22:28 - 22 декември, 2024

НУТРИЦИОНИСТКАТА МАЈА ВЕЛКОВСКА СОВЕТУВА КАКО ПОЛЕСНО ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОМИКРОН И ВИРУСИТЕ: Во текот на пандемијата се претера со несоодветна употреба на лекови и суплементи

Маја Велковска е дипломирана нутриционистка, првенка на генерацијата, активна е во едукацијата за нутритивната вредност на храната, за правилен начин на исхрана со цел превенција од болести и одржување добра општа здравствена состојба, диетотерапија при одредени заболувања и состојби и здрава исхрана за различни категории на граѓани, од деца до трудници и стари лица.

Денес со нутриционистката Велковска разговараме на актуелната тема омикрон и вирусни заболувања, како полесно да ги победиме, како и за светските трендови во исхраната на лица со кардиоваскуларни заболувања и канцер.

Во овој период од годината многу се чести вирусните инфекции, а омикрон варијантата зема замав. Каква според Вас треба да ни биде исхраната за превенција од вирусни заболувања?

– Единствено нешто што можеме да го постигнеме преку исхраната, кога се во прашање вирусните инфекции, е тоа да го одржуваме нашиот имунолошки систем во одлична форма, за да може соодветно да одговори на вирусните инфекции. Исхрана која ќе ни помогне во ова, е исхрана што се состои од здрави и непреработени производи, многу свежо овошје и зеленчук, со акцент на темно обоените овошја и зеленчуци, соодветен внес на здрави протеини и мудро искористување на сите бенефити што ни ги нуди одредена суперхрана како куркума, ѓумбир, пчелни производи итн.

Во случај на заболување со омикрон варијантата, што би можело да ни помогне за полесно да ја надминете болеста?

– Употреба на доволна количина течности во форма на вода, супи, чаеви, свежо цедени сокови, бидејќи соодветната хидратација на телото е многу важна при сите инфекции. Внес на природни пробиотици, преку кисела зелка, кефир и останати ферментирани производи. Употреба на намирници што имаат антивоспалителни, антиоксидантни, антивирусни и/или антикоагулантни ефекти: куркума (куркумин), ѓумбир, црвени овошја, темно обоени зеленчуци, омега 3 масни киселини (ленено масло/семе, рибино масло), јатки, семки. Соодветен внес на здрави протеини преку мешунки, јатки и семки, белки од јајце, риба и помали количини посни делови од месо.

 Еден од симптомите на омикронот е болно и воспалено грло, а во тој случај, храната тешко ја голтаме или таа предизвикува дополнителна болка. Што советувате?

– Постојат различни нешта што можат да ви помогнат при вирусни воспаленија на грлото, односно крајниците. Може да се употребува храна и останати средства што имаат антивоспалителни, антимикробни и регенеративни ефекти, т.е. средства што ќе ви помогнат да се смири воспалението, да се спречи развој на патогени микроорганизми на грлото/крајниците и да се помогне во регенерација на оштетените слузници во овие делови. Може да се употребува чај од ѓумбир; прополис; да се прави гаргара со разни чаеви како жалфија, камилица итн; гаргара со куркума, сол и вода; плакнење на устата со раствор на јод или вода со сода бикарбона; користење на разни пастили и спрејчиња што имаат антимикробни и антивоспалителни дејства, користење на разни облоги кои исто така имаат антивоспалителен ефект итн. Здравата храна полна со витамини и минерали и пиење доволно течности и чаеви секако дека исто така е многу важна.

Од почетокот на пандемијата листата на витамини и минерали, кои чинат прилично доста во аптеките, постојано се дополнува. Кои витамини ни се најнеопходни и наместо во апчиња во која храна да ги најдеме и во кои количини на храна?

– Суплементите, како и лековите, се потребни во одредени ситуации, но во текот на пандемијата се претера со нивна непотребна и несоодветна употреба. Сите витамини и минерали ни се неопходни, но можеби најважните во овие периоди се антиоксидантите како кварцетин, витамин Ц, цинк, селен, витамин А, Е…, и витаминот Д, како многу важен имуномодулатор. Овие витамини и минерали можете да ги најдете во кромидот, јаболката, цитрусните овошја, свежите пиперки, портокаловиот зеленчук, семките и јатките, а витамин Д, се синтетизира преку изложување на нашата кожа на сонце, но во одредени количини се содржи и во јајца, риба и фортифицирани млечни производи.

Каква доминантна исхрана препорачувате на лицата кои патат од кардиоваскуларни заболувања, а каква на оние кои се борат со канцерот? Што на ова поле велат актуелните светски трендови?

– И за двете групи се препорачува исхрана базирана на непреработени растителни производи, свежо овошје и зеленчук, интегрални житарки, мешунки, јатки и семки и помали количини риба, посни делови од живинско месо и ферментирани млечни производи. За лицата кои патат од кардиоваскуларни болести, посебно се важни антивоспалителните, антикоагулантните и средствата кои помагаат во намалување на нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта. Тука ќе ги споменеме лененото семе, оревите, чиа семето, рибата, куркумата, ѓумбирот, лук, кромид, црвените овошја, обоените зеленчуци, интегралните житарки и мешунките. За лицата кои се борат со канцер, најважни се намирниците што содржат антиканцерогени состојки и антиоксиданти, како зелкасти растенија – карфиол, зелка, прокељ, брокула, куркума, боровинки, ѓумбир, мешунки, семки и јатки.

Новогодишната и божиќна празнична сезона е зад над, многумина ќе се пожалат на покачена телесна тежина, а брзите диети секогаш се попримамливи. Верувате ли во брзо слабеење и како тоа да се постигне?

– Секако дека брзо слабеење постои, со многу рестриктивна исхрана, протеинска исхрана итн., но тоа не значи и дека брзото слабеење е секогаш здраво и дека секогаш е постигнато со одржлив начин на исхрана. Она што ни треба на сите нас е здрав и одржлив начин на исхрана кој ќе ни помогне постепено да стигнеме до нашата идеална телесна маса, и да успееме и да ја одржиме, со текот на времето.

Многу популарна во последно време, особено меѓу младите, е диетата наречена кето. Кои според вас се предностите на оваа диета, а гледате ли во неа штетни страни?

– Кето исхраната е доста популарна периодов и да, со неа може да се постигне побрзо слабеење, но според мене стриктната кето исхрана, која содржи многу мала количина јаглехидрати, не е баш одржлив начин на исхрана за подолг период за секого, бидејќи доста намирници се исклучени од кето исхраната и изборот на храна е делумно лимитиран. Сè си има и предности и штетни страни, и на секоја личност ѝ одговара различен начин на исхрана. Сепак, јас ниту практикувам ниту препорачувам кето исхрана, но го почитувам фактот дека секој има право на свое убедување и на сопствена одлука за тоа како ќе се храни.

Може ли да ни откриете нутритивен рецепт за подмладување?

– Здрава исхрана, богата со многу антиоксиданти, плус физичка активност и грижа за менталното, духовното и социјалното здравје.

 

 

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....