11.8 C
Скопје
04:18 - 3 мај, 2024

Ќе стане ли конечно Јабланица Национален парк: Премногу убавина на мала територија што мора да се зачува и брендира

Трпе Ѓоргоски, Богоја Кумбароски и Јованчо Секулоски се моторните сили што ја туркаат иницијативата за заштита на планината Јабланица преку донесување Закон за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје во категоријата Национален парк. И навистина – секоја им чест – неуморни се во тоа што го прават, земајќи предвид дека иницијативата се турка повеќе од 15 години, а работите се движат со брзина на желка со тежок оклоп. Соговорник ни е Јованчо Секулоски, а разговорот го отвораме со убавините на Јабланица и единствените богатства кои ги има планината, а кои треба итно да се заштитат.

Вредностите на планината Јалбаница кои заслужуваат трајна грижа се многубројни. Исклучителни се вредностите на глацијалниот рељеф на висоите терени на планината, четирите глацијални езера, петте циркови, фосилните карпести глечери во Вевчанскиот и Подгоречкиот цирк, камените реки во близина на врвот Стрижек и структурните мразни и полигонални почви кои ги има уште само во високите планини на Мароко и Либан. Заслужуваат трајна заштита богатите костенови, дабови, букови шуми и стеблата со молика, илјадниците видови папрати, голосемени и цветни растенија од кои 9 видови се на листа на загрозени видови растенија и 2 се локални ендемити, како и стотина видови габи од кои дури 86 може да се користат во исхраната. Значајни се и водоземците, меѓу кои балканската речна жаба, балканската речна жаба, огнената жаба и македонскиот тритон се ендемични на Балканот. Замислете, со своите 27 вида на влечуги планината Јабланица поседува поголемо богатство на вакви видови животни отколку целата територија на Северна Европа, односно е на исто ниво како сите земји од Средна Европа заедно. Јабланица е дом и за стотина видови дневни пеперутки и 40 видови терестрични полжави меѓу кои 17 ендемити. Богатството со птици, меѓу кои се среќаваат и златниот орел, брадестиот мршојадец и карполазачот, е непроценливо. На Јабланица живеат и 40 видови цицачи, меѓу кои и крупни месојади, како мечката и волкот, но и загрозениот рис. Да не го заборавиме и непроценливото историско и културно наследство кое го има во изобилство – ни објаснува Секулоски.

Јованчо Секулоски

Иницијативата за прогласување на Јабланица за Национален парк започна пред повеќе од 15 години, во меѓувреме, подрачјето од албанската страна е заштитено од 2008 година, на што кај нас се должи одложувањето?

– Додека иницијативата пред петнаесетина години започна, на некој начин наметната одозгора надолу, како меѓународно поддржан научен проект со племенита цел – да се спаси клучниот биокоридор за рисот кој од Караорман, преку Јабланица, преминува во Албанија, со прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје од категорија на Национален парк од двете страни на границата, иницијативата која што није ја покренавме на крај на 2017 година тргна, онака како што е и ред во едно граѓанско општество, одоздола нагоре. Соочени со фактите дека мал број наши сограѓани, бескрупулозно и безобразно, од лукративни причини краткорочно полезни само за нив, преземаат незаконски активности кои што предизвикуваат катастрофални неповратни штети и за планината и за целокупната заедница, ние како група ентузијасти од неколку јабланички села тргнавме со идеја дека е крајно време да се разбудиме и конечно нешто да преземеме. Затоа ја возобновивме иницијативата за прогласување на Јабланица за Национален парк и на нашата страна од границата. Искрената желба на граѓаните кои што живеат на подрачјето на планината за заштита на овој природен и историски балкански бисер беше изразена преку потпишувањето на иницијативата, во рекордно време, од страна на сите претседатели на месни заедници што се наоѓаат во рамките или во непосредно соседство на предложените граници на идниот Национален парк. Во мај 2018 година градоначалниците на општините Струга и Вевчани со своите потписи застанаа зад иницијативата, со што јасно и јавно ја демонстрираа својата безрезервна поддршка за овозможување трајна и одржлива заштита на раритетните гео-морфолошки вредности и биолошката разновидност на планината Јабланица и за спречување на натамошното деградирање и трајно уништување на нејзините природни и културни богатства преку нивната неконтролирана експлоатација. Иницијатавата во октомври 2018 година беше официјално поддржана и од ресорното министерство, а во јануари 2019 година и од самата Влада на нејзината 116-та седница.

Какви се реалните надежи, односно шанси, конечно да се дотурка оваа иницијатива?

Надежите се големи од три прични: безрезервната поддршката од заедницата, институционална поддршка изразена преку поддршката од општините Струга и Вевчани, ресорното министерство и Владата и веќе, во најголема мерка, завршените научни студии за валоризација на природните вредности. Чекаме Владата да го даде последниот импулс во поддршката да се изодат последните чекори пред Јабланица конечно да го добие статусот што го заслужува – заштитено подрачје од категорија на Национален парк. Она што пак најмногу ни дава надеж е согледувањето дека свеста на заедницата созреала до степен на разбирање дека убавината е тука за да ја заштитиме и да ја зачуваме и за нас и за тие што ќе дојдат по нас.

Екологистите се гласни да се запре со дивото сечење на дрва од планината, што реално се презима околу ова прашање?  

– За жал, додека екологистите се гласни, надлежните органи како понекогаш да се слепи и глуви, бидејќи пред нашите очи засекогаш исчезнува бесценето и неповториливо богатство – не само преку таканареченото диво сечење, туку можеби и повеќе преку прекумерната „легална“ сеча на шумата. Тука е и прекумерната експлоатација на минерални суровини – познат е случајот на каменоломите во близина на Лабуништа и Боровец кои сериозно го загрозуваат и здравјето на луѓето. Деградирањето на просторот преку нелегална изградба на несоодветни места е сеприсутно во државата и подрачјето на Јабланица, за жал, не е исклучок од правилото.

Што би значело за развојот на туризмот во оваа област, според Вас, доколку Јабланица стане национален парк?

Можеби доволно кажува дека единствениот организиран туристички живот на падините на Јабланица е развиен токму таму каде што се наоѓа единственото заштитено подрачје на планината – Споменикот на природата Вевчански извори. Брендирањето на подрачјето како Национален парк ќе го амбицира поширокото население конечно пред целиот свет да го прикаже овој бесценет бисер – кој што и по својата етничка и конфесионална структура навистина ја претставува државата во мало. Премногу убавина на малечка територија која што треба да се зачува, да се негува и да се прикаже во целиот нејзин сјај пред сите добронамерни гости – ете го рецептот за идниот одржлив развој на целиот регион. 

Слични објави

„Зошто браќа?“: На Јелена Карлеуша откажан ѝ е настап во Црна Гора

еспресо

Џина Џиновиќ повеќе не може да молчи: Јавно се закани, хаос во вилата во Сењак

Еспресо

(Фото) Врелите фотки на Ена Попов го запалија интернетот: Пејачката го покажа телото во секси бикини

Еспресо

Наташа Беквалац ослабела 10 килограми: Пејачката откри кои намирници се дел од нејзиното мени

Еспресо

„Ете пак…“: Никола Роквиќ доживеа трогателен момент по патот кон Грција

Еспресо

Синовите на Лепа Брена имаат уште по едно име: Стефан го откри неговото вистинско име и на брат му

Еспресо
Се вчитува....