на „ангажиран театар“ и темите коишто ги разгледува и критикува феминизмот.

Ако имам повторно шанса да одбирам професија – би била доктор. Долга приказна, баш како за драматург, за некој нареден пат.

Литературни дела кои се посебни за тебе и ти претставуваат предизвик да работиш на нив?

– Нема пишување без да читаш. Книгите ги извлекуваат емоциите од читателот, но истовремено го предизвикуваат на критичко мислење. Но секогаш ми е тешко да изберам или да препорачам некој наслов на книга или омилен автор/ка од причина што мојата професија на создавање на приказни  не препознава некаква посебна естетика, стил или конкретни поетски или книжевни решенија, туку ми дава предност да го доживеам тој баланс помеѓу наративното и рефлексивното и да го „украдам“ – во моја приказна. Најмногу читам стрипови.

Инспирацијата за пишување не „доаѓа“, таа некогаш е поврзана со ситуации, емоции, со онирички моменти, но најмногу ме инспирираат документарни приказни и мотиви кои се нечии лични сведоштва.

Пишувањето на драмски текстови, пишувањето за театар е како секогаш да играш на нов терен, на ново игралиште, бидејќи тоа не е затворен свет кој сам за себе го создаваш во посебни услови, туку ја има таа слобода и потенцијал непрестано да се преобразува на сцената.

Во што уживаш во слободно време?

– Секое слободно време го користам да возам до Преспа, едноставно ја обожавам, со езерото, со боите, со тишината, со манастирите… или пак со партнерот, семејството, внуците и пријателите да откривам некое  за мене ново место – село, планина низ Македонија.

Се сметаш ли за успешна?

– За успешна ќе се сметам доколку навреме ги извршувам задачите (се смее, н.з).

 

Слични објави

(Фото) Иван Јованов воодушеви со празнична фотосесија со својата ќерка Ниа

Еспресо

Бресквица конечно откри како го добила прекарот: За сѐ била виновна една личност

Еспресо

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо
Се вчитува....