5.8 C
Скопје
16:25 - 22 декември, 2024

(Фото) Скопје евергрин, 26 јули 1963-та: „Земјата се отвори и ги снема првите два ката“, „На Водно се слушаа пискотници од илјада грла“

(Фото) Скопје евергрин, 26 јули 1963-та: „Се разбудив затрупана со малтер и тули“, „Кога солзите од тага станале солзи радосници“

Елизабета Раденковиќ: Брат ми секоја вечер имаше кошмари и бегаше од вратата

Јас имав околу четири години, но сепак се сеќавам на страотната глетка тоа утро. Живеевме на ул. „29 ноември“, на петтиот кат. Бегајќи по скалите надолу, татко ми забележа дека соседите на долниот кат не можат да ја отворат вратата за да избегаат. Ние се симнавме, но тој остана да им помогне. Долу, убаво ја паметам таа слика пред мене, дедо ми дојде со голема количка за да ставиме некои предмети од покуќнината и да нѐ однесе кај нив во куќата. Нè однесоа во Охрид, во одморалиштето „Андон Дуков“. Кога сè се заврши и се вративме во истата зграда, бидејќи не беше оштетена (само страничниот ѕид), брат ми, кој тогаш имаше 14 години, секоја вечер имаше кошмари и бегаше од вратата, па моравме да заклучуваме и да го криеме клучот. По подолго време, сè се смири.

Поштата, фото Александар Петковски

Бојана Блажевска: На Водно се слушаа пискотници од илјада грла

Кога се случи земјотресот во Скопје, имав 12 години. Живеевме на Водно. Тоа рано утро сите спиевме, освен татко ми, кој вообичаено стануваше многу рано. Влета, видно вознемирен, и ни рече веднаш да станеме, да одиме во дворчето, во градината и да го чекаме тука, тој мора да оди. Мајка ми остана со нас и се обиде да ни објасни. Една слика нема да ја заборавам – до горе на Водно се слушаа пискотници од илјада грла. Кога дојде татко ми, со солзи во очите ни раскажуваше за еден татко што успеал да го спаси само едното дете, другото останало во урнатините; цела зграда на Водњанска, до темели беше урната.

Со мајка ми заминавме за Охрид, јас и моите браќа, сестра ми ја евакуираа во Загреб, татко ми остана во Скопје да помага во расчистувањето.

Балкон, фото – Александар Петковски

Светлана Трајковска: Дента се капевме во Вардар дури водата се брануваше

Имав 12 години. Се разбудив тоа утро слушајќи го разговорот помеѓу мајка ми и татко ми. Што е ова, се размрдале глувците на таванот? Птиците црцореа во дворот. Ги предупредив: молчете, ми се спие. Само ѕирнав низ прозорецот да видам дали е сончево, да се бањам на Вардар. Ме фати дремка. Одеднаш слушнав бучава и куќата почна да се тресе. Брат ми во другата соба рипна низ прозорецот и нè викаше да излеземе. Куќата во Маџир Маало се урна. Но, сите бевме здрави и живи! Братучед ми во соседното маало истрчал по бели гаќички кон Центар, да ја спаси девојката. Со вториот потрес нејзината куќа се урна. Вечерта веќе стигна донација од шатори и ги монтиравме во дворот. Почнаа да делат храна и облека од камиони. Земјиштето се тресеше цел ден. А ние, деца како деца, и на Вардар отидовме, дури водата се брануваше. На главната улица „Ѓуро Ѓоновиќ“ имаше многу урнати куќи, меѓу кои и цело семејство починати. Тажно. Да не се повтори!

Јагода Костовска: Земјата се отвори и ги снема првите два ката

Јагода Костовска, фото-приватна архива

Ден 26 јули 1963-та. Карпош, зграда 21, втори кат. Јас на возраст од девет и пол години. Татко ми на пат, на симпозиум за стенографи во Прага. Чувствувам, некој ме влече од постела и вика испаничено – мојата мајка: „Стани брзо, земјотрес!“. Бунило. Ништо не разбирам. Надворешната врата се заглави, одвај ја отвори, скокавме по три-четири скали и излеговме надвор подалеку од зградата. Гледав и ништо не разбирав. Гледав во зградата пред нас, таму живееја мои другарки. Одеднаш се слушна татнеж, вресоци и пискотници, вториот потрес. Пред моите очи, вчудовидена, кај другата зграда, земјата се отвори и ги снема првите два ката. Како вчера да беше, сè ми е пред очи. Страшно, жално, потресно! Кога се ближи овој ден, случувањата ми прелетуваат како сон. Да не се повтори.

Таска Јованова: Железничката станица вриеше од луѓе, возовите беа преполни

Железничка, фото – Александар Петковски

Имав 6 години тоа лето. Нашата куќа беше мала, падната сосема, но ние, фала му на Бога, останавме живи. Малата куќа имаше голем двор, па во него сите соседи направија настрешници и покривки од терпапир, поставија железни кревети и сите соседи тоа лето го поминаа таму заедно. Мојот брат имаше бронхитис и требаше да прима инјекции пеницилин. Бидејќи живеевме на ул. „Савска“, на Водно, болницата ни беше блиску, па мајка ми трчајќи го однесе брат ми на раце да прими инјекција. Никој не сакал да ѝ помогне, бидејќи, разбирливо, спасувале животи. Но, еден доктор, Словенец, се сожалил и му ја дал инјекцијата. До пладне стигна тетка ми Загорка од Прилеп, да види што се случува со нас. Нè зема со неа со воз и нè однесе во Прилеп. Железничката станица вриеше од луѓе, возовите беа преполни. Тетка ми со брат ми се качи во возот во последен момент, а мајка ми со мене во рацете плачејќи трчаше по возот. Од возот, од прозорец, едно воено лице ги пружи рацете и ѝ рече на мајка ми „Дајте ми ја, госпоѓо, не плашете се!“, и јас влетав во купето право кај него во скут, до Прилеп. Тоа лето нашата урната куќа сите соседи, тула по тула, ја изградија одново. Пред 1 септември се јави мајка ми и ѝ кажа на тетка ми да нè прати со возот назад, зашто училиштето „Кочо Рацин“ ќе почне со работа.

Таска Јованова, токму пред земјотресот, фото – приватна архива
Скопје центар, фото Александар Петковски
Техничко училиште, фото Александар Петковски

Александар Петковски беше љубезен да сподели со нас десетина фотографии што по земјотресот ги направил дедо му Ненад Петковски, со фотоапарат марка „смена 8“. За дедо му ни кажа: „Авторот на сликите, дедо ми, со семејството пред земјотресот живеел во Маџир Маало, но куќата им паднала, па подоцна се преселиле во бараките во населба Ченто“. Според сведоштвото на внукот Александар, Ненад починал пред 20 години.

Фотографиите ги објавуваме за првпат во „Скопје евергрин“.

(Фото) Скопје евергрин, 26 јули 1963-та, сведоштва: „И ден-денес ми се заледува крвта од тој татнеж“ од земјотресот, „Зошто не се одбележува 26 јули, Денот на светската солидарност?“

 

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо
Се вчитува....