Марко Маринковиќ-Слаткаристика деновиве престојуваше во Велика Британија, каде што настапи во Лондон и Оксфорд, а на патувањето друштво му правеше и неговиот помал брат Стефан, познат како диџеј Че.
Слаткар објави неколку моменти од нивниот престој во британската престолнина. Браќата се возеа со лондонското метро, шетаа низ градот, а раперот сподели и кадри од центарот на Лондон, пред препознатливиот Биг Бен.


Марко и Стефан не се поврзани само како браќа, туку и преку музиката. Стефан настапува како диџеј Че, а неодамна беше дел и од големиот концерт „Слаткаристика и пријателите“ на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, каде што имаше свој настап.
Токму семејството е важен дел од животната и музичката приказна на Слаткар. Една од неговите најлични песни, „Да полетам“, е создадена од спомените за детството и периодот кога неговото семејство се соочувало со тешка финансиска состојба. Слаткар ја нарече песната приказна на своето семејство и рече дека таа на некој начин останала негова „лична карта“.
Тој тогаш се присети и на реакцијата на татко му кога ја напишал песната.
„Татко ми велеше: ‘Ајде сине, немој, па зарем не ти е срам’. Мене не ми беше срам да го кажам тоа што ме мачело, би ми било срам само доколку крадам или лажам“, раскажа Слаткар неодамна објаснувајќи дека со „Да полетам“ првпат толку отворено ја покажал својата приватна страна пред јавноста.
Години подоцна, семејната приказна има поинаква слика. Слаткар патува и настапува надвор од Македонија, а покрај него е и брат му Стефан, со кого ја дели љубовта кон музиката. Токму фотографиите од нивното заедничко патување во Лондон потсетуваат на патот за кој Слаткар пее во „Да полетам“, од тешките моменти до големите сцени.
Пред настапот во Лондон, раперот и самиот се наврати на своите почетоци: „Јас сум дете од Ново Лисиче. Некогаш немав ништо во животот освен лист, пенкало и сон. Никогаш не престанав да сонувам…“
Слаткаристика настапи во Лондон на 16 септември, а два дена подоцна и во Оксфорд, како дел од „Македонски денови на културата 2026“. На програмата беа и Националниот ансамбл „Танец“, бендот „Емигранти“ и македонски фолклорни организации од Велика Британија.
