-2.2 C
Скопје
20:54 - 22 декември, 2024

Прво лице анфас – Ивана Настески, сликарка: Со ателјето во срцето

Сликањето цвеќе и/или овошје на маса во сликарството се вика „мртва природа“, но од нејзините „мртви природи“ повибрантни и поживи нема!

Ивана Настески, сликарка, е родена и живее во Тетово. Со радост ја најавува својата следна изложба во Белград, од 6 до 16 септември во галеријата „Диварт“ во срцето на Белград. „Тоа е еден  камерен простор, кој има дух и душа и кој дише со уметност и музика“, вели Ивана и додава дека ќе се претстави со мотиви од „нашиот најубав планински масив Шар Планина и од нашиот убав Охрид“. Делата се работени во акварел, во комбинација со гваш, темпера, акрилик и бел туш.

Сликарството ѝ е во генот, како што вели самата: „Татко ми, академски сликар Александар Настески, освен генетски, ми ја вдахнал и всадил љубовта кон убавото, кон уметностите воопшто. Привилегија е дома да имаш животен учител“. Така, во 1999 година го завршува средното училиште за применета уметност во Скопје, а потоа во 2004 дипломира и на ФЛУ, насока графика во класата на проф. Зоран Јакимовски. Магистер станува во 2009 година, откога е и член на ДЛУМ. Имала самостојни изложби во повеќе градови во Македонија, во Србија и во Германија, во Дрезден. Од групните изложби најзначајни ѝ се оние во Куманово, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац, Нови Сад, како и бројните изложби во странство, во Москва, Грција (Патра), Мајами, Кина, Тајван, Швајцарија, Мексико, Шпанија, Португалија, Словенија. Наградена со неколку награди (Гран при за графика во Македонија, Откупна награда на град Шабац, на Октомврискиот салон, Откупна награда на Интернационално биенале на мала графика, Тетово) со кои со право се гордее.

Ивана плени со своето убаво лице и убава душа – секогаш насмеана, позитивна, полна со животна енергија и со очи ширум отворени, што се одразува и во нејзиното сликарство, во експлозијата на сончевина и бои, кои ве заплиснуваат од нејзините пејзажи, танчарки, цвеќето, овошјата.

Интересно, сликањето цвеќе и/или овошје на маса во сликарството се нарекува „мртва природа“, но од нејзините „мртви природи“ повибрантни и поживи нема!

Од сè можеме да избегаме, па дури и физички, но никако од нашиот ген, а тоа е семејството. Затоа, тоа е она на кое се повикуваме, како важна алка во нашето обликување.

Главниот позитивен аспект на твојата личност.
Непоправлив оптимист и хиперсензитивна романтичарка.

Твоите главни карактеристики.

Верност, дипломатичност и работливост.

Би сакала кога не би била…

Толку импулсивна.

Кои квалитети ги цениш најмногу кај луѓето?

Искреност, доверливост, одговорност, точност, љубезност.

Што најмногу цениш кај пријателите?

Пожртвуваноста.

Твојата идеја за среќата.

Среќата е интимно доживување. Сметам дека таа е содржана од многу различни чинители. Животот ми покажал, во многу наврати, дека таа е во малите нешта што се навидум невидливи. Колку и да звучи ова како флоскула, сепак и најмалите изблици на задоволство, за мене значат среќа!

Што може да те направи несреќна?

Лицемерие и лага.

Ако не си оваа што си, кој би сакала да бидеш?

Повторно би била јас.

Кого или што носиш во срцето?

Моето ателје.

Што те инспирира во сликарството, а што во животот?

Уметноста е благородна дисциплина, која ги обединува сите убави нешта. Така инспирацијата за мене лично, навистина лежи во моето секојдневно опкружување, во малите детали, во една мала вазна со еден уште помал цвет. Можеби делува фолклорно и романтично, но тој мој мал свет, секојдневно ми укажува на тоа колку е важно да се чувствуваш жив. Животот е моја катадневна инспирација и најголемо училиште!

Семејството е…

Нашето прво училиште. Основните постулати за формирањето на личноста доаѓаат токму од семејството. Од сè можеме да избегаме, па дури и физички, но никако од нашиот ген, а тоа е семејството. Затоа, тоа е она на кое се повикуваме, како важна алка во нашето обликување.

Твојот омилен дел од денот е…

Утрото.

Во сликарството се поважни боите или формата?

И бојата и формата се еднакво важни и како такви неделиви!

Музиката што ти значи: класика или рок?

И класичната музика и рок-музиката еднакво ми се блиски.

Твојот омилен писател, поет или книга.

Ух! Многу писатели, поети и книги ми се омилени и често им се навраќам заради животните мудрости со кои изобилуваат нивните дела. Иво Андриќ, Кочо Рацин, Милорад Павиќ и неговиот „Хазарски речник“, Харуки Мураками и неговата „Норвешка шума“, Бернхард Шлинк.

Кога би можела да разговараш со кој и да е човек кој кога и да е живеел, кој би бил тоа?

Никола Тесла.

Велат дека сите уметници се суетни…

Честопати мислам дека тоа е флоскула, а понекогаш сметам дека тоа е и точно. На два ума сум.

Патувањата се…

Патувањата воопшто, треба да бидат составен дел од нашиот живот. Тоа и не мора да се некои далечни или егзотични дестинации, може да бидат и до соседното село или рид. Пабло Неруда во неговата песна „Бавно умирање“ пее: „Умира полека оној, кој не патува, кој не слуша музика, кој не открива фасцинација во себе!…“ Мислам дека сè кажал овој чилеански поет. Со патувањата расте и созрева духот, се челичи волјата, а искуствата претставуваат најголем подарок!

Твоето омилено место за одмор.

Трпејца, Охрид. Не постои поубаво раѓање и залез на сонцето, од оној во с. Трпејца. Таа глетка посакувам да трае засекогаш…

Кафето е…

најмирисниот пијалак без кој не можам да си го замислам моето утро.

мотив од шара
танчерки
антички инспирации

 

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....